1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Кој тактизира околу наводите за криминал во урбанизмот?

Костадин Делимитов
12 октомври 2018

Граѓаните гледаа спас во новата локална власт, но градежниот хаос и натаму царува, а расчистувањето со него остана само празно предизборно ветување. Наместо решенија, се случува нов хаос во главниот град

https://p.dw.com/p/36Kel
Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Ветуваа расчистување на урбанистичкиот хаос, а создадоа уште поголем хаос, но и граѓански револт. На скопјани им „пукна филмот“ од градежното дивеење во метрополата. Ако претходната власт ги игнорираше нивните апели и критики и си тераше свои бизнис интереси, дел од сегашната ги изигра, ветувајќи им дека ќе ги расчисти индициите за криминал за кој самата, од позиција на опозиција гласно предупредуваше. Но една година подоцна, од оваа операција не само што нема ништо, туку напротив, кај дел од градоначалниците таа премина во правдање дека рацете им биле врзани поради законски процедури. Кулминација е случајот во општина Аеродром, каде граѓаните се кренаа откако увидоа дека ветувањата на градоначалникот Златко Марин биле предизборен популизам. Нивниот револт испровоцира времено запирање на започнатите градежни активности на спорниот објект на една од зелените површини, но далеку дека го реши проблемот. Бараат одговори, но и одговорност за состојбите:

„Не може да тврдите кога сте во опозиција дека имаме криминално носење на Детални урбанистички планови, а кога ќе дојдете на власт да велите дека рацете ви се врзани. Недозволиво е и пред сѐ треба да си стојат на зборот. Доколку не се во можност да го направат тоа што го ветиле, најмалку што можат е да си поднесат оставка и нека го прави тоа некој друг што може. Не е во ред да добиваат гласови и позиции на ветувања што не можат да ги остварат“, реагира граѓанскиот активист Невена Георгиевска.

Демек се чека, се работи, а ништо не се случува

Случајот со општина Аеродром не е единствен во македонската метропола. Карпош, Центар, но и повеќе други општини кои низ годините веќе се преплавени со двојно повеќе жители и натаму се мета на градежната офанзива. Таму сѐ уште никнуваат огромни станбени објекти, иако граѓаните и редица невладини организации бараат не само запирање, туку и ревизија на плановите. Она што е клучно, според упатените, е брзата реакција, која за жал во поголемиот дел изостана. Дел од активистите предупредуваат дека правдањата на општините дека биле законски спречени воопшто не држат:

„Според Устав, Закон на Град Скопје и според деловникот на општините, ако има волја тие може да донесат одлука да направат ревизија на тоа за што има сомнеж, а потоа, ако сѐ е во ред, нека продолжат. Вакво барање ние имаме поднесено во општина Карпош кое четири месеци не е ставено на дневен ред на Советот, иако бевме поддржани од двајца советници. Сѐ уште чекаат одговор од транспорт и врски што нема логика, ако треба да се толкува закон тогаш треба да се праша Собрание, а не министерство. Сѐ се оди на тоа дека чекаме, работиме, а во суштина ништо не се случува. Едноставно гледаат работите да поминат и да демотивираат граѓански активизам, но еве малку и граѓаните се освестија во овие години и научија како и што да бараат“, реагира Георгиевска.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но проблемот е што и онаму каде што се реагира, епилог нема. Какви се апсурдите покажува случајот со општина Центар. Наспроти Карпош, каде со одлука на Уставниот суд за неколку планови во Карпош граѓанските иницијативи извојуваа само „пирова“ победа, во најатрактивната општина локалната власт прогласи мораториум. Безмалку една година таму е запрено градењето и проектирањето. Но епилог од чешлањето на спорните процедури сѐ уште нема. Стручната јавност предупредува дека ваквите состојби се недозволиви и предизвикуваат дополнителни штети:

„Треба да се направи ревизија и тоа брза. Да реагирате ако видите дека има противзаконски работи. Вака страдаат и градежници и архитекти за кои сум загрижен. Стопирани се легални проекти. Во Центар е запрено скоро цела година, а слушаме изјави дека има криминал. Но јас досега немам видено за овој, како и за било кој друг криминал, лице кое е одговорно за тоа и да се води постапка“, реагира Мартин Пановски, претседател на Асоцијација на архитекти на РМ.

„Нема урбана мафија, тоа е мафија“

Јавноста веќе одамна бара одговори, но и одговорност за состојбите од минатото, кога буквално преку ноќ, во проблематични процедури, па дури и насила се носеа планови кои го обезличија, а во дел и унаказија главниот град. Оттука, според Пановски, е недозволиво да се зборува само паушално за криминал, а уште повеќе и во него да се инволвира стручната фела:

Архитектите бараат ревизија на „Скопје 2014“

„Како асоцијација на архитекти ќе реагираме, бидејќи работите во јавноста малку отидоа во друга крајност. Не може да се става во кош цела фела. Се знае, ако е некој криминалец се кажува со иницијали. Вака се девалвира комплетната професија. Мора да се каже кој го направил криминалот, ако веќе се утврдило. Сите кажуваат, дури и самите градоначалници дека има криминал. Па кажете го кој е, а потоа се знае, си има обвинителство, криминална процедура. Зашто, урбана мафија не постои. Тоа е мафија. Ако општо кажете дека има криминал во планот, можеби не е инвеститорот вмешан, можеби едноставно урбанистот направил криминал. Ако видите дека има, го апсите, па потоа гледате дали правел други работи и завршува приказната со ДУП и проверувате дали има и други. Не може да се 'зезате' една година и да велите ќе следиме. Вака не оди“, предупредува Пановски. 

Повеќе: Може ли некој да и застане на патот на урбаната мафија во општините?

Потребна е брза ревизија

Целата операција на ревизија го опфаќа, или треба да го опфати и проектот Скопје 2014, кој целосно го промени ликот на централното градско подрачје. Досегашната операција донесе само јавни предупредувања дека целиот процес се водел спротивно на процедурите, а во делот на спомениците без учество на законодавниот дом, што во добар дел ги прави и дивоградби. Но, освен уривањето на споменикот на Ќосето пред комплексот судови, друга разрешница нема. Овој мега проект за кој првично беше најавувано дека ќе чини 80 милиони евра, проголта речиси девет пати повеќе.

Повеќе: Расчистувањето со урбанистичкиот хаос, произведува нов хаос!

Инаку, експертската јавност веќе подолг период алармира дека стихијната и непланска урбанизација на Скопје ќе има сериозни последици по квалитетот на живеењето. Клучниот проблем е што бизнис интересите имаат приоритет пред потребите на граѓаните:

„Градењето за општините е атрактивно, бидејќи тоа е извор на финансии од платени комуналии. Но тие треба да бидат добри менаџери и да најдат пари од друга страна, а не да се оди само со профит преку ваков начин. Да, моментално можеби има чар, но долгорочно тие носат само штета, ќе треба нова инфраструктура, ќе има сообраќаен метеж, оптоварување на водовод и канализација и слично. Мора да се води сметка и мора да се стави крај на непланското градење и планирање“, реагира Георгиевска.

Според проценките, само во Карпош, Центар и Аеродром за неполна деценија се изградени над 15 илјади станови.