1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија не е единствената

4 октомври 2017

Што имаат заедничко Западна Папуа, Западна Сахара и англофонските делови на Камерун? Сите тие се наследство на колонијализмот и сите бараат независност.

https://p.dw.com/p/2lAPA
Spanien Barcelona Demonstration gegen Polizeigewalt
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Настаните во Каталонија го отворија повторно прозорецот за десетиците движења за независност во светот. Европските случаи добро ги знаеме – Баскија, Шкотска, Јужен Тирол, Корзика. Уште подобро ја знаеме судбината на Курдите, чиј број е околу 30 милиони и се поделени во четири држави: Турција, Ирак, Сирија и Иран. А, исто така, добро знаеме дека новите земји во Европа настанаа единствено поради распадот на дотогашните федерални држави: Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, а не отцепување. И Косово е резултат на распадот на Југославија.

Во Африка и Азија има повеќедецениски, дури и вековни движења за независност на одредени народи, кои влегоа во држави само поради начинот на кој колонијалните господари (Британија и Франција, пред сѐ) ги цртаа границите на своето владеење. И поради начинот на кој се одвиваше доколонизација, кога си заминуваа британските и француските управи и зад себе оставаа измешани држави, каде само диктатурата а не демократијата ги одржуваше на власт нивните лидери. Еве три примери: Камерун, каде англофонското население бара независност од доминатните франкофонски региони; Западна Папуа, каде е на сила веројатно најдолготрајната воена окупација на една територија; и Западна Сахара, последната колонија во Африка. 

Камерун

Во битката за независност на еден регион во неделата не беше крваво само во Каталонија. Во Камерун, земја што лежи речиси на екваторот во централна Африка, војниците убија осум лица во немирниот југозападен дел, каде што живее населението коешто зборува англиски, наспроти доминантно франкофонските региони на земјата. Последнава година овие луѓе бараат независност на нивните земји, правејќи ја разликата само според една работа – дека зборуваат англиски.

Осумте лица беа убиени за време на протестите во неколку града каде што активистите за независност ја одбележуваа годишнината од осамостојувањето на англофонскиот Камерун од Британија во 1961 година. Но барањата за независност на земјата што тие ја нарекуваат Амбазонија не е само поради јазикот. Тамошните жители се незадоволни од маргинализацијата во државата, поголемата стапка на сиромаштија и поради авторитарниот режим на претседателот Пол Бија, кој владее со Камерун од 1982 година. Владата испрати илјадници војници да патролираат на улиците за да го задушат секој сепаратистички обид.

Kamerun - Proteste
Камерунската полиција патролира во Буеа на 1 октомври 2017-та: младо момче од регионот каде што се зборува англиски беше убиено од безбедносните сили во Кумба во предвечерјето на симболичното декларирање независност на англофонските сепаратистиФотографија: Getty Images/AFP/Stringer

Пред протестите властите ги забранија сите собирања во овој регион каде што има повеќе од четири лица и наредија да се затворат автобуските станици, рестораните и продавниците. Владата, исто така, за време на викендот, ја затвори границата спрема Нигерија (таму се овие англофонски региони). Стандардниот метод во автократските режими – забранетиот пристап кон „Фејсбук“, „Твитер“ и „ВотсАп“ е во сила од петокот. Пол Бија вели дека државата мора да се сочува, но и власта. Обединетиот фронт за независност на Амбазонија во неделата прогласи автономија на нејзината територија, а владата соопшти дека таквиот чекор нема никаква правна тежина.

Жителите кои зборуваат англиски се една петтина од 22. милионскиот Камерун. Тие се жалат дека се дискриминирани во сите сфери од централната власт, дека се принудени да зборуваат француски, и покрај тоа што двата јазика се официјални во земјата. Тие додаваат дека големите наоѓалишта на нафта, што се токму во тој регион, се искористени само за државата, но не и за развој на подрачјата од каде што се црпи овој енергенс. Во Камерун има 200 различни лингвистички групи и затоа на континентот е познат како „Африка во мало“.

Причините за протестите се подлабоки, тие одат еден век наназад и како и секаде во Африка и Азија, се дел од колонијалното наследство. Камерун беше една од ретките територии во Африка со која од 1870 година управуваше Германија, сакајќи да се вмеша во грабежот на колонии заради суровини. Но по поразот во Првата светска војна, Германија го загуби и Камерун, па Друштвото на народите ја подели територијата на Француски Камеруни и Британски Камеруни. Франција веднаш ја интегрира територијата што ја администрираше со економијата на државата, а Британија раководеше со двата региона од соседната Нигерија. Жителите се жалеа дека се третирани како „колонија во колонија“.

