1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го памти „Црниот понеделник“?

Катерина Блажевска30 август 2016

Продолжува политиката на насилство на владејачкото мнозинство врз опозицијата, велат пратеници и аналитичари, откако Собранието вчера го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите.

https://p.dw.com/p/1Jryl
Фотографија: AP

Сега не мора физички да ги исфрлаат опозициските пратеници од Собранието ако сакаат да дебатираат за прераспределба на дел од буџетските пари. Нивното исклучување од дискусија е регулирано и со измени на закон, а откако претходно беше ограничено и со Деловникот. Вака пратеници и аналитичари го коментираат вчерашниот епилог на 114-тата седница седницата Собранието, на која со 47 гласови „за“ и 23 „против“, по скратена постапка беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите. Тој овозможува во случај на кризна состојба, одобрените средства во постојната буџетска резерва да може да се зголемат со прераспределба на средства само меѓу министерствата и другите органи на државната управа, за што ќе одлучува Владата, а не Собранието. „Намалувањето може да биде најмногу до 5 отсто од постојните буџетски средства на министерствата и другите органи на државната управа, за да не се наруши нивното редовно функционирање и вршење на утврдените законски надлежности“, се наведува во законскиот текст.

Целта на Законот, според образложението, е брзо и ефикасно обезбедување финансиски средства во случај на кризна состојба. Како што рече пратеникот Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, „овој закон се носи за да се реагира брзо, со сите ресурси, наместо да се врши ребаланс на Буџетот што може да трае и до 30 дена“.

Не беа прифатени аргументите на опозицијата, дека ваквото решение овозможува директно нарушување на уставниот поредок.

„Петте проценти ќе бидат злоупотребени. Исто така, овој закон директно го нарушува уставниот поредок и и дозволува Владата директно да навлегува во надлежностите на Собранието“, реагираше Љубомир Јосифовски од опозициската НСДП. Владејачкото мнозинство остана глуво на забелешките дека Законот воопшто не дефинира, ниту прецизира како ќе се трошат прераспределните пари во случај на кризна состојба, што отвора простор за нивна злоупотреба.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
На т.н. „црн понеделник“ опозициските пратеници и новинарите насилно беа отстранети од собраниската сала, за владејачкото мнозинство да го изгласа буџетот за 2013 годинаФотографија: MAKFAX

Врвна провокација

Измените на овој закон се усвоени два дена пред лидерската средба, на која преку можна одлука за избори ќе се бара излез од политичката криза. А таа не започна само по објавувањето на опозициските „бомби“, кои меѓу другото, сведочеа и за нефункционалноста на институиите и нивната партизираност. Корените на кризата јавноста ги виде уште на 24 декември 2012 година, на т.н. „црн понеделник“, кога опозициските пратеници и новинарите насилно беа отстранети од собраниската сала, за пратениците од владејачкото мнозинство да го изгласаат буџетот за 2013 година. Од тој аспект, носењето на измени на закон кои во своите решенија потенцираат дел од причините за настанувањето на кризата, а во време кога се бара излез од неа, во јавноста се толкува како „врвна провокација“.

„Без оглед за колкава сума станува збор, транспарентноста мора да има примат над брзината на постапката. Како сите да зборавија на 'црниот понеделник'. Тој преседан сега продолжува со други сегментарни преседани, кои резултираат со нова нетранспарентност и сомнеж за злоупотреби“, вели политикологот Сашо Илиевски. Според него, отпорот кон вакви тенденции требало да се покаже и надвор од Собранието, но има впечаток дека и експертската јавност го преспала овој чин.

„Практично продолжува политиката на насилство на владејачкото мнозинство врз опозицијата“, вели пратеникот Павле Трајанов.

„Сега не мора да ги исфрлаат пратениците од парламентот, туку имаат овластување да ги блокираат, за практично да не можат да се изборат за ниедно прашање во интерес на граѓаните“, констатира тој.

Вчера не беа прифатени ни измените на Законот за јавен долг што ги предложи Трајанов, а предвидуваа секој долг што ќе го направи Владата преку издавање хартии од вредност над 100 милиони евра, да добие ратификација од Собранието.

Опозициските пратеници потенцираа дека тоа е важно, бидејќи секој нивен досегашен обид за увид во јавниот долг завршувал неупешно, затоа што власта не сака граѓаните да знаат на што таа ги троши јавните пари.

Symbolbild Lupe mit Aktienkursen auf Papieren mit Kurstabelle
Каде е транспарентноста?Фотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Буџетска нетранспарентност

И досегашни истражувања покажуваа дека во Македонија има буџетска нетранспарентност. Лани таа беше позиционирана меѓу 32 земји од светот со најниска буџетска транспарентност, според Индексот на отворен буџет, со 35 поени на скалата од 0 до 100. Со тоа се најде во иста група со Конго, Шри Ланка и Замбија кои имаат по 39 поени, Мозамбик, Албанија, Мароко и Либерија 38 поени, Руанда 36 поени и Зимбабве 35 поени, исто колку Македонија. Истражувањето „Отворен буџет 2015“, беше направено од Меѓународното буџетско партнерство во 102 земји во светот, врз основа на меѓународно признати критериуми.

Според ова рангирање, на граѓаните во земјава им се ускратени можноста за увид во информации, и мислење за тоа како се користат јавните пари.
„Потребно е Владата да го направи буџетскиот процес потранспарентен, да ја вклучи јавноста и да го подобри надзорот над буџетските активности“, изјави тогаш Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи (ЦЕА) од Скопје, која го спроведе истражувањето во Македонија.

Овој резултат земјата може да го подобри ако воспостави кредибилни и ефективни механизми за партиципација на јавноста во буџетскиот процес, ако се востанови специјализирана буџетска канцеларија за законодавството, и ако се овозможи законодавството секогаш да биде консултирано пред трошењето на кој било непредвиден приход или при трошењето на фондовите кои не биле идентификувани во донесениот буџет.

Во регионот, Словенија беше со значителна транспарентност - 68 поени, Хрватска, со 53, Србија со 47, а БиХ со 43 поени.