Османи се надева на германска помош во спорот со Бугарија
4 октомври 2021Крајно време е ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас по денешната средба со неговиот македонски колега Бујар Османи во Берлин. Османи смета дека поддршката од Берлин ќе биде неопходна за надминување на спорот со Бугарија.
Двајцата министри имаат големи надежи од претстојниот самит ЕУ- Западен Балкан во Словенија.
„Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот застој. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака дека пристапување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е остварлива цел. Со скорешниот напредок на Северна Македонија, политиката за проширување на ЕУ ќе добие голем кредибилитет“, се наведува во изјавата на Мас.
Германскиот министер потенцира дека во германскиот парламент постои силен консензус меѓу политичките партии во однос на континуираната поддршка за пристапниот пат кон земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
Министерот Османи, според соопштението на германското МНР, оценил дека „поддршката од партнери како Германија“ ќе биде неопходна, во прв ред, „за надминување на разликите со Бугарија, за решавање на блокадите во процесот, но и за враќање на европскиот кредибилитет во регионот, а со тоа и да се надмине скепсата во ЕУ.“
Османи во понеделникот во Берлин се сретна и со државниот министер за Европа Михаел Рот. Оттаму продолжува за Варшава каде ќе разговара со шефот на полската дипломатија Збигњев Рау и со финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто.