1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се најде стан во Германија?

Рајна Бројер
25 јануари 2020

Премал, прескап, веќе изнајмен - барањето стан во Германија не е за луѓе со слаби нерви. Потребно е трпение и... малку среќа.

https://p.dw.com/p/3U5b0
Deutschland Marburg | Wohnungssuche
Оглас на дрво: Симпатично мало семејство, мама (33) и ќерка (2), бара двособен стан со кујна и купатило...Фотографија: Imago Images/R. Peters

Да се најде стан во Германија кој ќе може да се плаќа, и тоа уште на добра локација, наликува на барање игла во пласт сено - тешко е, но не е невозможно. Притоа, најважно е едно: да се имаат добри нерви и многу трпение.

Потрага онлајн и офлајн

Тоа важи за Германците, значи за оние кои се родени во земјата и тука добро се снаоѓаат, а ушт повеќе за странците кои само што стигнале во земјата. До стан може да се стигне по многу патишта. На почетокот, по правило, се прават обиди по пат на интернет. На онлајн портали како  immonet.de, immobilo.de или immobilien.de можно е барање стан или куќа на територија на цела Германија, како за изнајмување, така и за купување. А, за дружељубивите тука е и порталот за т.н. „заедничко домување“ wg-gesucht.de.

На тие портали може да се најдат точни планови од становите, со описи и фотографии. Но, ако по безброј обиди ви здодее постојано да пишувате нови барања, постои и недигитална алтернатива - излегување на улица. На бандерите, во продавниците или на ѕидовите на куќите честопати може да се најдат огласи со кои се бара стан. Доколку се напишани духовито и креативно, тие понекогаш може да направат чуда. Понекогаш на среќата треба малку и да ѝ се потпомогне: неретки се и огласите во кои есе ветува парична награда за оние кои може да посредуваат во наоѓање стан.

На оние кои се подготвени да платат за помош, а немаат волја или време да истражуваат по интернет или да огласуваат по улиците, на располагање стои уште една можност: да им се плати на професионални посредници, агенти за недвижности, за тие да најдат стан. Тоа е прилично сигурна опција, но не е баш евтино. Посредниците бараат прилично високи провизии, по правило една до две месечни кирии плус ДДВ.

Тоа важи и обратно. Според начелото „кој нарачува, тој плаќа“ и изнајмувачите на станови мора да им платат провизија на посредниците доколку ги ангажираат. Тоа за оние што бараат стан е, се разбира, позитивно. Но, поинаква е ситуацијата доколку станот и куќата треба да се купат. Според законската одредба, која е на сила од летово, во тој случај купувачот и продавачот мора да и поделат трошоците на посредникот.

Deutschland | Mieterprotest | Plakat
Фотографија: picture-alliance/dpa/ZB/S. Steinach

Кастинг-шоу при барање стан

Кога на интернет сте нашле стан кој Ви се допаѓа, Ви претстои нова голема пречка. Мора да докажете дека токму Вие сте вистинската личност која треба да го изнајми станот. Во големите градови, поради постојаниот прилив на луѓе од странство и од село, од година во година има сѐ помалку станбен простор.

Значи, многу е веројатно дека при обиколката на станот ќе бидете заедно со уште многу заинтересирани. На крајот на краиштата, Вие вотој момент сте само еден од осум милиони луѓе кои секоја година се вселуваат во нов стан или куќа во Германија. За таа цел Ви се потребни посебни комуникациски способности. Покажете воодушевеност од станот и дајте до знаење дека сте многу заинтересирани, напишете убава пријава и, што е многу важно, постојано смешкајте се.

Тешко е да се наметнете во голема конкуренција. Сопствениците ќе Ве распрашуваат за вашиот начин на живот, исто како и за вашите платежни можности. Вообичаено се бара и потврда за Вашара кредитна способност. Нејзе можете да ја побарате преку интернет од фирма која се вика Schufa. Станува збор за општопризната приватрна фирма која располага со податоци за кредитните ид еловните можности на граѓаните и која, врз основа на посебен алгоритам, прави кредитен рејтинг на граѓаните. За три до четири дена писмената потврда ја добивате по пошта.

