1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кога конечно ќе се укине промената на сметањето на времето?

Александер Фројнд
4 март 2019

Комисијата за сообраќај на ЕУ денеска ќе гласа за можно укинување на промената на сметање на времето за која се полемизира веќе 200 години. Бенџамин Френклин ја предложи во 1784 година, но само на шега!

https://p.dw.com/p/3EPtu
Symbolbild Zeitumstellung
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Barlow

Комисијата за сообраќај попладнево ќе гласа за можно укинување на промената на сметање на времето. Но, тоа не е крај, туку само почеток  на долгорочен процес на гласање во ЕУ.

Symbolbild Zeitumstellung, Jean-Claude Juncker, EU
Време е за европска одлукаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Mayo

По Комисијата, следи пленарна седница и дури кога на крај сите ЕУ-членки ќе го изгласаат, може да се укине промената на сметањето на времето. Тоа може да потрае. Како датум за последна промена на летно и зимско сметање на времето циркулира 2021 година. Голем проблем е тоа што досега нема согласност кај сите земји членки. Според предлогот на Европската комисија, секоја земја ќе одлучува сама за себе во која временска зона ќе остане потоа.

Сѐ почна со виц

За тоа дали промената од летно во зимско сметање на времето има смисла се расправа над 200 години. Контроверзната идеја доаѓа од еден спанко, пронаоѓач, а подоцна и претседател на САД - Бенџамин Френклин, кој всушност само се пошегувал. Бидејќи Французите наутро едвај се извлекуваат од кревет, Бенџамин Френклин во 1784 во еден сатиричен текст се позанимава со тоа колку свеќи и пари може да се заштедат ако се направи промена на времето и се станува порано. За ова да се спроведе, Париз во иднина треба да ги оданочува ролетните, да се рационализира употребата на свеќи и народот наутро да се буди со громогласно пукање на топови, напиша тој.

Кога овој 78-годишен пронаоѓач и татко на американската нација ја објави сатирата, Френклин веќе осум години живееше во Париз. Како специјален американски пратеник тој ги освои Французите како сојузници во борбата против Британците. И дома и во странство го славеа неговиот ум и преговарачките вештини.

Но, староста го стаса Френклин, кој поради здравствени проблеми со гихт и камења во жолчката беше врзан за кревет во неговиот дом во предградие на Париз. Тој добро котираше во општеството и негови многу добри пријатели беа луѓе како Антоан Алексис-Франсоа Кадет де Во, издавач на Парискиот журнал, кој го охрабруваше Френклин - познат по својот хумор - да пишува лесни текстови за секојдневните проблеми.

Benjamin Franklin Ölgemälde von Joseph-Siffred Duplessis
Бенџамин Френклин сакал да си поспива подолгоФотографија: Public Domain

Откритие на утринско сонце

И така Франклин за Парискиот журнал пишуваше сатирични текстови за економскиот аспект на осветлувањето во домот, за неговата штедливост и неговата пасија за шах до раните утрински часови, при што тој беше познат спанко, кој најчесто си поспиваше до пладне.

Под насловот „Економски проект за намалување на трошоците за осветлување" Френклин пишува дека еднаш случајно се разбудил во 6 часот наутро, бидејќи ролетните не му биле спуштени како вообичаено, и така дошол до неговото големо откритие дека „сонцето веќе блеска од рано наутро." Никој не сакал да му верува на неговото големо откритие иако тој повеќепати го докажал, пишува иронично Френклин. Тој ги уверува читателите дека со свои очи го видел утринското сонце. Потоа научно пресметува колку свеќи и масло за ламби би се заштедило, кога би се направила промена во сметање на времето. Ако 100.000 парижани летно време ги остават свеќите да горат по седум часа, тогаш може да се заштедат околу 64 милиони фунти. „Париз така може да заштеди огромна сума на годишно ниво“, охрабрува американскиот гостин. Поради тоа што парижаните се познати по тоа што нерадо менуваат навики и не сакаат да станат рано, мора да се преземат драстични мерки, бараше во текстот Френклин.

