Крик за помош за децата фантоми
2 јуни 2021Во февруари минатата година продавачите на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ имаа средба со претседателот Стево Пендаровски. Меѓу нив беше и Валентин Ракип, момче без матичен број. „Секогаш кога некој за мене ќе рече дека сум дете фантом, не се чувствувам убаво. Тоа за мене е исто како да не постојам“, рече Валентин на средбата. Побара државата подеднакво да се грижи за сите свои граѓани, без разлика во какви околности се родиле и во какви околности растеле. Една година потоа, Ракип испраќа нов крик за помош - бара државата да не му го одзема правото да ги оствари своите животни соништа - да работи и заработува како готвач.
Како да не постојат
Валентин е дел од продавачите на „Лице в лице“ со кои работи социјален ментор. По спроведена прва фаза од процесот на социјално менторирање, тој е подготвен да работи, но немањето матичен број и неговото непостоење за системот го оневозможуваат тоа.
„Јас сум од тие деца-фантоми што ги викаат. Неубаво чувство, гадно дури! Како да не постојам. Ако не ми извадат матичен број, нема да можам да станам готвач“, изјави Валентин во интервју за „Лице в лице“ пред неколку години, свесен за причинско-последичните врски на нефункционирањето на системот, кој треба да му ги овозможи основните човекови права. Неколку години по оваа негова изјава, и покрај напорите на тим од Дневниот центар за деца на улица, „Лице в лице“ и „Млади правници“, Валентин Ракип нема матичен број.
Се менуваа министри, се формираа комисии, се правеа напори да се евидентираат лицата коишто се невидливи за државата, но за малиот Ракип ништо не е сменето. Тој и понатаму постои за сите околу него - но не и за системот, кој не изнајде механизам со децении да го реши овој горлив проблем. Крикот на Ракип за помош следи само неколку дена по веста за смртта на младиот Тони Сали, кој почина заглавен во бирократските лавиринти, без датум на раѓање, но и без датум за неговата смрт.
-повеќе на темата: Дискриминација и тортура: С. Македонија ќе плати отштета на семејства на двајца Роми
Имињата на Тони и Валентин се меѓу стотиците други коишто се соочуваат со истиот проблем секојдневно, но нивните повици за помош ретко стигнуваат до јавноста. А, проблемите со кои се соочуваат се на на секој чекор - не можат да се лекуваат, да се школуваат, ниту да се вработат. Немаат право на социјална помош, не можат да патуваат во странство. Кога се движат по улица навечер стравуваат да не ги пресретне полиција и да им побара документи - бидејќи нивниот џеб е празен.
Магичен круг
Проценките се дека има околу 700 лица без документи во земјава, но сивата бројка се смета дека е далеку поголема и се движи од неколку илјади лица. Според невладините организации, изворот на сите проблеми е недостигот на едукација кај ромската популација. Токму и кај нив е најзастапената појавата на деца фантоми. Па така, мајките кои се породуваат дома се плашат дека поради тоа можат да имаат проблеми со законот, па не ги пријавуваат децата. Задоцнетото пријавување носи нови стравови и дилеми - почнуваат да се плашат дека можат кривично да бидат гонети. Некои не знаат воопшто каде да ги пријават децата. Трети тоа не го прават поради незаинтересираност. Подоцна кога сепак ќе се одлучат да ги пријават децата и да им извадат документи, почнуваат да се соочуваат со проблеми со администрацијата. Често се откажуваат на половина пат од вадењето на документи за своите деца. И така во круг.
-повеќе на темата: Падна договор за Закон за државјанство, детали не се откриваат
Главни пречки за дополнителен упис се непоседувањето лични документи на родителите, високите трошоци за ДНК анализа како доказ за крвно сродство, како и непочитувањето на законските рокови за упис поради што постапките може да траат и неколку години, велат од Детската амбасада „Меѓаши“ за ДВ.
Во последните две години на СОС телефонот за деца и млади не се евидентирани пријави од граѓани коишто се соочувале со ваков проблем. За разлика од порано, кога најчесто помош барале Роми кои немале социјална и здравствена заштита, поради што или не можеле да добијат матичен лекар кој ќе се грижи за здравјето на нивните деца или пак не можеле да добијат социјална заштита според Законот за детска заштита. Она што Меѓаши го прави за поддршка на овие лица се доделување помош во облека, обувки, храна, материјали за децата како тетратки, боички, но исто така и ги упатува и до соодветни организации што имаат фондови и се специфично насочени кон решавање на оваа проблематика.
„Во 2018 година беа идентификувани околу 700 неевидентирани лица. Нема податоци колку од нив се деца. Во февруари 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени со кој е предвидено овие лица да се запишат во посебна матична книга на родени, со што ќе им се овозможи пристап до образование, здравствена и социјална заштита“, велат од Детската амбасада.
Сепак, со евидентирањето во посебната матична книга децата не се стекнуваат со државјанство, за што е неопходен упис во редовната матичната книга на родените. Подзаконските акти неопходни за спроведувањето на законот не беа донесени во законски определениот рок. Не се донесени ниту плановите за пристап до услугите кои произлегуваат од законот. Останува да се види дали законот ќе придонесе за решавањето на овој долгогодишен проблем , укажуваат нашите соговорници.
Издадени изводи за 118 лица
Во текот на 2018 и 2019 година од страна на Управата за водење на матичните книги и Министерството за труд и социјална политика беа објавени јавни повици на кои се пополнија 656 прашалника за лица чие раѓање не им е евидентирано во матичната книга на родените. Притоа, беа формирани и мобилни тимови составени од матичари, претставници на Центрите за социјална работа, Асоцијација на млади правници, ромски невладини организации, Ромски информативни центри, кои директно во ромските заедници, ги идентификуваа лицата неевидентирани во матична книга на родени.
„Во овој процес, на терен беа идентификуван околу 650 лица без документи. По донесувањето на Законот за лица неевидентирани во МКР, потребно беше лицата идентификувани на терен да поднесат Барање до Управата за матични книги за издавање на привремен Прв извод на родени. Со тој извод МВР им издава и Привремена лична карта со која можат да ги остварат четирите основни права, за образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување. До сега барање за прв привремен извод поднеле околу 200 лица“, велат за ДВ од Министерството за труд и социјалната политика, коешто го координираше целиот процес.
Во февруари 2020 година донесен е закон за неевидентирани лица во матичната книга на родените, согласно кој за секое лице кое е родено во РСМ, а не му е пријавено раѓањето во матичната книга, родителот може да поднесе барање за упис и да му се издаде извод од посебна матична книга на родените.
-повеќе на темата: Живот во “илегала“
„Врз основа на тој извод од МВР се издава идентификациона исправа за лицето. Врз основа на овој закон од ноември до сега во Управата за водење на матични книги се поднесени 209 барања за дополнителен упис во Посебната матична книга на родените, при што од сите поднесени барања извршени се дополнителни запишувања и издадени се изводи за 118 лица. Во тек е решавањето на останатите предмети“, потврдуваат за ДВ и од Управата за водење на матичните книги.
Постапката за дополнителен упис во посебната матична книга на родените согласно законот трае 30 дена од денот на поднесување до денот на подигнување на изводот. Доколку некои факти за лицето треба да се проверат дополнително, тогаш надлежниот којшто го кое работи предметот може да го продолжи рокот на водење на постапката се до обезбедување на потребните факти.