Кина ги обвинува САД за уцена
19 јуни 2018По најновите закани од американскиот претседател Доналд Трамп, САД и Кина засилено се движат кон трговски судир. Пекинг денеска најави „одмазда“, откако Белата куќа претходно навести можност за воведување натамошни заштитни царини од десет проценти за кинески производи во вкупен обем од 200 милијарди американски долари.
„САД иницираат трговска војна и ги кршат законите на пазарот“, изјави портпарол на кинеското Министерство за трговија, кој однесувањето на САД го нарече - уцена. Ако Белата куќа продолжи со вакво ирационално однесување, ќе следат решителни контрамерки, изјави тој.
Повеќе:
Повлечи-потегни до трговска војна?
Самит на Г7: Парализирани светски кормилари
Со ова во трговскиот спор меѓу двете економски велесили доаѓа до нов степен на ескалација. Трамп во петокот донесе одлука за дополнителни заштитни царини од 25 проценти за 1102 производи од Кина во волумен од 50 милијарди американски долари. Пекинг возврати со казнени царини за американски производи за исто толку - 50 милјарди долари.
Финансиските пазари во Азија денеска реагираат со видливи загуби, на пример кинеската водечка берза во Шангај до затворањето забележа пад на индексот од четири проценти.
Кина лани извезла во САД стоки во вредност од 505 милијарди долари, а импортирала производи во вредност од 130 милијарди долари. За Трамп, овој трговски дефицит е трн во окото. Експертите стравуваат од сериозни консеквенци за светската економија ако спиралата на меѓусебни трговски бариери продолжи и натаму да се врти. Трамп воведе казнени царини за алуминиум и челик и за ЕУ-земјите и своите соседи Мексико и Канада. ММФ предупреди од негативни последици за потрошувачите, инвеститорите и на финансиските пазари.