1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Салто во ВМРО-ДПМНЕ околу Договорот со Грција!

2 ноември 2018

Најсилна поддршка за нацрт-амандманите кои денеска треба да бидат доставени до парламентот, практично даде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со изјавата: „Подобар Договор со Грција веќе не е можен!“

https://p.dw.com/p/37Xkh
Mazedonien pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Подобар Договор со Грција веќе не е можен. Стојам на ставот дека Договорот е лош, но сега, со односот на СДСМ, по сѐ што се случи, сме во еднонасочна улица. За жал, сите ние ќе мора да живееме со Преспанскиот договор“, изјави синоќа за „Фактор магазин“ потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Ваквиот став е во целосна спротивност од сите досегашни изјави на Николоски и на партискиот лидер Христијан Микцкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме владата, ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција, договор што ќе биде балансиран и во корист на Македонија, a не само во корист на Грција“, изјави Николоски на 16-ти октомври на конференцијата на ЕПП со наслов „ЕУ-Западен Балкан - како заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина?“

Ваквиот став Николоски го повторуваше во речиси сите јавни настапи од јули до октомври, и тој беше идентичен со ставот на партискиот лидер: дека идна влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне подобар Договор со Грција. Дури и по обезбедувањето на двотретинското мнозинство во парламентот за пристапување кон уставни измени, ваквата реторика не запре. Од ВМРО-ДПМНЕ изјавуваа дека ништо не е готово, и дека до крај ќе се борат да го спречат имплементирањето на Договорот од Преспа. 

Повеќе: Опозицијата ќе ја чува Македонија преку „Македонска платформа“

Што се случи? Лош ден на Николоски, замор, невнимание, хаос или нов пресврт во партијата? Да биде иронијата поголема, Мицкоски во синоќешното интервју на ТВ „Алсат“, објасни дека седумте нивни пратеници се исклучени од партијата бидејќи постапиле спротивно на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ не е хорско друштво, па секој да пее во различен тон“, рече Мицкоски. 

Чудно е што демантот за тонската усогласеност стигна токму од партискиот потпретседател. Особено што изјавата на Николоски претходеше токму на денот кога Владата по денешната седница треба да ги достави до парламентот нацрт-амандманите на Уставот, кои се обврска од Договорот од Преспа. 

Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE
Лош ден на Николоски, замор, невнимание, хаос или нов пресврт во партијата?Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

Консензус за нацрт-амандманите

Токму за таа цел, премиерот Заев синоќа ја оствари втората средба со осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, на која беа направени последните консултации за нацрт- амандманите на Уставот.

„Разговаравме за детали за амандманите. На првата консултација беа дадени насоките, а на оваа втора консултација зборувавме за суштината. Сега се повлекуваме во Владата за да ја скицираме целата содржина на амандманите, кои преточени во текст ќе бидат уште еднаш испратени на консултации и верувам дека ќе бидат потврдени од новата пратеничка група, со цел да бидат утврдени и на владината седница“, изјави синоќа премиерот.

Тој најави дека секој пратеник во Собранието има можност да додаде свои дополнувања на предложените нацрт-амандмани.

„Ова го кажувам зашто остануваме отворени за сѐ што е во духот на договорот, сѐ што е возможно, за да направиме инклузивен процес којшто би предизвикал поголем обем на консензус во македонскиот парламент, со конечна цел да застанеме заедно, како што ни личи. Верувам дека има пратеници коишто веруваат дека ова е единствениот начин Македонија да ја обезбеди својата иднина, а тоа е интеграцијата во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Верувам дека имаме фер и праведен Договор од кој добиваат и Македонија, и Грција. Верувам дека времето многу бргу тоа ќе го потврди, и дека сме на вистинската страна“, порача премиерот.

Повеќе: Заев: Нема потреба од ширење на Пандорината кутија

Пратеникот Крсто Мукоски посочи дека на средбата разговарале за четири амандамани предложени од осумте пратеници, и дека добиле потврда оти ќе им бидат прифатени.

„Постојат два начина: или тие да бидат инкорпорирани во амандманите што ќе ги достави Владата до Собранието, или пак, во напредната фаза да се поднесуваат како наши амандмани на амандманите од Владата. За тоа дополнително ќе одлучиме, но како и да е, битно е што Владата имаше слух и сенс за нашите барања. Со тоа ние сме убедени дека ќе направиме дополнителна заштита во зацврстување и зачувување на македонскиот идентитет, на македонското културно-историско наследство и на македонскиот јазик“, изјави Мукоски.

Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Нацрт-амандманите на Уставот денеска треба да бидат доставени до ПарламентотФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Повик за вонреден Конгрес

Дали ваквите најави ќе ги охрабрат и другите пратеници да дадат поддршка на амандманите? Од ВМРО-ДПМНЕ се цврсто убедени дека веќе ниту еден нивен пратеник нема да даде поддршка, а во владејачкото мнозинство се надеваат дека тој број ќе расте. Мицкоски синоќа изјави дека и покрај оставките во Унијата на жени и во Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, партијата е монолитна. Но, партиски извори неофицијално тврдат дека не се исклучени нови турбуленции поради незадоволство од политиката на партискиот врв. Со такво незадоволство денеска се огласи и ВМРО- ДПМНЕ - Демократска фракција, истакнувајќи дека се „згнасени од леснотијата со која и поранешните и сегашните членови на ВМРО-ДПМНЕ им нанесуваат штета на историското ВМРО и на државата“. Оттаму сметаат дека последните случувања „се добро смислена игра за доразнебитување на партијата преку активирање на инфилтрани структури и врбување на ситнодушни користољубиви членови, во пресрет на претседателските избори“.

„Христијане Мицкоски, поради сите грешки кои ги направи досега, доколку не се освестиш навреме и доколку не се обидеш да ја надминеш сопствената суета, твоето претседателствување ќе трае најдолго до завршување на претседателските избори. Затоа, Демократската фракција за последен пат ти порачува: докрај и без никакви калкулации да расчистиш со сите криминални структури во партијата и партиските мешетари. Да ги ослободиш од партиски функции сите оние за кои се водат обвиненија, или предистражни или истражни постапки до завршување на истите и да им се извиниш на граѓаните за сторените зла во име на партијата“, се вели во реакцијата.

На крајот му порачуваат да не се плаши од закажување вонреден конгрес, на кој ќе присуствуваат демократско избрани делегати и на кој целта е со промена на Статутот да се демократизира партијата, да се зајакне евроатланската ориентација, и да се зајакне партиското водство преку нов времен тимски пристап.