1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и борбата против Ковид: Колебливост и разочарувања

4 март 2021

Се дебатираше до долго во ноќта, но резултатите се претежно разочарувачки. Германската политика останува неодлучна против короната и го загрозува најважниот фактор за успех – трпението на граѓаните, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/3qBql
Pressekonferenz I Coronavirus I Angela Merkel I Michael Mueller I  Markus Soeder
Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

По средбата за мерките за борба против короната, којзнае која по ред, делуваат уморно. Повторно рутински настап пред камерите со упатена благодарност до граѓаните, многу бројки и многу „ако, тогаш“. Повторно недостасува огнен автентичен апел. Канцеларката Ангела Меркел и двајцата покраински премиери на Баварија и Берлин, Маркус Зедер (ЦСУ) и Михаел Милер (СПД), кои излегоа со неа по средбата да дадат изјави, делуваат уморно по девет часа разговори и повеќе од дваесетина кризни состаноци за само една година.

Голем дел од договореното можеше да се предвиди. Таканаречениот локдаун се продолжува и натаму – засега до 28 март. Тоа е неопходно, иако може да ја влоши ситуацијата на уште многу бизниси и самостојни претприемачи. Бројките се' уште не се такви за да може со чиста совест да се олабават мерките – особено затоа што во секвенционираните примероци на позитивни тестови се' повеќе се наоѓаат мутации од вирусот кои се позаразни.

Повеќе: Германија: Локдаунот продолжува, но со ублажувања

Исто така беше предвидливо дека ќе има најава за олабавување во одредени области, како на пример угостителството на отворено, музеите и во одредена мера за некои продавници. Дури и најавата за откажување од инциденцијата 35 беше очекувана, оти тоа треба да пренесе чувство на мало олеснување. Колку е тоа паметно во овој момент, нема да дебатираме.

Вакцинација, вакцинација, вакцинација!

Но, сето ова го промашува горливиот проблем деновиве - и натаму се вакцинира во премал обем! Претседателот во САД најави дека сите граѓани ќе бидат вакцинирани до крај на мај. Во Германија, по речиси два и пол месеца од почетокот на вакцинацијата, се вакцинирани само 5% од населението. Тоа навистина се пред се' постари луѓе кои се особено под ризик. Но, дека во оваа пандемија толку рано ќе се појави зборот „застој во користење на вакцини“ што се однесува на милионите дози кои се натрупани во магацин, е навистина изненадувачки. Проблемот е во суштинското.

Deutsche Welle Strack Christoph Portrait
Кристоф ШтракФотографија: DW/B. Geilert

Пример: брзината на вакцинација. Вредноста на инциденцијата може да се намали не само со ограничувања во секојдневниот живот, туку и со вакцинација - и тоа колку повеќе и колку побрзо, толку подобро. Да се вакцинира постојано, секој ден, со исто темпо. Пред Божик германските медиуми и политичарите го славеа доаѓањето на првите дози вакцини. Потоа долго време не се случуваше ништо. Сега е најавено дека од април и матичните лекари ќе бидат вклучени во вакцинирањата. Меркел призна дека тука има „потенцијал за подобрување“.

Пример: тактичка вакцинација. Во некои земји поради сериозноста на ситуацијата го продолжуваат времето од првата до втората доза, со цел да вакцинираат што повеќе луѓе барем со една доза вакцина. Барем досега е јасно дека овој интервал може да биде растегнат и до неколку месеци во кои вакцинираните се сепак заштитени. Тоа значи дека повеќе луѓе ќе може да ја примат барем првата доза. Сериозни експертски проценки се дека на тој начин може да се спасат до 14.000 животи. Меркел и премиерите барем се согласија за, според спецификациите на производителот, максимално искористување на дозволениот период помеѓу двете дози.

Повеќе: Германија даде дозвола за брзи тестови за корона за лична употреба

Пример: брзи и тестови за лична употреба. Тие се сметаат за клуч за процесот на постепено отворање. Министерот за здравство Јенс Шпан во февруари најави дека од 1 март ќе се спроведува стратегијата за брзи тестови, за сите, бесплатно. Но, од тоа не излезе ништо. Сега сите се надеваат на осми март. Додуша Шпан најавува брзи тестови за сите уште од средината на јануари. Паралелно со државата, сега се вклучуваат и големите ланци супермаркети. Од претстојниот викенд таму ќе може да се купат брзи тестови за домашна употреба. Конечно!

Разочарувачки одлуки

Сегашната ескалација на неодлучност е само натамошна етапа во серијата разочарувачки и несоодветни одлуки. Еден пример од претходно е работата од дома. Мерката постојано ја фалеа, па дури и канцеларката Меркел лично. Но, дури од 27 јануари годинава, кога во сила влезе Уредбата за заштита на вработените во време на корона, работодавачите би морало да понудат таква опција секаде каде што е можно. Звучи како споредна работа, но милиони и милиони Германци поминаа месеци на локдаун со обврската да се појават на работа. Од страна на канцеларката имаше само пристојни апели, како да седи во црква, а не во владата. Обврска за работа од дома во ситуациите каде тоа е изводливо нема до денес, иако тоа би го намалило степенот на инфекции.

Повеќе: Над 20 милиони Германци соочени со зголемен ризик од тежок тек на Ковид-19

Една година по почетокот на пандемијата е јасно дека Германците во кризата многу нешта точно можат да пресметаат и да ги предвидат според принципот „причина и последица”. Но, тоа сега не е најважното. Сега само е важно да се вакцинира! Колку што е можно во поголем обем, постојано, 7 дена во неделата. И сега е важно да се тестира, постојано. За да се има што е можно повеќе информации. За да се спречи повторна експлозија на бројките. За да се дојде до поголема нормалност.

Но политиката, подеднакво сојузната како и покраинската, веќе не може да го даде поттикот што е потребен за борбата против короната. И уште полошо е што дејствувањето на политичарите го загрозува и она малку борбен дух што е преостанат, а особено трпението на народот. Полет не изгледа вака.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема