1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Политиката во корона-лавиринт

23 март 2021

Ангела Меркел и германските покраини, со оглед на зголемениот број на инфекции, прават нов обид за излез од корона-кризата. Повторно залудно, смета Марсел Фурстенау.

https://p.dw.com/p/3r05j
Deutschland - Coronavirus - Beratungen von Bund und Ländern - Pressekonferenz
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Ситуацијата е драматична, непрегледна - и противречна. Со денови најпознатата и најозлогласена крива во Германија повторно се движи нагоре: онаа на инфекции со коронавирусот. Експертите од науката и политиката предупредија на ова кога на почетокот на март беше одлучено за ублажување на рестрикциите по четири месеци строг локдаун. Конечно на училиштата, градинките, фризерите и продавниците за малопродажба им беше дозволено да отворат - под строги услови.

На ова, канцеларката Ангела Меркел се согласи со шефовите на 16-те германски покраини по тешки преговори и спорови. Милиони луѓе изнервирани од короната и непостојаниот курс на политиката ги доживеаја овие заклучоци како ослободување. Времето на навидум бесконечни секојдневни лишувања и ограничувања се чинеше како да заврши. Па сепак, тие чувствуваа дека работите можат многу брзо повторно да се свртат. Во суштина, го знаеја тоа.

Да се спаси Германија од економски и ментален колапс

Бидејќи стравувањата на експертите за вируси не беа и не се паднати од небо. Тие се засноваат на постојано ажурирани пресметки земајќи ги предвид новите сознанија. И тоа оние за опасните мутации на вирусот или за последиците од зголемувањето на мобилноста на населението. Сепак, надежта за повеќе од краткорочно олеснување на рестрикциите во никој случај не беше ирационална. Бидејќи таа беше поврзана со ветувањето за забележливо забрзување на досега бавната  вакцинација на населението и за засилено тестирање - што се впрочем важни предуслови за контролирано намалување на ризиците од коронавирусот и преку претпазливо отворање да се заштити земјата од економски и ментален колапс.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Но, надежите за уверлив излез од корона-хаосот уште еднаш беа сериозно изневерени од страна на Ангела Меркел и покраинските премиери. До доцна во ноќта, тие до ситници спореаза тоа дали и под кои услови треба да биде можно патување во Германија за време на велигденските празници. Или на кого да му биде дозволено да се сретне со кого и со колку други луѓе. Меѓутоа, дури и најмалите отстапки се хорор сценарија за поборниците на тврдата линија.

Дилема нема - ниту една корона-стратегија не се докажа

Но токму тие, поборниците за стратегија на нула-Ковид, т.е. тотален локдаун, премногу еднострано аргументираат, кога секогаш упатуваат само на бројот на инфекции и смртни случаи. Имено, по една година пандемија без решителен пробив кон подобро, повеќето луѓе го загубија трпението и вербата во уверлива стратегија за справување со вирусот. Во тековната анкета на институтот за истражување на јавното мислење ЈуГов две третини од Германците се незадоволни од управувањето со кризата.

Загрижувачки, алармантен податок, особено во една година со четири покраински избори и сојузните избори во септември. Во тоа лежи многу политички и социјален експлозив. Негаторите на коронавирусот и непријателите на демократијата уште од почетокот на пандемијата се обидуваат да ја злоупотребат кризата за свои цели. Тоа секогаш одново доведува до безредија како во минатиот викенд при демонстрациите во градот Касел.

Германија е на погрешен пат

Дијагнозата е загрижувачка: Германија веќе не може да ја стави под контрола корона-кризата, затоа што не успеа навремено да изготви долгорочни концепти. Сето одеше горе-долу добро сѐ додека бројот на инфекции и смртни случаи беше релативно низок - дури и во меѓународна споредба. Така беше сѐ до есента 2020 година. Оттогаш, овие клучни параметри нагло се зголемија, а кредибилитетот на политиката нагло се намали, дополнително поттикнато од скандалите за набавка на заштитни маски, во кои се вклучени пратеници на Бундестагот. Германија е на погрешен пат. Во моментов не е на повидок излез од овој корона-лавиринт.