„Македонија бојкотира“ преминува во „Македонија блокира“!
5 ноември 2018Нацрт-амандманите на Уставот кои Владата минатата недела ги достави во Собранието, стануваат полигон за најави на нова „ќосевизација“ на македонското секојдневие. Партијата „Единствена Македонија“ која се изјаснува како приврзаник на идејата за стратегиско партнерство со Русија, соопшти дека вчера 84 организации - партии, невладини организации, граѓански иницијативи од земјата и дијаспората, потпишале Повелба за стратегиска соработка со која се предвидува формирање на Кризен штаб против промена на Уставот на Република Македонија, распуштање на Собранието и распишување на предвремени парламентарни избори.
„Кризниот штаб ќе организира сенародни протести пред Собранието на Република Македонија, пред домовите на одметнатите и уценети пратеници, блокада на патишта и гранични премини и други форми на отпор под чиј притисок Владата и Зоран Заев ќе бидат принудени да си заминат. Антимакедонските политики го допреа врвот. Или ќе дозволиме марионетската власт во Скопје да избрише сѐ што е македонско, или ќе победиме за да останеме свои на своето. До таму е дојдено, или тие или ние. Целта на сенародниот отпор е со еден услов, а тоа е избори без Зоран Заев како премиер“ - било истакнато на потпишувањето на Повелбата за стратиска соработка. Како што соопшти „Единствена Македонија“, Кризниот штаб против промена на Уставот, за распуштање на Собранието и распишување на избори ќе настапува под слоганот „Македонија блокира“.
МВР ја гарантира безбедноста
Од МВР и денеска повторија дека ја гарантираат безбедноста на сите граѓани и на пратениците. Тие потенцираат дека според безбедносна проценка веќе се обезбедуваат домови на пратеници, но и дека гранични премини не може да се блокираат.
Неколку дена претходно, и организациите Македонски Обединети Сили (МОС) и „Тврдокорни“, најавија дека „следен проект за кој ќе преземат одговорност ќе биде развивање на национално „Движење за враќање на Македонија на Македонците“, чии носители ќе бидат родољубните организации со неизвалкана морална сила на делување и сите храбри слободумни луѓе, со координативно тело наречено Родољубен Совет и главна цел - враќање на македонскиот национален суверенитет. Оттаму најавуваат тоа ќе биде самостојно организирана форма на дејствување, затоа што сметаат дека „соодветно на радикалноста, решителноста, тврдокорноста можат да применат начела битни за успехот, а кои се изоставени во другите здружени сојузи“.
Жестоки критики од ВМРО-ДПМНЕ
Дали ваквите најави ја заобиколуваат најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ? Прашањето произлегува од фотографија што ја објавија неколку портали, од наводна средба меѓу потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, и советникот на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, чие име беше поврзано со присуството на акредитираниот офицер на БИА, Горан Живаљевиќ, на 27-ми април 2017 година во парламентот. Засега нема партиска потврда или демант за средбата, но од партијата веќе највија жестока критика на нацрт-амандманите. Како што изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за ТВ „Сител“, на денешната координација ќе се договара настапот на опозициските пратениците во дебатата за уставни измени. Тој вели дека одлуките кои стигнуваат во Собрание ги добиваат сосема неочекувано. Како пример го посочи вметнувањето на Охридскиот договор во амандманите, нешто што претходно не било предвидено, а што автоматски повлекува и промена на стратегијата за тоа како треба да се делува во парламентот.
„Јас очекувам една жестока критика од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 'За подобра Македонија' на сето она кое што ќе биде предложено од страна на владејачкото мнозинство и од Владата во рамките на комисиската расправа, а потоа и во собраниската расправа. Да биде демаскирано и презентирано пред македонската јавност сето она кое што претходно го излажаа од страна на владејачкото мнозинство да види со какви политичари има работа по кој знае кој пат, кои што едно зборуваа претходно, а друго имплементираат на дело“, рече Мицкоски.
Повеќе:
Салто во ВМРО-ДПМНЕ: Веќе не е можен подобар Договор со Грција!
Опозицијата ќе ја чува Македонија преку „Македонска платформа“
Од СДСМ одговорија дека „на антинародниот Мицкоски досега требало да му стане јасно, дека неговата политика на одбрана на криминалот на Груевски преку деструкција, кочење и блокади - е поразена од мнозинството граѓани и од мнозинството пратеници во Собранието“.
„Сите пратеници, а особено преостанатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ треба да ги поддржат уставните измени и преку процесот во Собранието заеднички да обезбедат иднина во ЕУ и НАТО. Особено сега, кога амандамните се пред јавноста и сѐ е кристално јасно и потврдено: македонскиот идентитет е зајакнат и обезбеден, а отворени се вратите за членство во НАТО и ЕУ“, порача СДСМ.