1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот и новата „инфодемија“: Јадете повеќе лук!

БГ
4 февруари 2020

Дезинформации, полуинформации и конспиративни теории се шират низ светот по избивањето на пандемијата на новиот коронавирус. Кои се фактите, а каде започнуваат фантазијата и лагите?

https://p.dw.com/p/3XFB2
China Coronavirus | Behandlungszentrum in Wuhan
Фотографија: Reuters/China Daily

Верувате ли дека нешто се случило затоа што некој или нешто го предизвикало тоа со умисла или намера? Истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе веруваат. Психологијата зад теориите на заговор е нешто што научниците одново се обидуваат да го објаснат иако феноменот постои веројатно исто толку долго колку што постои и човештвото. И секогаш одново се актуелизира кога имаме сиуации како постојната: ширењето на коронавирусот.

Лекарите и научниците упорно укажуваат дека постои едноставен начин да се заштитите од него: редовно миење на рацете и избегнување контакт со заболени лица. И толку.

Но доколку прошетате по инфо-просторот набрзо ќе разберете дека „ве лажат“! И тука се наметнува дилемата: во што е полесно да се верува.

Дека треба да ги измиете рацете или дека Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс го исконструирала целиот случај со коронавирусот затоа што веќе имале подготвено вакцини за него?

Во Јужна Кореја, на пример, луѓето веруваат дека најсигурна заштита од вирусот е засилената конзумација на „Кимчи“- национално јадење од ферментирана зелка, лути пиперчиња и лук. Мораше да реагира и тамошното Министерство за здравство со објаснување дека јадењето Кимчи не е баш адекватна превентива. Теоријата потекнува од 2003 година, кога во екот на епидемијата на вирусот САРС некои истражувачи во Јужна Кореја „открија“ дека јадењето Кимчи ги спасило граѓаните од инфекцијата. Не е познато колку луѓе спаси Кимчи-терапијата, но неговата продажбата низ цела Азија драматично се зголеми.

Grafik WHO - Kann Knoblauch der Infektion mit dem Coronavirus vorbeugen?
Може ли лукот да спречи инфекција со новиот коронавирус? Фотографија: DW/C. Walz

Случајно или не, поведени од теоријата за Кимчи, многу луѓе и во други делови на светот се прашуваат: дали лукот ќе ме заштити од коронавирусот?

Светската здравствена организација (СЗО) деновиве предупреди дека избувнувањето на коронавирусот е придружено од вистинска епидемија на дезинформации и лаги кои добија и ново име „инфодемија“. Од вирусот досега се заразени нешто над 17 илјади луѓе (речиси 99 проценти во Кина), а починаа 420.

„Наместо да се шират страв и паника, треба само да се подготвиме. Затоа што бројот на заразени (надвор од Кина, н.з.) е 146, и тоа според сите стандарди, е многу ниско“, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус.

Битка против дезинформациите

СЗО се обидува да се бори против дезинформациите и со помош на Гугл, со цел сите заинтересирани да добиваат проверени информации од прва рака. Социјалните платформи како Фејсбук, Твитер и ТикТок исто така преземаат чекори за ограничување на дезинформациите и шпекулациите.

Невообичаено, СЗО дури и посебна интернет-страница на која се „разбиваат митовите“ за коронавирусот.

На неа, меѓу другото, можете да прочитате дека јадењето лук, пиењето антибиотици, или ставањето масло од сусам под носот нема да ви помогнат да се заштитите од инфекцијата.

Од откривањето на коронавирусот досега, во јавноста циркулираа бројни лажни тврдења и измами. Меѓу нив и теории на заговор дека вирусот бил произведен во лабораторија и дека вакцините се веќе произведени, претерувања за бројот на заболени и мртви, како и тврдења за лажни лекови.

Во СЗО оценуваат дека појавата е придружена од масивна „инфодемија“- мноштво информации, некои точни, а некои не, кои им отежнуваат на луѓето да најдат веродостојни извори на информирање и сигурни насоки кога им требаат.

Фактите, повторно, се следниве: Не помагаат маски за дишење, антибиотици, вакцини или лук. Помага: редовно миење раце и избегнување директен контакт со заболени.