Andrang bei Wohnungsbesichtigung
Сите овие луѓе дошле да гледаат стан којшто се издава во ДортмундФотографија: imago/Friedrich Stark

Но, ако сте новодојдени во Германија, тогаш ни Schufa нема податоци за Вас. Во таков случај газдата на станот бара од Вас да му приложите договор за работа или потврди за примени плати. За тоа од која националсност сте, начелно никој не смее да Ве прашува. Но, во пракса и тоа прашање се поставува често - помалку или повеќе отворено.

Поглед во празно

Кога сте успеале да најдете стан, Ве чека следното изненадување - поглед во празно. Имено, во Германија е вообичаено становите или куќите да се изнајмуваат празни. Нема фрижидер, нема шпорет, а понекогаш дури ниту сијалици. Понекогаш е можно да ја откупите кујната од лицето кое пред Вас били во станот, но најчесто човек мора сѐ сам да организира. За тоа е потребно да сте сам свој мајстор или да имате вешти пријатели.

Навреме треба да се погрижите и за интернетски приклучок. Па, зарем првите недели во станот да ги поминете отсечени од (интернетскиот) светот?! Катастрофа!!!

Wohnungsbesichtigung
Посредничка за недвижности и можни идни станариФотографија: picture-alliance/dpa/R. Hackenberg

Што се однесува до работите во станот, не само што многу работи мора да завршите сами при вселувањето, туку така е честопати и при иселувањето - доколку е така напишано во договорот за изнајмување на станот. По правило се работи за помали декоративни поправки - варосување, пополнување на помалите пукнатини или на дупките од шајки во ѕидовите. Станот треба да се остави во таква состојба во која потоа без проблем би можел повторно да се изнајми. Сето тоа, по правило, стои запишано во договорот за станот и затоа тој треба добро да се проучи.

„Топла“ или „ладна“ станарина?

Кога се работи за цената, за Германија е типично да се прави разлика помеѓу т.н. „топла“ или „ладна“ станарина. Додека второво се однесува само на чистата површина на станот, топлата станарина вклучува и трошоци за греење и вода, други комунални трошоци како ѓубретарина или чистење на зградата, а понекогаш и струја. Што значи тоа конкретно? Еве неколку примери: за двособен стан од 50 метри квадратни во Келн е потрбено да се платат помеѓу 450 и 650 „ладна“ станарина. Кон тоа се додаваат уште околу 165 евра останати, т.н. „топли трошоци“. Но, ако сте подготвени да живеете во помало гратче. да кажеме во Делменхорст, трошоците ќе Ви подат помали. Таму таков стан може да се најде за 330 евра.

Становите сѐ понедостижни

Притоа е важно да внимавате да не платите превисока станарина. Во Германија за секој град постои т.н. огледало на станарини (Mietspiegel). Се работи за информација за тоа колкав е просечниот износ на станарини за некои станови во одредени делови од градот. Но, со оглед на тоа што во моментов има недостиг од станбен простор, многу изнајмувачи ги качуваат цените. Има идеја тоа да се спречи преку воведување т.н. кочница за станарини, но одлука за такво нешто на сојузно ниво не е донесена.

Засега самов ладјачката коалиција во Берлин постигна договор за воведување на таква мерка од наредната година. Луѓето кои бараат станови во секој случај би се радувале кога тоа би станало општа практика. Засега најскап град е Минхен, каде „ладната“ станарина за еден метар квадратен изнесува 10,45 евра. Потоа следуваат Штутгарт, Келн, Хамбург и Франкфурт.

Но, и покрај високите станарини, Германија останува земја на потстанари. Според официјалните статистики, само 47% од луѓето живеат во сопствени станови или куќи, додека дури 52% живеат во изнајмен станбен простор. Тоа е најмал процент на станови и куќи во приватна сопственост во цела Европска унија. Најголем е процентот во Романија, каде во објект во своја сопственост живеат 96% од луѓето.