1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во “илегала“

Хајди Шмит3 мај 2006

Доаѓаат од Источна Европа, Африка или Латинска Америка. Повеќето имаат само туристичка виза и потоа исчезнуваат во илегала. Во моментов, според проценките на хуманитарните организации, во Германија има околу еден милион луѓе без документи, без дозвола за престој. Со оглед на тоа што се плашат да не бидат откриени, не говорат радо за својата ситуација.

https://p.dw.com/p/AdXE
Брод со бегалци од Африка
Брод со бегалци од АфрикаФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Фрида е црнкиња и во Германија живее илегално. Наскоро ќе се омажи за Германец. Тоа, како и порано е единствената можност за илегалните доселеници да добијат дозвола за престој. Втората можност ја имаат само жените – да добијат дете од Германец.

Фрида од Африка кај својата тетка во Германија дошла пред пет години. Таму живееела како роб, не смеела да излезе од куќата и немала свои пари. Избегала прво кај некој познаник и таму го запознала својот иден сопруг. Тоа била љубов на прв поглед.

Но, Фрида се плаши да зборува за својот живот на радио, зашто сеуште нема документи за престој. Како Фрида, во Германија има многу луѓе. Тие често немаат шанси за легален живот. Живеат во постојан страв да не бидат откриени. Илегалното доселување е кривично дело. Протерувањето може да се одолговлече само ако постојат т.н. пречки за заминување од земјата. Адвокатот Рајнхард Маркс објаснува:

“Правни пречки за заминување од земјата се на пример заштитата на бегалците или азилот или заштита од опасност по животот поради други причини – измачување или смртна казна која се заканува во татковината. Тоа се т.н. пречки за протерување, кои се земаат предвид додека трае опасноста во државата во која лицето треба да биде протерано. Освен тоа, има и пречки како што се болест или бременост, каде што поради телесната ситуација лицето не може да биде протерано.“

Во моментов во Германија, како што се проценува, илегално живеат околу милион луѓе. Многу доселеници не доаѓат сами во Германија, туку ги следат роднините, кои во земјата се легално. Најголемата група меѓу нив се Турци. Уте Кох од форумот “Живот во илегала“, вели:

“Има деца и постари луѓе кои сакаат да живеат кај нивните роднини во Германија и на кои поради многу прецизно наведените услови во законот за спојување на семејството, им преостанува често само живот во илегала. Можностите за легално доселување се многу ограничени.“

Повеќето илгеални доселеници избегнуваат секаков контакт со полицијата и властите, за да не паднат в очи. Тие не се жалат кога за својата работа се малку или воопшто не се платени.

“Проблемот се состои во тоа што кога би требало во случајот да се вклучат судовите, луѓето што се во илегала се преплашуваат зашто судовите во повеќето случаи мораат да ги проследат податоците до органите за странци“, објаснува Фолкер Росоша од Сојузот на германските синдикати.

А, работодавачите тоа го знаат. Илегалните доселеници од државата не добиваат помош, дури и ако се болни. Затоа тие често на лекар одат кога е предоцна, вели Зигрид Бекер Вирт, иницијатор на иницијативата за помош. Таков е случајот и со Фрида:

“Таа еднаш доби недефинирани болки во стомакот и не направи ништо. Се напи лекови и во градот потоа се онесвести. Со брза помош беше однесена во болница, каде што беше констатирано дека има камен во жолчката. По два дена ја напушти болницата, за престојот таму плати 900 марки и прво што стори е – го напушти дотогашниот стан. И натаму живееше со болки, додека на крајот не ја организиравме ние оперцијата во болница. Беше пет до дванаесет, зашто жолчката веќе беше перфорирана. Ако беше оперирана подоцна, ќе умреше. А, таа цело време само се плашеше дека полицијата ќе ја собере од болничкиот кревет и ќе ја протера од земјата.“

Можности за анонимна државна поддршка, како на пример во Италија, нема. Илегалците во Германија мора да најдат лекар кој ќе ги лекува и кому ќе му платат приватно, што инаку повеќето не можат да си го дозволат.

Проблеми има и во однос на градинките и училиштата. Јавните градинки и училишта имаат обврска кон државата да пријават доколку со нив во контакт стапи некој кој нема документи или во спротивно можат да бидат обвинети за пружање помош во кривично дело. Така, училиштата стравуваат да примат некого без документи, а илегалните доселеници стравуваат да се пријават во училиштата или градинките.

“Неодењето на децата на училишна возраст на училиште има фатални последици. Тие не можат да излегуваат надвор зашто можат да бидат откриени. Некој може да јави во полиција дека видел дете на школска возраст како шета во време додека се држи настава. Така, децата мора да бидат цело време дома, што има последици по нивниот развој.“

Во Германија, сепак, постои голема побарувачка на илегални доселеници, зашто тие се евтина работна сила која презема работи кои никој не сака да ги работи, објаснува Томас Штраубхар од Светскиот економски институт во Хамбург:

“Така погледнато, колку и да звучи чудно, Германија, во моментов со ваква регулатива, е упатена на илегално вработување странска работна сила.“

Иако Фрида сега ќе се мажи и со тоа ќе застане на сигурната страна, таа сеуште се плаши и не сака да зборува со никого за својот илегален престој. Долгиот период во илегала и стравот да не биде откриена ќе ја придружуваат уште долго.