Kamerun - Proteste
Протести во Дуала, Камерун (01.10.2017)Фотографија: Reuters/J. Kouam

Во 1960 година Камерун стекна независност од Франција. Во 1961 година Британските Јужни Камеруни на референдум одлучија да му се приклучат на Камерун со тоа што двата јазици, францускиот и англискиот, ќе бидат официјални. Англофоните од Камерун сега велат дека била направена стратешка грешка со референдумот и дека новата држава Амбазонија ќе ги реши сите проблеми. Се разбира, клучот за незадоволството е во автократските владетели. Камерун од 1960 година има само двајца претседатели. Од 1960 до 1982 претседател беше Ахмаду Ахиџо, а од 1982 година до денес Пол Бија. Главните неволји се во цврстата рака на режимот и на корупцијата.

Западна Папуа

Минатата сабота Комитетот за деколонизација на Обединетите нации ја отфрли петицијата потпишана од 1,8 милиони жители на Западна Папуа, со која тие бараат независност од Индонезија. Според лидерот за независност на Западна Папуа, Бени Венда (кој од 2003 година е во егзил во Британија), тоа претставува 70 отсто од населението на провинцијата. Оваа петиција била ширена рака под рака низ цела Западна Папуа, пред на таен начин да биде донесена во Њујорк до комитетот на ОН познат како Ц24. 

„Во петицијата на народот на Западна Папуа ние ги пренесуваме коските на луѓето пред Обединетите нации и пред светот“, изјави Венда за документот. „После декадите на страдања, декадите на геноцид, декадите на окупација, мојот народ сака да биде слободен“.

Но Комитетот на ОН не мислеше така. Претседавачот на комитетот за доколонизација, Рафаел Рамирез од Венецуела, изјави дека никаква петиција од Западна Папуа не може да биде прифатена поради процедурални причини. Според Рамирез, мандатот на комитетот бил само на 17 региони кои од ОН се идентификувани како „територии без самоуправно владеење“. „Јас сум претседавач на Ц24 и изјавувам дека Западна Папуа не е прашање за Ц24. Ние како Ц24 нема да направиме ништо против Индонезија“.

Пред 54 години Западна Папуа беше на агендата на комитетот за деколонизација. Тогаш таа се викаше Холандска Западна Гвинеја и беше отстранета од агендата на комитетот кога Индонезија ја анектира провинцијата во 1963 година и ја именува како Иријан Џаја.

West Papua Indonesische Soldaten
Индонезиска војска во Западна Папуа Фотографија: picture-alliance/dpa

И случајот на Западна Папуа е дел од колонијалното наследство. Таа е дел од островот Нова Гвинеја во Океанија (тоа е вториот најголем остров на светот по Гренланд). Индонезија доби независнот од колонијалниот господар Холандија во 1945 година. Половината од островот, Папуа Нова Гвинеја стана суверена држава во 1975 година, по 60 години администрација на Австралија, која започна за време на Првата светска војна. Западниот дел го држеа Холанѓаните, како нивна последна територија во Јужна Азија. Во 1962 година американскиот претседател Џон Кенеди му пишал на тогашниот холандски премиер убедувајќи го неговата земја да ѝ го препушти управувањето со Папуа на Индонезија за да се избегне можниот сојуз на моќниот Сукарно со комунистите. Судбината на колониите тогаш беше во рамките на студената војна. Холанѓаните знаеја дека понатамошниот престој во Папуа ќе значи и герилска војна во џунглатата со индонезиските трупи, па сакаа да ја избегнат таа замка. Затоа во 1962 година ѝ ја предоадоа Папуа на управување на Индонезија под надзор на ОН. Индонезија следната 1963 година ја окупира, а потоа и анектира.

Индонезија ја формализира контролата на Западна Папуа во 1969 кога војската одбра 1.026 лица од нејзините жители кои гласаа за анексија на територијата од страна на Џакарта под супервизија на ОН. Тоа беше недемократско гласање на поткупени лица кое беше наречено „Акт на слободен избор“. Земјата којашто беше колонија се претвори колонијална сила, која ги држеше под своја власт Западна Папуа и Источен Тимор.

Karte West Papua Englisch
Фотографија: DW

Оттогаш почнаа годинините на страдање на Западна Папуа. Неколку факти се непобитни за темното и валкано владеење на Индонезија со Западна Папуа. Прво, тоа е една од најдолготрајните воени окпуации во светот. Кога Џакарта ја окупира провинцијата во 1963 година политичките партии беа веднаш забранети, папуанскиот национализам во раѓање беше здробен, а илјадници војници, полицајци и специјални сили извршија своевидна инвазија во Папуа. Потоа, според организациите за човекови права, владеењето на Индонезија може да се окарактеризира како геноцид, зашто од 1960-тие години до сега се проценува дека се убиени 100.000 Папуанци.  Поеќето Западни Папуанци се сметаат себеси за Меланезијци, кои имаат повеќе заеднички нешта со нивните црни соседи во Океанија отколку со Иненезијците кои нив ги сметаат за расно инфериорни.

