1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мегаломански апетити во градежништвото

Костадин Делимитов19 март 2016

Граѓаните и експертите се се` погласни против „бетонската окупација“ на зелените површини. Во битката за поголем профит надлежните заборавија на интересот на граѓаните кои протестираат, но политички се дискредитирани!

https://p.dw.com/p/1IFd9
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Нови згради, висококатници, трговски центри, паркинзи наместо паркови, зеленила, детски игралишта. Урбанизацијата на македонската метропола во последниве години добива загрижувачки димензии. Речиси и да нема слободна површина на која не е изградена или пак се планира изградба на некаков објект. Една по една, секојдневно никнуваат нови згради, а веќе станува и правило секоја што е понова да биде повисока и поширока од постарите. Ваквиот тренд веќе не е „привилегија“ само на централното градско јадро, туку се` повеќе се шири кон периферијата. Експертите кои веќе одамна го вклучија алармот предупредуваат дека динамиката на процесот добива загрижувачки димензии, чии последици можат да бидат катастрофално непоправливи. Веќе стана правило деталните урбанистички планови постојано да се менуваат, дополнуваат и прекројуваат во интерес на инвеститорите. Експертската јавност предупредува дека во битката за комуналии ќаруваат поединци, а губат граѓаните:

„Клучниот проблем е непостоењето на Генерален урбанистички план според кој би требало да се изведуваат деталните урбанистички планови. Во вакви услови оние што ги прават деталните планови прават што и како сакаат и оттука произлегуваат сите аномалии. Немаме Завод за урбанизам, оној каков што беше порано, каде работеа врвни професионалци кои пристапуваа многу совесно и одговорно на овие процеси, а деталните планови ги изведуваа врз основа на тој генерален план. Сега тоа не постои и се` е останато во рацете на градоначалниците кои јас ги викам феудалци и прават што сакаат. А, за жал тие се прилично неуки, необразовани и државата е падната на едно многу ниско ниво. Едноставно е жално ова што ни се случува, се менува се` и се прават непоправливи штети. Тоа е резултат на оние што се на врвот, а тие се тотални аналфабети во урбанизмот. Експертите речиси и да ги нема, нема ништо, не се сака и воопшто не се вложува во нив. Едноставно нема совест кај луѓето што се на позиција, тие гледаат сѐ повеќе да зграбат, повеќе мислат за сопствениот џеб, а малку за државата. Ова што ни се случува е вистинска катастрофа, не само во агресивниот процес на градење, туку и во целиот процес на бришење на еден историски период кога се градеше во духот на современата архитектура, а сега тоа се прави во духот на стиропорот“, предупредува реномираниот архитект, професор Ѓорѓи Константиновски.

Дискредитација на протестите

Мегаломанските апетити стануваат одлика речиси на сите локални власти во метрополата. Граѓаните се мобилизираат, реагираат и протестираат ,но многу тешко успеваат нешто и да променат. Проблем е што неретко и нивната активност политички се дискредитира. Пример за тоа се случувањата во Општина Карпош, каде гласните реакции на граѓаните наидоа на жестоки контраобвинувања од општинската власт:

„Општинарите, градоначалниците, не само во Карпош, туку генерално, ги сметаат граѓаните или пак се однесуваат кон нив како да се поданици. Локалната самоуправа не треба да доаѓа од партијата ,но кај нас за жал се случува тоа. Општината се поставува како да е сопственик, а не сервис на граѓаните. Ај што продаваат имоти што не се нивни, што се јавни, но не дозволуваат и некој да се побуни. А причините заради кои се реагира е што со таквите градби се нарушува квалитетот на живот и тоа сериозно. Не се работи за комоција, туку за елементарен простор за живот, да дишеме. Но очигледно дека интересот е само во парите, а општинарите се обидуваат да профитираат од високата вредност на живот во општината. Општината треба да служи во интерес на граѓаните, а ние имаме ситуација во која градоначалникот излегува и вели дека она што се прави е во интерес на инвеститорите. На барање на инвеститорите. Тоа е во најмала рака основа за истрага за корупција, затоа што интерес на инвеститорот се парите, а не квалитетот на живеење. На пример, Карпош 4 има висока вредност затоа што има квалитет на живот, а тие се обидуваат тоа да го продадат, но со тоа драстично се урива вредноста. Така што ќе се излажат и оние што живеат, но и оние што ќе купат. Ние реагираме, се буниме, но за се` добиваме куси одговори дека се работи според закон, а законите очигледно е дека при носењето се штелуваат во интерес на политиката, а не на граѓаните. Се обидуваат по секоја цена да ги истераат своите планови, со ставање дополнителни маркици, дополнителни градби, сѐ што носи дополнителен профит за некого, не само за инвеститорите. И тоа со каков ентузијазам им се излегува во пресрет. Мораме со борба, со активност, затоа што кога ќе дојдат багерите на терен ќе биде доцна“, реагира Слободан Михајловски, жител на Карпош.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Мегаломанските апетити стануваат одлика речиси на сите локални власти во метрополатаФотографија: DW/N. Velickovic

