Филипче, би се вакцинирал меѓу првите, без резерви
6 февруари 2021Македонскиот министер за здравство, Венко Филипче денеска соопшти дека во понеделник ќе биде потпишан договорот за набавка на 200.000 вакцини за Ковид-19 од Кина, и изрази надеж дека за најкраток можен временски рок тие ќе стигнат во земјата.
Филипче информираше и дека во текот на изминатите денови е адаптиран и националниот план за имунизација, при што вакцинацијата ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и пунктови за вакцинација. Министерот очекува,со работа на пунктовите со полн капацитет, да се вакцинирааат од 2000 до 2500 граѓани.
Согласно планот од четири фази на имунизација, први ќе бидат вакцинирани сите лица од најризичната група, таа е поделена на две групи: здравствените работници кои работат со Ковид-пациенти и сите граѓани над 70 години.
Повеќе:
-Македонија спушти Железна завеса за вакцините
-Коронавирус: 175.200 дози вакцини на „АстраЗенека“ пристигнуваат во март
-Февруари дојде, ќе дојдат ли и вакцините?
Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик и останатите здравствени работници. Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности при кои не можат да одржуваат физичка дистанца и во последната фаза практично сите граѓани коишто сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
Венко Филипче, посочи дека нема резерва кон ниту една вакцина и оти би се вакцинирал меѓу првите со која било вакцина што прва ќе пристигне во земјата. Според него, постои отвореност и за руската вакцина, но во овој момент, како што рече, властите нема да преземаат ништо конкретно кон ниту еден друг извор на вакцини, од една страна за да се види како ќе тече процесот на имунизација и понатаму за да види каква ќе биде динамиката со која ќе стигнуваат вакцините од другите инструменти.
„Ќе бидеме една од ретките земји која во прв момент ќе обезбеди значајна количина на вакцини за сериозно голем процент од населението“ рече Филипче, додавајќи дека земјата има обезбедено 800 илјади вакцини од Ковакс механизмот и за исто толку разговара со компанијата „Фајзер“.
Договорот со американскиот фармацевтски концерн, како што рече министерот, се очекува практично секој ден. Тој нагласи дека здравствените власти ќе сторат сѐ што треба за откако процесот на вакцинација ќе започне, воопшто да не запре.