За да го намали меѓународниот притисок, владата во Џакарта во 2003 година ја подели територијата Иријан Џаја на две провинции, Папуа и Западна Папуа и им додели полуавтономен статус. Во исто време, го зголеми вложувањето во инфраструктурата.

Има премалку независно истражување за ситуацијата во Западна Папуа, затоа што на организациите за човекови права и на новинарите им е забранета посетата на провинцијата. А Комитетот за деколонизација на ОН вели дека ситуацијата во Папуа за него е завршена работа уште во 1963 година.

Западна Сахара

Во октомври во Советот за безбедност на Обединетите нации треба да има брифинг на кој ќе се разгледува ситуацијата во Западна Сахара, последната колонија во Африка. Западна Сахара е дел од групата во ОН во која се териториите кои немаат самоуправа. Обединетите нации се подготвуваат овој месец пак да ги отпочнат напорите за посредување уште меѓу Фронтот Полисарио и Мароко. Генералниот секретар на ОН именуваше нов специјален претставник за Западна Сахара, поранешниот германски претседател Хорст Келер. Новиот пратеник на ОН ќе води разговори не само со Полисарио и Мароко, туку и со соседните земји и со врвните функционери на ОН. Келер се надева дека разговорите кои беа запрени во 2012 година конечно ќе доведат до решение на овој речиси несовладлив проблем.

Нема ништо поразлично од другите два случаи – и овој е дел од комплицираното колонијално наследство. Западна Сахара беше колонизирана од Шпанија во 1884, но нејзиниот стисок попушти во последните години од диктатурата на Франциско Франко. Само неколку дена пред да почине Франко беше склучен трипартитен договор меѓу Шпанија, Мароко и Мавританија за иднината на Западна Сахара. Со тој договор стапи во сила трансферот на територијата. Мароко доби две третини од колонијата, а Мавританија една третина. Мавританија многу брзо, во 1979 година, се откажа од управувањето на својот дел и Мароко ја окупираше целата територија.

Westsahara UN MINURSO Soldaten
Француски војници во силите на ОН - МИНУРСО во Западна СахараФотографија: Getty Images/AFP/A. Senna

Во 1975 година Меѓународниот суд на правдата го афирмираше правото на жителите на Западна Сахара, што се нарекуваат Сахарави, на самоопределување и не откри никакви врски меѓу Мароко и шпанската колонија. Анексијата од страна на Мароко предизвика 16-годишна војна. Полисарио, кое се бореше за независноста на Западна Сахара беше марксистичка група, реликт од студената војна. Нејзините кампови беа во соседниот Алжир. Нејзината вооружена борба за создавање на Арапска Демократска Република Сахарави не доведе до успех, па во 1991 година дојде до примирје со посредство на ОН и воспоставување мировна мисија. Според договорот, идната година требаше да се одржи референдум за статусот на територијата, но Мароко не дозволи тој да се одржи.

Оттогаш работата е запрена. Мароко ја продолжува колонизацијата и ги искористува големите рудни богатства на територијата. Западна Сахара е посебно богата со фосфати. Полисариот обвинува дека за 42-те години окупација 500-те илјади жители на Западна Сахара биле изложени на сурова репресија, нарушување на основните човекови права и присилна демографска промена.

Лани во декември ЕУ преку одлуката на Европскиот суд на правдата објави дека „Западна Сахара не е дел од територијата на Мароко“ и со тоа му се придружи на Меѓународниот суд на правдата. Во март 2016 Мароко исфрли 70 цивилни членови на мисијата на ОН и ги наруши односите со светската организација откако тогашниот генерален секретар Бан Ки-мун ја нарече мароканската анексија на Западна Сахара „окупација“.

MINUROSO
Фотографија: AFP/Getty Images

Оваа година Советот за безбедноснот донесе едногласна резолуција со која беше отпочнат нов политички процес затоа што статус кво во Западна Сахара е неприфатливо. Што ќе направи сега Хорст Келер? Дали ќе го прифати планот на поранешниот американски државен секретар Џемс Бејкер (и тој беше специјален пратеник на генералниот секретар на ОН) од 2000 година, кој предвидуваше петгодишен преоден период до одржување на референдум (и овој план го саботираше Мароко, иако беше прифатен во Советот за безбедност), или Келер ќе понуди некој друг модалитет ќе треба да се знае за шест месеци.

Но очигледно дека за светот е многу важно и последната колонија во Африка да биде испратена во историјата. Овој проблем има голема чувствителност и не случајно посредници во преговорите се еден поранешен државен секретар на САД и еден поранешен германски претседател. Дали конечно дојде времето за Западна Сахара, или државата Сахарави, како што ја нарекуваат нејзините жители?

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар