1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Конфликт со Москва: Загриженост во Скандинавија

Даниел Хајнрих
19 јануари 2022

Раздвиженост на руски трупи има не само на границата со Украина, туку и на Балтичкото Море. Загриженоста во скандинавските земји е голема.

https://p.dw.com/p/45jKH
Russland | Militärübung Zapad-2021 in der Kaliningrad Region
Руски воени вежби во Калининград, септември 2021 година Фотографија: Vitaly Nevar/REUTERS

Распоредувањето руски војници на границата соУкраина е тема која во последните недели и месеци не се симнува од насловите во медиумите ширум светот. Фактот дека три брода на руската морнарица преку теснецот на Големиот појас во Данска од Северното Море влегле во Балтичкото Море, притоа помина речиси незабележано. Сепак, тоа не важи за скандинавските соседни земји. Нивните влади стануваат сè понервозни поради руските воени маневри. Еве како се реагира во Скандинавија:

Шведска

Владата во Стокхолм реагираше веднаш: На крајот на минатата недела на островот Готланд во Балтичкото Море беа испратени неколку оклопни возила, а војниците оттогаш патролираат по улиците. На островот, кој се наоѓа централно во Балтичкото Море и на само околу 350 километри воздушна линија од руската ексклава Калининград, живеат околу 60.000 луѓе.

Војската е особено видлива во главното место на островот, живописното пристаниште Визби. Одговорните во шведскиот главен град го имаат на ум следното најлошо сценарио: Русија во следните неколку дена или недели не само што би можела да допре до Украина, туку и до балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија и на тој начин опасно да се приближи до шведска територија. Иако Шведска не е членка на НАТО, таа тесно соработува со алијансата.

Од руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, Стокхолм повторно ја зајакна својата одбрана. Во 2017 година земјата повторно го воведе воениот рок.

Schweden - Soldaten patrouillieren in Gotland
Шведски војници патролираат на островот Готланд, во Балтичкото МореФотографија: Karl Melander /picture alliance/TT

Финска

Со заедничка граница долга над 1.300 километри, Финска е блиску до Русија како ретко која друга европска земја. Финска исто така не е членка на НАТО и слично како и Шведска во земјата нема мнозинство за приклучување кон западната одбранбена алијанса.

Фактот што владата во Хелсинки долго време се сметаше за многу прагматична во односите со Москва, не може да ја сокрие зголемената недоверба. Долги години во политичките програми постои опција за приклучување кон НАТО, а најјасниот знак досега за оттргнување на Финска од Русија беше во декември минатата година. Премиерката Сана Марин стави крај на долгогодишниот спор околу набавката на нови борбени авиони и од „Локхид Мартин“ во САД нарача 64 најсовремени авиони Ф-35. Цена - 8,4 милијарди евра.

По руското барање на крајот на декември ниту една друга земја да не смее да влезе во НАТО, Марин повлече нов потег. Таа на почетокот на јануари преку ТВ-интервју упати поздрав до Москва: „Нема да дозволиме да бидеме уценувани“.

Infografik Karte Skandinavien Russland DE

Данска

Владата во Копенхаген во односите со Москва во моментов има двојна стратегија. Од една страна, исто како и шведската влада, го зголеми военото присуство во Балтичкото Море и таму испрати една фрегата, повеќе борбени авиони Ф-16 и околу 200 војници.

Данска е дел од државите основачи на НАТО, така што мисијата е под врховна команда на одбранбената алијанса. Од друга страна, владата во Копенхаген одлучи да ѝ даде околу 22 милиони евра поддршка на Украина, која е исцрпена од конфликтот со Русија. Украинските сили од април 2014 година се борат против сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина. Мировниот план од 2015 година, договорен со француско-германско посредство, е „под мраз“.

По посетата на конфликтниот регион во источна Украина пред неколку дена, министерот за надворешни работи Јепе Кофод преку Твитер изрази загриженост, меѓу другото и поради сајбер нападитена веб-страниците на украинската влада.

Норвешка

Како една од основачките членки на НАТО, Норвешка е составен дел на западната одбранбена алијанса од 1949 година и лежи на нејзината северна надворешна граница. Одбранбената политика игра голема улога во самопоимањето на земјата. Секоја година околу 8.000 млади мажи и жени служат задолжителен воен рок.

Норвешка дели речиси 200 километри долга граница со Русија, а двете земји се натпреваруваат и за сфери на влијание на Арктикот. Ова е уште една причина зошто деновиве се прават напори да се покаже воена способност за одбрана и спречување евентуални напади. Владата од неодамна има нов воен договор со САД, со кој Норвешка им даде пристап на Американците до четири воени бази кои тие би можеле да ги користат во случај на војна. Освен тоа, на норвешка територија во март и април годинава треба да се одржат едни од најголемите НАТО-воени маневри по Студената војна. На маневрите треба да учествуваат околу 35.000 војници од 28 држави на НАТО и партнерски земји.

Владата во Осло, освен за руските воени маневри, во моментов е загрижена и поради руските сајбер-напади. Во интервју за весник на почетокот на неделава, премиерот Јонас Гар Стере рече дека хакерите кои имаат поддршка од Русија веќе ги имаат „во визир“ компјутерските системи на централните норвешки институции, како што се парламентот и владата.