1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се „освои“ Европа

12 октомври 2021

Промената на мрачната слика за Македонија кај обичните граѓани на западна Европа, во наредниот период, мора да биде еден од главните стратегиски потфати доколку сакаме да им ја олесниме работата на европските лидери.

https://p.dw.com/p/41YMg
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Малку подотворената врата на ЕУ со спомнување на зборот ПРОШИРУВАЊЕ во Декларацијата од Брдо кај Крањ од 6 октомври 2021 година,  донесена од лидерите на Европската Унија  и нејзините земји членки, иако за прв пат се спомнува во еден ваков официјален документ по цели десет години, јавноста во земјите на Западен Балкан,  ја дочекаа студено и со мали надежи дека во догледно време низ таа врата може да се влезе без оглед на постигнатите резултати. 

На тој еден збор „проширување“, од кој европските лидери имаат уплав најмногу поради сопствената јавност напишани се многу пофалби, но секоја е проследена и со бројни огради во неверојатни 29 долги декларативни точки. Истовремено со безрезервна поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, но и со одбрана како да наликува  на безбедносен систем за отстранување на опасноста од инвазија на балканските племиња на Европа. 

Словенечкото претседателство, знаејќи дека нема да помине, храбро предложи и датум до 2030 година сите земји од западен Балкан да станат членки на ЕУ, за на тој начин со пазарење да се избоксува терминот проширување кој пак е условен со претходни реформи на самата Унија за наводно да може да гарантира со својот капацитет за интегрирање на нови членки. Кога тоа ќе се случи со европските реформи никој од денешните актуелни лидери не изусти ни еден збор бидејќи ни самите не можат да претпостават колку ќе трае таа преобразба на Унијата, но сигурно дека за тоа ќе биде потребно долго време. 

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Како црна дупка во вселената 

Во неправедно деградираниот, таканаречен Западен Балкан, непостоечки термин вештачки одомаќинет од западна Европа, како да се работи за црна дупка во вселената оддалечена со светлосни години. Веќе никој, па ни самата себе си, не и верува на Европа која ги менува сопствените правила додека трае натпреварот. 

Напротив, преовладува горчливото сознание дека по нарачка на стара Европа тешките порти може не само да ги затвори, туку и да ги тресне пред носот на земјите кандидати, било која од  27-те членки на Унијата. Особено оние кои се провреа на мала врата со протекција, а кои и денес се далеку од европеизација и примена на европските вредности. На Балканот, и не само на Балканот, нивните блокади се доживуваат како одмазда на бившите повторувачи, на надмени и арогантни дојденици. 

Таа силна посветеност на Европа за перспективите на Балканот ширум отвори едни други врати на националистите и на противниците на европеизација и на Балканот и во самата Европа, не само кај обичните граѓани, туку и во академските средини, дури и кај поранешни и актуелни политичари кои имаат заслуги за изминатиот макотрпен пат до кандидатурата, а во некои земји и на одамна почнатите и замрзнати преговори. 

Одново во Македонија се актуелизираат прашањата колку се штетни договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, со отворен повик да се поништат, се вергла прашањето што воедно е и одговор дали по секоја цена Македонија треба да влезе во ЕУ, што ќе се случи ако не дојде до проширување на ЕУ со нови членки, со предлог веднаш да се активира планот Б со други визии, алтернативи, сојузи со Кина и со Русија, да не се избрзува со одлуки... Идеален терен за партиско-популистичка, предавничка и патриотска  пресметка. Во суштина празна слама.

Hissen der EU-Flagge am Europa Tag in Nordmazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Никој нема да удри со тупаница на маса 

Значaјната и историска декларација од Брдо кај Крањ може да се гледа реално единствено како на пат позиција со која се купува време и ќе се оддржува со ветени 30 милијарди евра за земјите во регионот, сума која изгледа на прв поглед импозантно и утешително, но во суштина помалку од една третина се неповратни средства, а другото поволни кредити. Се заедно многу помалку отколку што во истиот период ќе добие најсиромашната членка на Унијата Бугарија, јавно нашиот најголем и најекспониран кочничар

Во една ваква неизвесна ситуација во Македонија се уште се подгреваат најпогрешните сценарија од повеќе страни. Прво едно општоприфатено шарлатанско гледиште дека големите европски сили и Америка треба да удрат со тупаница на маса и готово работата е завршена. Ерата на такви тупаници одамна заврши и никој во светот на големите интереси тоа нема да го направи. Американскиот притисок е јасен и силен со наредбата на претседателот  Бајден за санкции на анахроните и националистички заговори на Балканот. Но тупаница ќе нема. Втората голема заблуда е одамна прочитаниот блеф за други алтеранативи и сојузи на блискиот и далечниот Исток, или вештата игра да се седи на повеќе столчиња од кои секогаш се паѓа. Притоа се заборава дека членството во НАТО значи и сериозни обврски кон сојузниците. 

Третата погрешна стратегија е „усе и во своје кљусе“ сами можеме да изградиме успешен одржлив развој како Швајцарија и Норвешка кои не се членки на ЕУ. Тоа можат да го зборуваат само дилетанти во политиката ако веруваат во такво нешто, или безочно да се подгрева нешто што не може ни оддалеку да се спореди. Колку во тоа успеавме сами да направиме пристојна држава се гледа од достигнувањата во изминатите 30 години независна, или поточно кажано ептен зависна држава. 

