Конфликтот во Украина и опасноста од долга, студена зима
11 декември 2021Во коалицискиот договор на СПД, Зелените и ФДП, во поглавјето „Билатерални и регионални односи“ со добра причина е отстапен најголем простор за Русија. Покрај пријателските зборови, кои се потврда за длабочината и многустраноста на германско-руските односи, се изразува и јасна критика за рускиот агресивен курс во непосредното соседство.
Се зборува за „обиди за дестабилизација на Украина, насилство во источна Украина и анексија на Крим спротивна на меѓународното право“, како и „големо ограничување на граѓанските и демократските слободи“. Со други зборови- Русија води психолошка, хибридна војна, која не се ограничува на Украина и државите околу Русија, туку претставува сѐ поголема закана за целиот Запад.
Влегување во Украина како реално сценарио
Борбени авиони на НАТО над Балтичкото Море пресретнуваат нуклеарно способни руски бомбардери. Белорускиот властодржец Александер Лукашенко ја уценува ЕУ со бегалците, притоа добивајќи поддршка од рускиот претседател Путин.На руско-украинската границаКремљ транспортира речиси сто илјади војници и тешко вооружување. Се вршат сајбер-напади врз Украина и ЕУ.
Во текот на изминатите недели конфликтот со Русија се заостри на повеќе фронтови истовремено, нервите се напрегнати - руско влегување во Украина во меѓувреме во Вашингтон и Киев се смета за реално сценарио и буди лоши сеќавања на руската анексија на Крим во 2014 година. Токму сега Берлин и ЕУ би требало да одговорат соодветно на безбедносните грижи на Украина и да застанат на страната на Киев. Смирување на Кремљ би имало катастрофални последици - за цела Европа, не само за Украина.
Водење војна не само со оружје
За да ја заштити Украина, Германија и другите сојузници мора да разберат дека руската агресија не се состои само од тенкови и трупи. Непријателството на Кремљ кон Украина е дел од начинот на водење војна кој ги опфаќа и енергетскиот, финансискиот и економскиот сектор. Русија постојано го користи гасот како политичко оружје. Во моментов тоа го прави во време кога Европа е погодена од парализирачка енергетска криза. Неодамна Москва го торпедираше проевропскиот курс на новата молдавска влада со спор околу гасот, кој во меѓувреме е повторно надминат.
Независно од политиката околу гасоводот Северен тек 2, Русија го загрозува територијалнбиот интегритет на Украина со сѐ поисцрпувачка економска војна. Таа сака да ја доведе украинската влада до финансиски ќорсокак. Дел од средствата коишто се користат се заострена царинска постапка и работа на границите која води кон долго чекање, потоа забрана за увоз на украински производи иликратење на позајмици за украинската индустрија од страна на руските банки.
Според проценки на американскиот тинк-тенк Атлантски совет, руската анексија на Крим и војната во источна Украина го чинела Киев најмалку 100 милијарди американски долари поради уништување, заплена на имот и загуба на репутација од која страда украинската економија. Човечката цена е далеку повисока - 14.000 мртви од почетокот на конфликтот.
Како Европа може да врши притисок врз Русија?
ЕУ има инструменти и политичка сила за да одговори решително на сето тоа. Но, на ЕУ ѝ е неопходна нова стратешка рамка за односот кон Русија. За тоа Брисел би требало да игра на регулаторската карта и многу поконкретно да ја унапредува диверзификацијата и „отплеткувањето“ на енергетските пазари. Заедно со Франција, германската влада би требало да го зајакне притисокот врз Русија.
Тоа значи построга регулација на гасоводот Северен тек 2 и придвижување на Гаспром да лиферува гас на руско-украинската граница. Поради тоа, на средината од ноември одложената сертификација на Северен тек 2 од страна на германската Сојузна агенција за електрификација, гас, телекомуникации, пошта и железница може да се толкува како крајно неопходен сигнал до Кремљ дека неговиот курс на дестабилизација нема веќе да останува без одговор. Зелениот договор за исполнување на амбициозните европски климатски цели исто така сѐ уште не употребен од страна на Брисел како средство за притисок врз Москва. Промените на климата создаваат нова геополитичка реалност, која со текот на времето ќе ѝ крати на Русија лукративни из ори на приходи, а ќе ѝ ги одзема и најважните средства за влијание и моќ.
Да се покаже црвената линија
Берлин и Париз би требало паралелно да го заживеат повторно и форматот „Нормандија“, платформа за преговори која ги води на иста маса шефовите на држави и влади на Украина, Русија, Германија и Франција. Забележително е руското противење да учествува во тие преговори.
Додека се обидува да се спротивстави на руската агресија, ЕУ треба истовремено и да обезбеди доволна поддршка за украинската влада со цел да се остане на курсот. Ако земјата се остави сама, постои голема опасност таа повторно да стане жртва на политички активните олигарси како Виктор Медведчук или поранешниот претседател Петро Порошенко, кои широко би ѝ ги отвориле вратите на Русија во време кога единствен фронт е од одлучувачко значење.
Новата германска влада треба да ги користи своите канали за комуникација со Москва за да ги покаже јасно црвените линии и последиците од евентуално агресивно делување. Ако комбинираната дипломатска и економска моќ на ЕУ во соработка со САД и Велика Британија не биде доволна за Русија да се откаже од актуелниот курс, тогаш на Европа ѝ се заканува долга, студена зима.
Оливер Ролофс е безбедносен експерт. Тој беше долгогодишен шеф за комуникации на Минхенската безбедносна конференција, каде ја изгради програмата за енергетска безбедност.