Конзервативците „ја спасуваат“ Америка од Барак Обама
29 август 2010„Мораме да ја обновиме Америка, мораме да ја вратиме честа на Америка“, изјави вчера Сара Пејлин, екс-гувернерка и поранешна кандидатка за потпретседател, пред своите приврзаници во Вашингтон. Пејлин важи за можен противкандидат на претседателот Барак Обама, на следните претседателски избори во 2012 година.
Глен Бек, главен организатор на протестот и десно-популистички водител на вестите на „Фокс њуз“ нагласи дека САД веќе предолго „талкале низ темнината“. Сега е време да се насочиме кон добрите страни на државата, истакна тој. Денеска Америка почнува повторно да се врти кон Бога, вели Бек.
Манифестацијата со наслов „Враќање на честа“ се одржа пред споменикот на Линколн во Вашингтон. Целта на протестот е „повторно да го земеме граѓанското движење во свои раце“, истакна организаторот Бек, на истото место каде пред точно 47 години Мартин Лутер Кинг го одржа познатиот говор за општество без расистички предрасуди. Бек сепак нагласи дека поклопувањето со овој ден не било планирано, туку се работело за божја волја. Граѓанските активисти, пак, зборуваа за чиста провокација.
Противдемонстрација за „враќање на сонот“
Политичките набљудувачи оценуваат дека вчерашниот протест треба да ја покаже силата на десничарското движење „Ти парти“, кое веќе една година работи против владата на Обама. Самиот Бек тврди дека првиот афроамерикански претседател на САД „од корен“ ги мрази белците.
Многумина членови на движењето „Ти парти“ се обидуваат да се кандидираат за изборите за американскиот конгрес на 2 ноември, на кои парламентарното мнозинство на Обама стои под знак прашалник.
Познатиот активист за граѓански права Реверенд Ал Шарптон на истиот ден организираше сопствена демонстрација под наслов „Враќање на сонот“, во чест на годишнината од говорот на Мартин Лутер Кинг. Тој убедуваше дека не сака да се конфронтира со демонстрантите од редот на конзервативците. „Нема да го уништуваме овој ден, со тоа што ќе ви дозволиме да не` провоцирате“, истакна Шарптон.
Автор: ТТ/ЖА/дпа/апн/ројтерс
Редактор: Жана Ацеска