Германија конечно сфати
3 декември 2021Кога некоја работа ќе се согледа, тогаш тоа е првиот чекор кон подобрување, вели една народна поговорка. На првата линија на одбраната од коронавирусот, значи, на одделенијата за интензивна нега во болниците, се очекуваше тоа сознание да дојде побрзо. И можеше да се случи побрзо, бидејќи Германија во поглед на бројот на заразени и починати доживува дежа ву. И на истекот на минатата година, значи пред 12 месеци, развојот на пандемијата личеше на сегашниот.
За жал, сојузната влада со премиерката Ангела Меркел и 16-те шефови на покраинските влади никогаш не можеа да се договорат за заедничка долгорочна стратегија за сузбивање на вирусот. Затоа канцеларката Ангела Меркел, која до крајот на годината ќе ја предаде должноста на својот наследник Олаф Шолц, пролетва со помош на своето парламентарно мнозинство изгласа „кочница за вонредна ситуација“. Од нејзино гледиште тоа беше доследно, но тоа е лош знак за политичката култура во Германија.
Без ограничувања за движење и затворање на училиштата
Добро е што сега целата претстава не се повтори. Сите ја сфатија сериозноста на ситуацијата, сеедно на која партија ѝ припаѓаат или од која покраина се. Добрата страна на заедничките одлуки е тоа што нема да има генерален локдаун, забрана за движење или затворање на училиштата. Не може со сигурност да се каже дали сличните мерки во минатото, донесени од еден центар, беа смислени.
Краткорочно, сигурно позитивно влијаеја на сузбивање на пандемијата, но тоа не може да се каже за долгорочните економски, здравствени и културни последици во општеството. Меѓутоа, одговорна и далекувида политика мора постојано да ја има на ум и таа перспектива.
Сите нешто научија... речиси сите
Ако се земе сето тоа предвид, тогаш од голема помош е одлуката на германскиот Сојузен уставен суд да ги отфрли уставните жалби против ограничено излегување и ограничување на контакти кои ја овозможија антипандемската сојузна „кочница за вонредна ситуација“. Значи, дополнително е проценето дека одлуката на германската Влада била во согласност со Уставот, но само во светло на актуелната пандемиска опасност и во согласност со научните сознанија. Бидејќи, во оваа пандемија и едното и другото одат заедно, ќе биде тешко да се затвори сѐ одеднаш во иднина.
Повеќе: Дојчландтренд: Над 70 проценти од Германците бараат задолжително вакцинирање
Во меѓувреме, медицината знае многу повеќе за вирусот. Науката, политиката, па и целото општество научија многу работи, и сѐ уште учат. Важен дел од тој процес на учење се политичарите кои со мерка прават што е неопходно. Во тоа спаѓаат и разумните и обѕирните луѓе кои за своето солидно однесување добиваат повеќе слобода. Затоа вакцинираните луѓе можат и натаму да одат на театар, стадиони, приватни прослави и да прават многу други работи. Додуша, со ограничувања, но можноста е тука.
Нема слобода без одговорност
И обратно, за сите луѓе способни да се вакцинираат кои тоа не го сакаат поради приницип, се намалува спектарот на можности. Тоа не е казна која ја наметнува политиката, туку доследна примена на големиот збор слобода, со кој секогаш оди и одговорност, или, како што вели номинираниот наследник на Ангела Меркел, Олаф Шолц: „Се работи за голем национален напор и за солидарност“.
Повеќе: Германија: Армиски генерал на чело на кризниот штаб против корона
Оваа реченица е олицетворение на нова политичка култура во борбата против коронавирусот. Таква или слична изјава можеше да се слушне и во претходните месеци, но ретко беше исполнета со живот. Ако таа сега стане неприкосновена водилка за политиката и за општеството, Германија ќе смее да гледа во иднината со внимателен оптимизам. Имено, покрај новата слога која радува, и натаму останува вистината - коронавирусот со својата беда ќе остане со нас уште некое време.