Корупцијата не е пречка за германското стопанство?
2 октомври 2021Бугарија многу подобро би се развивала ако 10 до 20 проценти од националното богатство не би се слевале во џебови на неколку лица. „Снемува премногу пари, нема вистински кривичен прогон, а камоли вистинско судско гонење за корупција“, оценува Мартин Коте, раководител на бирото на фондацијата Фридрих Нојман во Софија во интервју за Дојче веле. Коте во годишната „црна книга“ ги објавува најдрастичните случаи на исчезнување на парите на даночните обврзници во Бугарија. Дури и повеќе од „Црната книга на Здружението на даночните обврзници“ во Германија, бугарскиот пандан претставува чувствително политичко прашање.
Германските претпријатија во земјата исто така се незадоволни од размерите на борбата против корупција. Неодамнешно истражување на Германско-бугарската трговско индустриска комора покажа дека 47 % од германските фирми се многу незадоволни, а натамошни 34 % се прилично незадоволни од борбата против корупцијата во Бугарија. За споредба, само два процента се задоволни. Тоа е поразувачка оценка за германското стопанство кое е присутно таму, би можело да се помисли.
Корупцијата е секундарна додека бизнисот цути
Но, вкупното задоволство на германското стопанство од Бугарија е огромно: 97% од германските фирми со седиште во Бугарија повторно би отишле таму, 50 % на локацијата ѝ даваат најдобра и втора најдобра оценка. „На прв поглед ова секако е контрадикција: од една страна е незадоволството поради корупцијата и владеењето на правото, од друга страна навистина огромно задоволство од локацијата“, вели за Дојче веле д-р Митко Василев, раководител на Германско-бугарската трговско индустриска комора. „Но, корупцијата е само еден од многуте фактори кога станува збор за локацијата. Според наше искуство, германските фирми тешко дека се лично погодени од корупцијата. Затоа резултатите од истражувањето го одразуваат општото незадоволство во земјата“, вели Василев.
Бројките во врска со трговијата нудат клуч за решавање на оваа контрадикторност: Германија е трговски партнер број 1 за Бугарија и, за разлика од други земји, трговскиот промет меѓу Германија и Бугарија пораснал за речиси 650 милиони евра во првата половина од 2021. година во споредба со периодот пред короната, во 2019. година. Во исто време, германското стопанство ја фали традиционалната прифатеност на германските фирми, мотивираната работна сила, ниските трошоци на работа и ниското даночно оптоварување. Цветањето на бизнисот и ниските трошоци на германските фирми во земјата очигледно им се поважни од корупцијата и владеењето на правото.
„Романија и Бугарија не одат секогаш во ист лонец“
Во соседна Романија ситуацијата е поинаква. „Не можете секогаш да ги ставате Романија и Бугарија во ист лонец“, предупредува Себастијан Мерц, директор на Германско-бугарската трговско индустриска комора. „Обете земји ги обединува типична посткомунистичка корупција, пристапување кон ЕУ во 2007. година и посебен надзор од страна на ЕУ. Но, во Романија ситуацијата во врска со корупцијата значително се подобри благодарение на антикорупциските мерки, а јас не познавам германски фирми кои самите се директно погодени од корупцијата“, вели Мерц.
Експертот за корупција Сорин Јонита од романскиот тинк-тенк „Експертфорум“ ја дели оваа оценка. Во интервју за Дојче веле тој оценува дека „15 години антикорупциски напори инспирирани од страна на ЕУ, посебно со воспоставувањето на Националната агенција за борба против корупција, направија разлика. Постои ефект од заплашувањата, посебно во регионалната администрација... а посебно кога имаат работа со големи корпорации и странци.“
Тој оптимизам се одразува и во економското истражување кај германските фирми во земјата: 25 % се многу незадоволни, 29 % прилично задоволни и 12 % дури многу задоволни од борбата против корупцијата и криминалот во Романија. Истовремено, според Јонит, „корупцијата останува сериозен проблем во Романија, таа е концентрирана врз грабеж на буџетот од страна на луѓе со политички врски, контрола над државните претпријатија и манипулација со јавни тендери.“
„Германското стопанство не може да си дозволи превоспитување“
ЕУ во следните години ќе обезбеди огромни износи за совладување на економските последици од пандемијата на коронавирус. Само Бугарија може да се надева на речиси 12 милијарди евра. Германските фирми исто така сакаат да имаат корист од тоа, но се стравува дека милијардите од ЕУ би можеле да исчезнат поради корупција. Во текот на минатата недела при посетата на главниот град на Бугарија, пратеничката од Европскиот парламент Софи Ин‘т Велд го стави прстот во раната: „Борбата против корупцијата на високо ниво останува проблематична... Ја повикуваме Европската комисија да ги надгледува и ревидира средствата од ЕУ, вклучувајќи го и Фондот за обнова.“
Со оглед на заднината на новите фондови на ЕУ, Одборот на германската економија за исток во септември објави документ за ставот кон Југоисточна Европа. Во него однесувањето според правилата, транспарентност на процесите на одлучување, владеење на правото и борба против корупцијата се именуваат за „важни фактори за одржлив економски успех и спремност на германските фирми за вложувања.“
Но, како да се води ефективна борба против корупцијата во Југоисточна Европа? Што се однесува на решението, германските деловни претставници порадо се држат настрана. Од една страна, документот за ставот на Одборот на германската економија ги нагласува смерниците на ускладеност на германските фирми кои би требало да бидат добар пример низ политиката на нулта толеранција во прашањата поврзани со корупцијата. Но, како што предупредува Ања Квиринг, експерт за Југоисточна Европа во Одборот за Источна Европа, „не би требало да ги преоптоварувате фирмите, тие не можат да си дозволат превоспитување.“
Од друга страна, во очите на споменатиот Одбор првенствено ЕУ е должна да врши притисок врз локалните власти преку механизмот на мониторинг. Меѓутоа, како што покажаа различните случувања во Романија и во Бугарија во последните неколку години, во минатото тие механизми не беа гаранција за ефикасна борба против корупцијата. Мартин Коте сублимира: „Ќе поминат години пред мочуриштето на корупцијата скоро целосно да се исуши.“