Парижаните се смееја за сатиричните совети на Френклин и неговите коментари за ноќниот живот. Предложената промена на времето беше заборавена. Дури сто години подоцна двајца научници независно еден од друг предложија сезонска промена на времето: во 1895 година астрономот Џорџ Вернон Хадсон од Нов Зеланд и во 1907-ма британскиот изумител Вилијам Вилет.

Zeitumstellung Sommerzeit
Дали со промената на сметање на времето навистина се штеди енергија?Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Во својата книга „Попусто губење на дневна светлина", Вилет предлага стрелките на часовникот налето да се поместат за 80 минути и поради подолготрајната светлина на овој начин да се заштедат 2,5 милиони фунти на трошоци за осветлување. Часовниците потоа треба секоја недела во април да се ресетираат за 20 минути понапред за на овој начин во септември да може повторно да дојдат на старото време.

Она што почна како горка шега, во кризата стана горка реалност

Одушевен од идејата бил само Винстон Черчил, но летното сметање не можеше да се наметне во Велика Британија. Дури откако Германија и Австро-Унгарија среде Првата светска војна во 1916 година го воведоа летното сметање на времето, им се приклучија и Велика Британија, Франција и други европски земји. Преку заштеда на енергија во текот на летните вечери требало да има повеќе средства за битките во војната. Откако војната била изгубена, Германија во 1919 година го укинува тој непосакуван спомен на војната. Во Франција пак, селаните со протести во 1922 година издејствуваа укинување. Но, во 1923 тоа повторно било воведено. Велика Британија како единствена земја се држеше континуирано до летното сметање на времето. Со новата војна Германија се потсетува на штедењето енергија и повторно го воведува во 1940 година. Во окупираните територии морало да важи берлинското сметање на времето. Тоа остана и откако Германија ја изгуби војната.

Во 1947 година Контролниот совет на сојузниците дури нареди двојно летно сметање на времето, односно поместување за два часа за да може подобро да се користи дневната светлина. Таквата наредба се одржа само седум недели, потоа повторно важеше вообичаеното летно време.

Со завршувањето на војната многу европски земји се простија од летното време. Во Германија постојаното менување на сметањето на времето во годината на основањето на двете германски држави, 1949-та, беше укинато со меѓусебна согласност на источна и западна Германија. Во татковината на Франклин нештата не беа толку јасни: САД го воведоа тоа сметање уште за време на Првата светска војна. И за време на Втората светска војна часовниците уедначено беа наштимани час порано, на „Воено време“ (War Time). Но, до 1966 година немало единствена регулација на сојузно ниво. До тогаш регионално, односно локално се одлучувало кое време ќе важи, заради што дури и во рамки на една иста држава часовниците не покажувале исто време.

Повеќе:

ЕК ќе предложи укинување на различното сметање на времето

Еден час повеќе и - внатрешниот часовник е изместен

Европски пачворк

Во времето на економското чудо веќе не се зборуваше за штедење енергија, ниту за промена на времето. Дури по нафтената криза во 1973 година во Европа, кога беа воведувани и забрани за возење, повторно се потсетија на промената на времето. Тоа прво функционираше само во Франција, која како единствена европска земја во 1976 година повторно воведе летно сметање на времето. По една недела примерот го следеа и другите членки на Европската заедница, претходникот на ЕУ.

Германија беше воздржана, бидејќи не сакаше поделбата меѓу двете Германии да биде продлабочена и со други временски зони. Во 1979 Источна Германија изненади по долгиот молк и за следната година го најави летното сметање на времето. Од 1980 година тоа се применуваше во двете германски држави, а и многу сосоедни држави се приклучија на примерот.

Различното регулирање на времето во 1996 година беше уедначено на ниво на Европската унија и оттогаш важи за околу 512 милиони граѓани на ЕУ и милиони од соседството.

За смислата на таквата мерка веќе се дебатира со децении. Приврзаниците и противниците се служат отсекогаш со економски, енергетски или здравствени аргументи и предности или штети. По изненадувачки јасното гласање во онлајн анкетите ширум ЕУ, Европската комисија повторно размислува за укинување на летното сметање на времето.

Кога Франклин би можел да знае какви турбуленции предизвикува неговата сатира, сигурно би бил „живи радости“!