1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу главоболки околу недела - неработен ден

ДТЗ
9 февруари 2022

Затворени кепенци, празни тезги, хали без работници, изгаснати печки - има ли повеќе зијан отколку ќар од мерката да се одмара во недела?

https://p.dw.com/p/46gCx
Deutschland Arbeitsmarkt Gleisarbeiten
Фотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Одлуката недела да биде неработен ден им предизвика главоболки на стопанствениците. Се чини дека нема сектор којшто посредно или непосредно е засегнат од мерката, за која речиси секојдневно се изнесуваат нови забелешки и барања. Покрај заканата голем број работници да останат без работа поради оваа мерка, а туристичките места да станат неатрактивни викенд дестинации, се погласни се укажувањата дека затворањето на халите и гасењето на печките ќе предизвика сериозни штети во дејности каде е потребен континуитет во работата и непречено одвивање на техничко – технолошкиот процес. Ваквото решение не само што сериозно се одразува на финансиските резултати на компаниите, доведува и до ризик од хаварии и загрозување на безбедноста и здравјето при работа, но и до вишок на капацитети што негативно ќе се одрази и врз самите вработени, се укажувањата на компаниите од областа на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали. 

Многу работници се отпуштени 

Претседателот на Стопанскатa комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, го изнесе својот став дека недела неработен ден не е добар за економијата. Додаде дека Комората со која тој раководи не била согласна со таа одлука. „Многу работници се отпуштија, само една компанија отпушти 150 работници како резултат на оваа одлука“, додава Хоџа.

Nordmazedonien Tetovo OKTA Raffinerie
Работниците треба да имаат слободен ден, но тој да не им биде наметнат со сила, туку да имаат избор кога да бидат слободни.Фотографија: Imago Images/Zuma/

Стопанственикот Мендерес Кучи од Комората на Северозападна Македонија за ДВ вели дека мора да има закон и тој да се почитува, но во никој случај тоа не смее да биде директива дека мора да се одмара во недела. Тој се согласува со ставот дека работниците треба да имаат слободен ден, но тој да не им биде наметнат со сила, туку да имаат избор кога да бидат слободни.

„Не секој сака, некогаш и поради верски причини, да биде слободен во недела. Често се соочуваме со барања работниците да бидат слободни во среда или во сабота, кога имаат потреба за тоа. Но, државата треба да биде 'чувар', да ги заштити работниците од газдите кои се обидуваат да направат од нив робови и да ги казни ако не им ги даваат деновите за заслужен одмор, но и доколку не ја плаќаат нивната прекувремена работа“, вели Кучи. 

Тој е дециден дека не смее да се дозволи некој да ги експлоатира работниците, и доколку некој работи на неработен ден - тогаш мора тоа да му биде платено. Но, дециден е Кучи, мора да се има предвид дека секој сектор има свои специфики на кои треба да се внимава. „Па така, некој што има тезга и едвај чека да дојде викенд за да му дојдат муштерии во чаршијата, сега се соочува со тоа дека не може да работи во недела. Затоа, јас се залагам работниците да имаат избор кога ќе одмараат во текот на неделата“, потенцира Кучи.  

Спуштени кепенци 

„Начелно сите сме погодени од мерката за недела - неработен ден“, вели за ДВ Михаил Мишев, претседател на охридскиот еснаф на угостители. Угостителите сметаат дека нивниот сектор треба да работи токму за викендите, кога има туристи во охридско-струшкиот регион. Но, новата мерка, во услови на пандемија и отежнато работење, дополнително ги засегнува.

„Оптоварени сме со режиски трошоци, особено што во помалите градови, тешко се опстојува надвор од сезоната. Затоа и предложивме да се најде некое чаре и да бидеме изземени од мерките“, вели Мишев. 

Охридската чаршија, како една витална жила во градот, очекува за време на викенд прилив на туристи за да заживее. Но, мотивацијата да се посети градот за викендите се повеќе опаѓа, вели Мишев, „оти кој сака да шета низ чашијата во недела и да гледа само спуштени кепенци на дуќаните“.  

Има ли подобри решенија? 

Стопанската комора на Северна Македонија бара подобри решенија за примена на „недела-неработен ден“. Според нив, треба да им се овозможи на компаниите самостојно да одлучат дали ќе работат во недела или не. Тие предлагаат во законот да остане дека работниците мора да добијат дневници и слободен ден ако работат во недела, а сите стопански дејности да може со претходна пријава во инспекторатот и со плаќање на давачките кон државата да можат да организираат производство и трговија без ограничувања.

Mazedonien Geld Denar
Со новото законско решение дозволено е да работат трговските центри, но вработените треба да добиваат дупла дневница. Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Забелешките се дека меѓу дејностите на кои моментно, со таксативното набројување во Законот, им е дозволено работење во недела, испуштени се суштинските, како градежништвото или трговијата (на големо и мало), кај кои е неопходен континуитет во работните процеси. Прехранбениот сектор смета дека е потребно едноставно регулирање, без таксативно наведување на дејностите кои ќе имаат право да работат во недела и да се овозможи со пријава до Инспекторатот за труд кои компании сакаат, да работат, но и на работниците да им исплати додаток на плата. Законското решение, според нив, мора да ја поддржува и четирисменската работа. 

Во секторот градежништво без можност за работа останаа градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите иако постојано се укажуваше дека поради спецификите на овие дејности потребен е континуитет во работата и непречено одвивање на техничко – технолошкиот процес.

-повеќе на темата: Недела - неработен ден на тест пред Уставен суд

Укажувањата се дека процесот на производство на керамички производи се одвива во печки што имаат сложен процес на работа и работат  на темптература на 1.000 степени целзиусеви, додека процесот на гасење и нивно повторно рестартирање трае две недели (една недела гасење, една недела рестартирање) за да не дојде до хаварија. Притоа, едно палење на печката чини 150.000 евра, а честото гасење и рестартирање доведува до оштетување на структурата на печката што предизвикува дополнителни трошоци за ремонт. Стопирањето на процесите во недела неминовно ќе придонесе и за намалување на капацитетите, како и за конкурентноста на деловните субјекти што наместо посакуваната цел може да доведе до затворање на фабриките и губење на работните места. 

Стопанската комора бара компаниите да имаат можност самостојно да го организираат извршувањето на работите соодветно на спецификите на работните процеси од секоја дејност во сите седум дена од неделата, а на работниците да им се обезбедат сите права од работен однос, што треба да вклучува и плаќање на дополнителен додаток поради работа во недела како ден за одмор. Доколку им се излезе во пресрет на нивните барања, тие на 18 феваруари најавуваат дека ќе ги повлечат иницијативите поднесени пред Уставниот суд во врска со законското решение за „недела - неработен ден“.

Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде не може да се прекине работниот процес, односно за околу 8 отсто од работници. Со новото законско решение дозволено е да работат трговските центри, но вработените треба да добиваат дупла дневница.