1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Брдо“ меѓу желбите и апсорпциската моќ на ЕУ

5 октомври 2021

Процесот на проширувањето ќе зависи и од реформскиот учинок на кандидатите, но и од капацитетот на ЕУ за апсорпција на нови членки

https://p.dw.com/p/41GZI
Hissen der EU-Flagge am Europa Tag in Nordmazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

По долги преговори во текот на ноќта, членките на ЕУ постигнаа компромис во однос на перспективата на земјите од Западниот Балкан. Во среда на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија уште еднаш ќе биде потврдена заложбата на ЕУ за продолжување на процесот на проширување. Но, притоа ќе биде потенцирано дека способноста за прием на нови членки ќе зависи од натамошниот развој на ЕУ. 
Според дипломатски извори на германската агенција ДПА, на дополнувањето инсистирала француската влада, која на овој начин сака да ја задржи можноста да го блокира приемот на нови членки доколку ЕУ во наредните години не се реформира доволно согласно француските очекувања. 
Со тоа, шесте земји аспиранти за членство од Западниот Балкан и натаму остануваат без целосно јасни шанси за полноправно членство во ЕУ. 

Другите точки од декларацијата, наводно не биле спорни за претставниците на членките на ЕУ. Тие се однесувале на важноста на демократијата, владеењето на правото и основните права на Западен Балкан, како и на јакнење на граѓанското општество и плурализмот на медиумите, како клучни за секој демократски систем. Во декларацијата ЕУ ја повторува својата посветеност и партнерство со регионот кога се зборува за борбата против Ковид -19, а посебно низ дистрибуцијата на 2,9 милиони дози вакцини. Партнерите од Западен Балкан се повикуваат да работат на регионалната соработка, добрососедските односи и на решавање на билатерални проблеми.

За 7 години 30 милијари евра за регионот 

Во делот на декларацијата која се однесува на економскиот и инвестициски план, EУ нагласува дека мобилизира околу „30 милијарди евра за регионот за наредните седум години“, oд кои девет милијарди евра се неповратни средства, а околу 20 милијарди евра инвестиции во обновата и опоравувањето на Западен Балкан. ЕУ нагласува дека продолжува да ја поддржува регионалната соработка и ги повикува лидерите од регионот да го воспостават заедничкиот регионален пазар, договорен во Софија во 2020 година.

Посебното внимание на вложувањата на ЕУ во регионот на Западен Балкан ќе се однесува на Зелената агенда, Акцискиот план за транспорт, постепеното укинување на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан до 2024 година, како и на Агендата за иновации. Во однос на политичката и безбедносна соработка, во текстот на декларацијата парнертите од Западен Балкан се повикуваат да напредуваат кон „целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ“, да ја засилат сорботката со ЕУ во борбата против дезинформации и хибридни закани, и да ја продолжат сорботката по прашањата на миграциите и борбата против тероризмот. 

Deutschland Bundesaußenminister Heiko Maas
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас во понеделникот уште еднаш ја повика ЕУ да си го одржи ветувањето кон Западниот БалканФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Претставници на неколку земји-членки на ЕУ во дискусијата побарале поамбициозна поддршка за пристапување на Западен Балкан во замена за досегашните формулации за европска перспектива, додека други сметале дека таа поддршка треба е да биде поврзана со политиката за условеност и исполнување на реформите. 

Превенирање на демотивацијата 

Земјите во регионот кои се заморени од досегашните фрази во однос на проширувањето, не сакаат да бидат соочени со нови илузии. Аналитичари со кои разговараше ДВ не сакаат да ги коментираат наводите за она што го содржи декаларацијата пред таа да биде јавно соопштена. Но, според она што досега е објавено во медиумите, претпоставуваат дека се работи за „ново охрабрување и превенирање на демотивацијата во регионот“. Дел од нив сметаат дека како супститут за досегашното „тапкање во место“ (дел и поради нерасположението кај земји членки во однос на проширувањето) во преден план ќе бидат ставките од економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, нешто што е поопипливо во однос на клучните аспирации на земјите кандидати. 

А според дипломатски извори, во однос на проширувањето „не секогаш се разговара само за условите што низ кредибилни резултати треба да ги исполнат земјите кандидати“. Имено, некои од членките на ЕУ, укажувале на потребата од побрза интеграција на Западен Балкан и заради спречување на големи миграции од Африка и Азија во ЕУ, со оглед дека тој регион е пат за потенцијално илегална мигрантска рута. Според обрзложението, бидејќи прашањето на миграциите не може да се реши на една граница, некои од земјите сметаат дека е потребна посилна соработка со земјите од Западен Балкан, преку придвижување на нивната европска интеграција, а имајќи предвид дека се работи за важно безбедносно прашање, но и за мигрантски бранови за кои не може да се рече „овој е последен“. 

Порака со поддршка за пристапување на државите од Западен Балкан во ЕУ, стигна и од Вашингтон, од разговорот на претседателот на САД, Џо Бајден, со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. 

„Двајцата лидери разговараа за Западен Балкан и претседателот Бајден пренесе силна поддршка за продолжување на пристапниот процес со државите во регионот“, се вели во изјавата од Белата куќа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи