1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се крие зад 72-часовниот ултиматум од „УЧК“?

7 ноември 2017

Од надлежните се очекува да истражат кој стои зад „соопштението број 6 на УЧК“ и кој ја вознемирува јавноста со поставување ултиматум испровоциран од судската пресуда за кумановските настани.

https://p.dw.com/p/2n9w5
Mazedonien Kosovo Begräbnis von acht Militanten in Prishtina die in Kumanovo gestorben sind
Поранешни борци на УЧК на погребот во Приштина (24.05.21015) на осуммина албански милитанти убиени во КумановоФотографија: Reuters/H. Reka

Матни и „веќе видени“ потези, кои сепак не треба да се потценат. Вакви се првичните ставови во јавноста, откако весникот на албански јазик „Лајм“, објави дека во нивната редакција вчера пристигнало известување од генералниот штаб на УЧК со седиште во Скопје. Во известувањето назначено со број 6, било соопштено дека УЧК ја осудува пресудата изречена од Судот за членовите на кумановската група, а од Албанците било побарано да ги напуштат сите државни институции каде што се вработени, во спротивно ќе почнат напади. Бил даден ултиматум од 72 часа кој започнал вчера, а ќе заврши во среда на полноќ. Случајно или не, вчера беа хакирани и веб-страниците на Кривичниот и на Врховниот суд на Македонија, а на социјалните мрежи таквиот чин е претставен како знак на протест од група која се претставува како „Anonymous Albania“ и порачува: „Oслободете ги јунаците од Куманово“.

Издуван балон

„Ултиматумот од УЧК“ во средините со мнозинско албанско население наиде на негодување, но и на потсмев на социјалните мрежи. Во дел од реакциите се потсетува дека секоја година „УЧК“ праќа по некое слично соопштение кое завршува како „издуван балон“, и се бара одговор од надлежните кој стои зад ваквите вознемирувања на јавноста. 

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека овој тип на соопштенија повеќе наликуваат на подметнување „лажни вести“, но сепак не треба да се игнорираат.

„Независно дали е сериозна закана или не, тајните служби треба да имаат сериозен и одговорен пристап, да ги проверат овие закани и да превенираат со соодветни активности. Соопштението повеќе наликува на општиот тренд на лиферување лажни вести, со цел да се сврти вниманието и да се издејствуваат повторување на судската постапката за кумановските настани“, вели Трајанов.

Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

Тој потсетува дека по кумановските настани и лично побарал да се спроведе меѓународна истрага, во која ќе бидат вклучени Македонија, Косово и Србија, а со помош од развиените разузнавачки служби на САД, Германија, Британија, Франција... Трајанов не навлегува во проценка кој стои зад ваквиот наводен ултиматум, но потенцира дека „има бројни шпекулации дека зад соопштението од 'УЧК' стои политичко подземје“.

Соопштението следи по двегодишниот судски процес и пресудата што Кривичниот суд во Скопје ја изрече минатата недела за 37 обвинети за тероризам и терористичка организација во кумановското „Диво Насеље“ на 9-ти и 10-ти мај 2015 година. Седум од нив добија доживотни затворски казни, а останатите вкупно 746 години казна затвор: 13 добија затворски казни од по 40 години, 6 по 20 години, еден 18 години, двајца по 14, и двајца по 13 години. Поради немање докази четворица беа ослободени од обвиненијата. Во борбите на 9 и 10 мај во 2015 година животот го загубија осум припадници на полициските сили, околу 40 беа повредени, а загинаа и десет припадници на вооружената група.

ДУИ бара меѓународна истрага

Во партиите од албанскиот блок засега нема коментар, ни проценка кој би можел да стои зад ваквиот ултиматум. Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, на вчерашната средба во Скопје со амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, го повторил партискиот став по пресудата за случајот Куманово - спроведување меѓународна истрага, формирање Анкетна Комисија во Собранието и целосно осветлување на вистината. Ваквиот став ДУИ го соопшти и веднаш по изрекувањето на судската пресуда на 2-ри ноември.

„Судскиот процес и доказите на протагонистите изнесоа на површина дилеми околу организаторите и мотивите на овој тежок случај, затоа граѓаните треба да ја дознаат целата вистина. Дел од доказите и материјалите со кои граѓаните имаа можност да бидат запознаени преку медиумите, алудираат на наводна вмешаност и на официјални претставници на највисоките државни институции во комуникација со протагонистите на настанот. Затоа, го покануваме МВР и органите на владеењето на правото да вклучат меѓународни експерти во истрагата за случајот и да воспостават комуникација и соработка и со властите на Косово и Албанија со цел размена на информации кон целосно расветлување на случајот“, беше речено во соопштението на ДУИ.

Mazedonsiches Gericht verurteilt 33 Albaner wegen Terrorismus
Судската пресуда беше изречена на 2-ри ноемвриФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Следниот ден (3.11) овој став партискиот лидер му го пренел и на шефот на канцеларијата на НАТО во Македонија, Горазд Бартол, на средба во партиското седиште во Тетово. Ахмети ја нагласил „итната потреба“ да спроведе меѓународна истрага за случајот и да се формира Анкетна комисија во Собранието, слично како за случај „Сопот“, за целосно расветлување на случајот, вклучувајќи ги мотивите и организаторите.

Судската пресуда беше повод и за протестот што пред два дена (5.11) се одржа во Скопје. Протестот кој го предводеа семејствата и пријателите на осудените започна на плоштадот „Скендербег“ со пораката „Сакаме меѓународни пресуди“. Тие побараа меѓународна истрага, а обвинителите, судиите и истражителите да бидат по избор на ОБСЕ. Протести се одржаа и пред македонската амбасада во Приштина и пред зградата на косовската влада. Во знак на протест за одлуката на скопскиот Кривичен суд, во косовските градови Гњилане и Пеќ јавно беа запалени знамиња на Република Македонија, чин за кој реагираше македонското МНР и изрази очекување надлежните косовски служби да преземат активности за утврдување на одговорноста на сторителите.

Не е исклучено во Скопје да има нов протест против судската одлука и во текот на оваа седмица.