Каталонија ќе прогласи независност веќе неделава
4 октомври 2017„Ниту едно општество не треба да прифати состојба каква што не сака“, изјави премиерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон (насловна фотографија) за Би-Би-Си, во своето прво интервју по референдумот од неделата. Ако мнозинството се изјасни за независност, тогаш мора да следува политичка реакција, вели тој. Пуџдемон е со намера да прогласи независноство рок од 48 часа по објавувањето на официјалните резултати од референдумот. Тоа би можело да се случи во петок, за време на викендот или на почетокот на наредната недела. Истовремено тој нагласи дека барал дијалог со владата во Мадрид: „Мојот повик вчера со барање за посредство, не наиде на одзив до другата страна. Воопшто никаков одзив.“
Во однос на можни апсења на членови на каталонската влада, 54-годишниот Пуџдемон оцени: „Тоа би била уште една грешка на долгиот список грешки. По секоја грешка станувавме посилни. Денеска сме поблиску до независност отколку пред еден месец. Секоја недела, по секоја грешка, добивавме поголема поддршка од општеството.“
Шефот на регионалната влада го осуди насилството кое шпанската полиција го употреби на референдумот. Според каталонски наводи, повредени се околу 900 луѓе. „Вакво несразмерно и брутално насилство немаме видено уште од смртта на диктаторото Франко“, рече Пуџдемон.
Франциско Франко стана диктатор во Шпанија по граѓанската војна (1936-1939), а владееше до 1975 година. Во времето на неговото владеење беше забранета употреба на каталонскиот јазик во јавноста, а политичките протвници беа безмилосно прогонувани.
Во регионот повеќе стотици илјади луѓе демонстрираа за независност и против полициско насилство. Во текот на вчерашниот ден генерален штрајк го парализираше јавниот живот. По протестите за збор се јави шпанскиот крал Фелипе. Тој во говор до нацијата ја критикуваше каталонската влада и оцени дека таа се движи „надвор од законот“ и „ја става на коцка економската и социјална стабилност на Каталонија и на цела Шпанија“.
Шпанската централна влада, од своја страна, врши притисок врз каталонските власти. Правосудството отвори истрага по обвиненијата за хушкање против шефот на каталонската полиција, како и против претставници на движењето за независност. Во фокусот на истрагата се демонстрациите против шпанската жандармерија, или како што се нарекува Цивилна гарда, одржани во Барселона на 20 септември. Регионалната каталонска полиција е соочена со обвинувања дека не презела мерки против демонстрантите.