1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона: Парадокс со заштитните маски

Андреас Бекер
20 април 2020

Заштитните маски очигледно ќе бидат задолжителни и во Македонија по укинувањето на полицискиот час. Во Германија веќе неколку покраини воведоа слична обврска. Но моментов тие потешко се наоѓаат и од тоалетна хартија.

https://p.dw.com/p/3al1L
Symbolbild - Mundschutz
Фотографија: picture-alliane/APA/picturedesk/B. Gindl

На болниците и лекарите им се потребни заштитни маски со сертификат за медицинска употреба: хируршки или маски за дишење од тип ФФП2 и ФФП3.

Постројките за производство на специјалниот неткаен материјал кој служи како филтер и од кој се прават маски за медицинска употреба, се многу сложени и чинат милиони евра. Машините за шиење маски се релативно едноставни и евтини. Но, и неткаениот специјален материјал и маските се евтини производи од само неколку центи, кои не без причина воглавно доаѓаат од Кина. Производството се исплаќа само во огромни количини.

Германија моментно од Кина купува заштитни маски и облеки. Министерствата за здравство и одбрана се во фаза на организирање „воздушен мост за набавка на маски од Кина“, се вели од Берлин. Едноставни маски од памук или други ткаенини, кои ги произведуваат некои компании за да помогнат во кризата, не се употребливи во медицински цели. 

Исклучително тенки

„Споредете мрежеста со нормална кошула. Така може да се стекне впечаток колку се разликува материјалот“, вели текстилниот инженер Давид Шмелцајзен од Институтот за текстилна технологија на Техничкиот факултет во Ахен.

Во т.н. Meltblown постапка за филтери, од специјалниот неткаен материјал, флис, се користи „топено-продуван“ полипропилен. „Поединечно нитките се околу 20 пати потенки од влакно и се испреплетени во дури 500 слоеви. Памукот е многу погруб и нема таква филтерска функција“, објаснува Бернд Рајфенхојзер.

Рајфенхојзер е шеф на истоимената фирма за производство на машини од Троисдорф кај Бон. Според податоците на компанијата, околу 75 проценти од медицинскиот флис во светот се произведува во машини од фирмата Рајфенхојзер, пред сѐ во Кина.

Поради актуелниот недостиг, овој производител на машини сега и сам почна да произведува флис за маски. Во експериментален погон дневно се произведува доволно материјал за од него да се направат еден милион заштитни маски.

Дали на Германија ѝ е потребна индустрија за маски?

Сега е важно да се изградат призводни капацитети за флис во Германија, изјави Рајфенхојзер за бонскиот весник Генерал анцајгер. Исто така се потребни машини за од флис да се направат маски

. „Германската индустрија во последните години се специјализираше за посложени производи. Сега мораме да се вратиме чекор назад“, вели германскиот претприемач.

Рајфенхојзер бара „стратешко производство на резерви“ и смета дека на потег се политичарите. Сојузната влада веќе најави дека ќе преземе до 30 проценти од трошоците за инвестиции ако компании во Германија уште годинава почнат со производство на флис. Субвенциите би биле максимално десет милиони евра по постројка, а може да се воведат и гаранции за купување на произведените медицински материјали.  

Давид Шмелцајзен е скептичен: „Кога во некој момент пандемијата ќе престане, ќе пливаме во маски. Многу тешко е овој процес во Европа да се направи одржлив. Посебно што населението инаку не носи заштитни маски, за разлика од Азија.“

Пренасочување на производството во рекордно време

Штутгарскиот производител на делови за автомобили Мале во меѓувреме  покажува како може да изгледа алтернативата за трајна национална индустрија за маски. Оваа фирма, меѓу останатото, призведува системи за климатизација на возила кои содржат филтери од неткаен композитен материјал.

Бидејќи производните ленти во автомобилската индустрија запреа, Мале го префрли производството на елементи за филтри според ФФП3 стандарди.  Текстилната компанија Триумф ќе ги изработува маските. „Сѐ е организирано за помалку од една недела“, изјави за Дојче веле портпаролот на фирмата Мале, Рубен Даниш, „вклучувајќи и производство на прототипови и организрање на синџир на испорака.“

Мале може да испрача филтери за 1,5 милиони маски месечно, а колку маски ќе произведе Триумф и дали тие во целост ќе ги исполнуваат ФФП3 стандардите, уште не се знае. Триумф не сака да дава изјави за тоа.

Минхенскиот производител на автомобили БМВ е помалку воздржан. „Ние почнуваме со производство на заштитни маски. Наскоро ќе бидеме во состојба да направиме неколку стотици илјади маски дневно“, најави извршниот директор Оливер Ципсе. Маските ќе бидат првенствено наменети за заштита на работниците на БМВ кога ќе продолжи производството. Прашањето дали станува збор за маски со сертификат, останува отворено.

Нема маски за посиромашните земји?

Иако глобалната побарувачка по маски уште ја надминува понудата, текстилниот инженер Шмелцајзен е уверен дека Германија и останатите европски земји во догледно време ќе можат да го решат проблемот со маските, слично како и со средствата за дезинфекција.

Него го загрижува тоа што африканските земји и Индија не можат да држат темпо во оваа трка за маски. Затоа, планира својата веб-страница need-mask.com, наменета за професионалците во здравството, заедно со меѓународните текстилни здруженија да ја прошири на цел свет.