Неадекватен развој

Дел од експертската јавност предупредува дека Скопје како најголема урбана целина веќе одамна станува неизбежна тема кога станува збор за неадекватен развој на државата:

„Градот наместо да биде визија за развој претставува кочница. ГУП-от е пропуштена шанса за градот, но и целата земја да има јасна визија за развој. Со урбано планирање се` повеќе наместо професионалци се занимаваат групи од кругови на политичка и финансиска моќ. Затоа кратковидоста во планирањето е логична последица. Згора на сѐ, постои и Закон за легализација на бесправно изградени објекти. Јасно е дека бесправната изградба е резултат на отсуство на урбана политика. Со легализација на хаосот само уште повеќе се потврдува дека квазиурбанизмот раѓа лоша архитектура. Треба да се изврши реконструкција на сегашните правилници по кои се изработуваат деталните планови, нивно донесување да биде транспарентно и да бидат вклучени сите релевантни фактори - од планери до корисници на просторот. Секако дека мора градоначалниците и урбанистите во општините да умеат да проценат што е тоа што му треба на ДУП-от. Меѓутоа последниот збор го има Министерството за транспорт и врски, кое стои во сенка и кое ја дава согласноста, се разбира по диктат на власта. Планирањето и урбанизмот доаѓа исклучиво од потребата на инвеститорот кој ќе ни покаже што и како ни треба. Тоа значи дека и нарачателот и планерот на ДУП-от однапред се откажуваат од урбанистичко планирање ако просторот не ги задоволува потребите на стоката која треба по секоја цена и што побрзо да се продаде. Планирањето директно зависи од потребите на нарачателот, а никако од општествените потреби, јавниот интерес, одржливиот развој и се разбира - убав град. Системот на урбанистичко планирање е во спрега со инвеститорот, а архитектот е протагонист. Одговорот е секогаш дека планот е во склад со Законот и правилниците и тоа е така, но тие се свесно направени како би можело да се спроведе нарачаното и по потреба се менуваат“, коментира за Дојче веле Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, претседател на Асоцијацијата на архитекти.

Mazedonien - Land und Leute
Бесправната изградба е резултат на отсуство на урбана политикаФотографија: DW

„Мора да се стави крај на безумието во урбанизмот“

Клучниот проблем, според нејзе, е што во услови на една безмалку безизлезна состојба никој од одговорните не застанува во одбрана на јавниот интерес. Дел од вината за состојбите, според неа, лежи и кај самите граѓани:

„Случајно имав можност да ги видам барањата на жителите на Дебар маало на јавната анкета, ве уверувам дека 80% од барањата на жителите беа уште поголема квадратура на изграденост, се разбира кога се работи за нивните парцели. Така да тоа спасување на зеленило, сонце, воздух и слично, не е секогаш искрено. Кај нас се деваливирани сите професии во општеството, стручност не се почитува, се наоѓаме во една хаотична состојба кај што секој мисли дека знае сѐ и се меша во работата на професионалци. Понекогаш барањата на граѓаните во однос на ДУП-овите се исти како да отидете на лекар и да барате сите луѓе да бидат здрави и никој да не умира, што е невозможно. Но во една безизлезна ситуација, каде никој од одговорните не застанува во одбрана на јавниот интерес се создава уште поголем хаос. Во урбанизмот мора да се стави крај на безумието и да се спаси она што преостана, но зад тоа треба државата и Министерството за транспорт да застанат. Но, како може тоа да го направат истите оние кои го создадоа хаосот? Ние како фела реагираме, но не успеваме, не затоа што не сме доволно гласни, затоа што инструментот за делување не во нашите раце. За да се изработат урбанистички планови не треба да се биде гласен. Треба да се состават квалитетни закони и правилници, да се направат анализи, попис на население, па потоа да се работи многу внимателно и стручно“, коментира Раѓеновиќ Јовановиќ.

Mazedonien Land und Leute
Треба да се застане во одбрана на јавниот интересФотографија: DW

Како последно, експертите предупредуваат и на мерката што ја промовираше Власта, која се однесува на можноста за надградба на куќите со одобрение од општините, без притоа да се чека на промена на деталните урбанистички планови. Ваквите законски измени, според надлежните, биле направени во соработка со општините, а водејќи се од потребата за раст на градежништвото и од барањата на граѓаните.