Коронавирус: САД ги креваат рампите за вакцинирани патници
26 октомври 2021САД од 8 ноември воведуваат нови правила за влез на патници од странство, претседателот Џо Бајден го потпишал веќе документот, соопшти Белата куќа во Вашингтон. Според новата регулатива, во САД повторно ќе можат да влегуваат патници доколку се комплетно вакцинирани со вакцините одобрени во земјата, или кои имаат добиено дозвола од Светската здравствена организациија. Тоа во моментов важи за вакцините на Бионтек/Фајзер, АстраЗенека, Модерна, Џонсон и Џонсон, Синофарм и Синовак. За комплетно вакцинирани се сметаат оние кои примиле втора доза пред најмалку две недели.
Полнолетните патници својот вакцинален статус треба да го докажат кај соодветната авиокомпанија, пред да влезат во авион за САД. Од оваа обврска се изземени децата и тинејџерите.
„Деца под 18 години не подлежат на обврска за вакцинирање“, изјави висок по ранг американски службеник, образложувајќи го тоа со фактот што во многу земји сѐуште не е одобрена имунизација на малолетници или нема на располагање соодветна вакцина. Исклучок постои и за луѓе кои од здравствени причини не смеат да се вакцинираат.
Генерално, патниците кои влегуваат во САД, без разлика на нивниот вакцинален статус, мора да приложат негативен корона тест. Кај вакцинираните тестот мора да уследи во рок од три дена по влезот во земјата, а кај невакцинираните во рок од еден ден.
Олабавувањата за патување во САД доаѓаат по еднаипол година, откако во март 2020 година беше воведена забрана за влез на патници од бројни држави, меѓу нив и државјани од ЕУ и Велика Британија. ЕУ уште во јуни ги повика своите држави-членки етапно да симнат ограничувањата за патници од САД и други земји.
Германија од 20 јунии дозволува влез на патници од САД, вклучувајќи и туристи, доколку се вакцинирани, имаат прекежано Ковид-19 или приложат негативен тест на коронавирус.