1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седум казни доживотен затвор за „Диво насеље“

БГ
2 ноември 2017

Повеќе од две години по крвавите настани во кумановската населба „Диво насеље“, епилогот на судскиот процес се седум казни доживотен затвор,13 казни затвор од 40 години и други пониски казни, како и четворица ослободени

https://p.dw.com/p/2mupT
Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Вкупно 33 лица обвинети за крвавите настани во Куманово во мај 2015 година добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина обвинети во случајот Дива населба се осудени на доживотна затворска казна. Скопскиот Кривичен суд на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина- 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети- 14 години, на двајца - 13 години, и на 12 години уште двајца од обвинетите.

Осум полицајци- припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.

Mazedonien Gerichtsprozess im Obersten Gerichtshof zur Kumanovo Razzia
Обвинетите од „Диво насеље“ на рочиште во февруари 2016 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Првообвинетиот Сами Укшини познат под прекарот „командант Соколи“ доби 40 години затвор.
Поголемиот дел од обвинетите одбија да влезат во судницата за време на читањето на пресудата, а оние кои останаа извикуваа пароли „УЧК, УЧК“ и ја пееја албанската химна. Обвинетите тврдеа дека не се виновни и дека „вистинските терористи се во парламент“.

Крвавиот инцидент во Куманово се случи неполни четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на ткн. бомби. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје, додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата.

Кому му требаше Дива Населба?

Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за блиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков како и министерот за транспорт Миле Јанакиески.

Јавноста никогаш не ја дозна причината за нивните оставки, ниту пак мотивот за судирите во Куманово.