Ако ги бараме виновниците тие лесно се лоцираат според тоа кој колку од политичките партии управувал со државата во изминатите три децении. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ се главните носители на власта, нивните лидери ги составуваат владите и имаат постојано мнозинство во парламентот. 

Фактите кажуваат дека само во изминатите четири години се направени првите неопходни компромиси и најсилните исчекори со  членството во НАТО и со исполнување на сите услови за почеток на преговорите со ЕУ. По француското вето, а потоа и со бугарската блокада, сега и со неодлучноста на ЕУ која се покажа во Брдо кај Крањ, без оглед што првата точка од декларацијата ја подотвора вратата за условеното проширување на ЕУ за прв пат по членството на Хрватска.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Што знаат Европејците за Македонија 

Ако нешто треба да се менува во стратегијата на Македонија и на целиот западен Балкан тоа е како да се „освои“ јавноста во Европа. Не Брисел, таму се гледаат само реформите, неопходно е да се промени темната слика за Балканот кај обичниот Европеец. Сите што сме имале контакти со обичните граѓани на западна Европа и на Америка, па дури и на повисоко ниво, со колеги и со значајни и угледни личности, повеќе пати сме биле фрапирани и од нивната претстава за Македонија и за Балканот и од елементарното непознавање од тоа каде се наоѓа нашата држава до општественото уредување, националноста, верата и јазикот. Ќе наведам неколку лични примери. Во Америка повеќе пати ме прашаа дали Македонија е дел од Русија, или Чешка. Главниот конструктор на мултинацинална компанија за производство на ротациони машини за печатење на весници во францускиот Нант ме праша пред повеќе колеги дали Македонија е во Анадолија. Кога му објаснивме каде е Македонија се јави на својата сопруга како што ја претстави универзитетски професор да и каже што треснал. Таа му рече, по сопствено признание, дека е идиот и сто пати да ни се извини. 

Во Диселдорф таксистот беше одушевен од македонскиот писател Достоевски. Кога му предочив дека е руски пистел се налути и ми рече дека појма немам кој е Македонецот Достоевски. Сепак на портирница во хотелот ми оставил порака со извинување и разочарување. Човекот проверил. Кога некаде ќе кажев дека мајка Тереза е родена во Скопје веднаш со неверување ме проверуваа на Гугл. Најголемиот број искрено признаваа дека ништо не знаат и љубопитно прашуваа најосновни работи. 

Тие што пак нешто знаеја за Балканот и за Македонија ме вадеа од кожа и главно се сведуваше на атентатот во Сараево како причина за Првата светска војна, на атентатот во Марсеј на кралот на Југославија Александар, за  атентатите на ВМРО во Виена во Бург театарот, во Рим и на софиските улици, во Солун...  за меѓусебните убиства на најконспиративната терористичка организација во минатиот век. 

Од поновата историја знаат, исто така, површно за крвавиот распад на Југославија, за бомбардирањето на Србија и за реките бегалци, но и за нашата антикоманија и најголемиот споменик на Александар Македонски во светот.

Симпатиите на светските медиуми исчезнаа преку ноќ 

Таа политичка интервенција во науката и тој налудничав проект Скопје 2014 ги избриша преку ноќ првичните симпатии кон Македонија од најугледните светски медиуми и заложби на познатите современи историчари и експерти по меѓународно право кои беа категорично на наша страна поради грчката бесмислена блокада. Штом почнавме во 21 век да ги дигаме коринтските столбови, лажниот барок од стиропор и пластика, спомениците на античките јунаци како ефтини плагијати без никаква уметничка вредност и да се задојуваме со античките митови на што почива целиот образовен систем на западно европската цивлизација и демократија, Македонија исчезна од медиумскиот интерес. 

На ударните вести и насловни страници се најдовме повторно за време на меѓуетничкиот конфликт 2001 година и кога настанаа крвопролевањата во македонскиот парламент. И толку ништо повеќе. Резултатот за Македонија е исто како да правите анкета што знаат нашите граѓани за Брегот на слоновата коска. 

Промената на таа мрачна слика за Македонија кај обичните граѓани на западна Европа, иако со големо задоцнување, мора да биде во наредниот период еден од главните стратегиски потфати. Македонија има што да и понуди на Европа и од областа на културата и уметноста и во науката и во културното историско наследство, но тоа мора да се прави со многу знаење и со многу пари, со избор на  вистински личности кои можат во наредните неколку години да ја доближат Македонија до обичниот граѓанин на Европа, до светските медиуми и социјални мрежи. Така се освојува Европа со што ќе им се олесни работата на политичките лидери на членките на ЕУ да го остварат тоа што е содржано во декларациите од Солун и Брдо кај Крањ. 

Пред тоа првата работа во земјата која треба да се заврши е меѓупартиски консензус за сите прашања што се во врска со членството во ЕУ, а научните институции како МАНУ и универзитетските средини да се посветат на науката, а не на политиканство. Нивната партиско политичка крајно лоша одбрана на националните интереси само и нанесува огромна штета на Македонија.