1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Каталонија: Пуџдемон игра на време

СН/ агенции
16 октомври 2017

Каталонскиот лидер Пуџдемон попушта. Тој на Шпанците, кои сакаа да знаат што станува сега со стремежите за независност, не им даде јасен одговор. Наместо тоа испрати предлог.

https://p.dw.com/p/2ltnj
Spanien Carles Puigdemont Premier der Regionalregierung
Фотографија: Reuters/I. Alvarado

Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон денеска наведе дека сака мандатот за прогласување независност кој го доби од Каталонците, да го „суспендира“ на 2 месеца за да се започне дијалог со Мадрид. „Во наредните два месеца наша главна цел е да преговараме“, наведе Пуџдемон во писмото до премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, откако повтори дека го „суспендира мандатот“ за прогласување независност на Каталонија. Пуџдемон побара и „што е можно најбрзо“ да се сретне со Рахој. Тој го повика Рахој да ја „отфрли репресијата“ и да го прифати „состанокот што е можно побрзо“.

Пуџдемон така одговори на барањето на владата во Мадрид јасно да каже дали во минатата недела прогласи независност на тој шпански автономен регион. Поставениот рок за одговор истече денеска во 10 часот.

Министерот за надворешни работи на Шпанија, Алфонсо Дастис, рече оти денеска каталонскиот лидер во писмото до премиерот Маријано Рахој не го изнел „бараниот јасен став“ за прогласувањето на независност на Каталонија. „Јасно е дека господинот Пуџдемон не одговори, не го даде бараното појаснување“, рече Дастис.

Spanien Rajoy im Parlament
Шпанскиот премиер, Маријано РахојФотографија: picture-alliance/dpa/P. White

Нов рок до четврток

Ова беше првата реакција на официјален Мадрид на писмото од Пуџдемон. Дастис наведе оти тоа писмо „не претставува одговор на формалното барање“ на шпанската влада да се разјасни дали е или не е прогласена независност на Каталонија. „Мислам дека радикалните влијанија преовладаа“, рече Дастис во Луксембург, каде што се наоѓа на состанокот на министри за надворешни работи на ЕУ.

Како незадоволителен одговорот на Пуџдемон го оцени и шпанскиот министер за правда Рафаел Катала. Шпанската централна влада сега ја повикува каталонската регионална влада до четврток да се изјасни дека не прогласила независност.  Ова во Мадрид пак го изјави заменик-премиерката на Шпанија Сораја Саенц Сантамариа. Секој дијалог, според неа, мора да се одвива во рамките на законите. Ставот на централната влада, покрај тоа е поддржан од голем дел од шпанскиот парламент, додаде политичарката.