1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасна инструментализација на бегалците

Тунџа Огретен | Константинос Симеонидис | Даниел Белут
5 март 2020

Национализам и теории на заговор, лажни вести и префрлање на вината: Грција и Турција ги злоупотребуваат судирите со бегалците и мигрантите во пограничните области за да поентираат на внатрешно-политички план.

https://p.dw.com/p/3Yu9I
Türkei Tränengaseinsatz gegen Flüchtlinge an der Grenze zu Griechenland
Фотографија: picture-alliance/AA/H. M. Sahin

„Ги отвораме вратите“, најави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатиот четврток. Оттогаш илјадници бегалци и мигранти се на пат кон граничниот премин Пазаркуле во близина на турскиот приморски град Едрене. Но, грчката погранична полиција не пропушта никого – со солзавец и водени топови тие ги одбиваат бегалците и мигрантите кои се обидуваат илегално да ја преминат границата. Грчките набљудувачи пак известуваат дека со солзавец е пукано од турската страна.

Тоа беа драматични слики кои го обиколија светот. Жени и деца кои бегаат од облаците со гас и бегалски бродови во Егејот, кои грчката крајбрежна стража ги одвраќа со предупредувачки истрели во воздух.

Реприза на 2015?

Сликите потсетуваат на бегалската криза од 2015 година, кога во еден ден во Грција пристигнуваа и по 10.000 бегалци. Оваа перцепција се чини е во интерес на турската и грчката влада, бидејќи тие можат овие превирања на турско-грчката граница да ги искористат за внатрешно-политички цели.

Во оваа пропагандна битка турската влада се обидува што подраматично да ги претстави нештата. Грците „великодушно им помогнаа и им пружија заштита на пучистите од 15 јули," напиша во еден твит министерот за индустрија, Мустафа Варанк. „Истата влада сега пука во недолжни бегалци. Грција нема никогаш да се ослободи од оваа историска дамка."

DW Reporter Tunca Ögreten
Репортерот на ДВ, Тинџа Огретен известува од турско-грчката границаФотографија: DW

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу на Твитер редовно ги коментира настаните на граничниот премин Пазаркуле. „Денеска околу 11 часот едно лице е убиено. Се продолжува со кршење на човековите права," вели во една од неговите Твитер пораки. Сојлу на Твитер редовно известува и за бројот на бегалци и мигранти на кои наводно им успеало да стасаат во Грција: точно 135.844, објави тој минатата среда.

„Грците ги оставаат да умрат“

Овие информации не се потврдени од грчките власти. Според податоците од Центарот за човекови права, кој е дел од истанбулската Адвокатска комора, на граничниот премин има околу две илјади лица. Репортерот на ДВ, Тунча Огретен известува дека таму има најмногу околу 3000 бегалци.

Растечки тензии на турско-грчката граница

Провладините турски медиуми во религиозен стил ја шират својата перспектива според која Грција безмилосно се бори против луѓе кои бегаат од глад, страдање и војна. Европа, а особено Грција, во многу весници е претставена како „сурова“ или „брутална“, бидејќи ги одбива бегалците на границата.

Повеќе: 

На која карта игра Ердоган со бегалците?

ЕУ цврсто застана зад Грција во справувањето со мигрантите

Еврос: Реактивирање на опасната бегалска рута

ЕУ му веруваше на Ердоган, сега нема план „Б“ за бегалците

Грците го губат трпението со бегалците: „Ова е инвазија!“

Исламско-фундаменталистичкиот турски весник „Јени Акит“ објави наслов: „Бегалците се бомбардирани, Западот си ги тргна маските на човечност." „Бескрупулозна Европа. Борба со бегалците, без да се прави разлика дали се работи за жени и деца“.  Турскиот дневен весник Акшам пишува: „Европа е индиферентна кон оваа драма. Грците ги оставаат да умрат. Турските сили ги спасија.“

Промена во бегалската политика

Турскиот претседател Ердоган не ја пропушта можноста да ги „боцне“ Грците и Европа. Анкара врши притисок да се намали бројот на бегалци во нивната земја. Уште од економската криза од летото 2018 година расположението кон 3.6 милиони бегалци во земјата се влоши. Според анкетите на Институтот за испитување на јавното мислење „Турктренд“ околу 87,1% се незадоволни со бегалската политика на нивната влада.

DW Reporter Kostas Simeonidis
Новинарот на ДВ Костас Симеонидис ги следи настаните на грчката страна на границата Фотографија: DW

Но, и од Атина судирите на границата политички се инструментализираат. Во грчкиот пограничен простор очигледно се претерува со димензиите на наводниот наплив на луѓе. Успешно биле спречени 28 илјади бегалци да ја преминат границата кон Грција, а тоа им успеало само на 220 мигранти. Сведоци раскажуваат на репортери на ДВ дека фактички бројот на бегалци била меѓу една и 2 илјади лица.

Политичката порака на Атина е јасна: границата е непорозна, сѐ ни е под контрола. Грчките медиуми пак шират страв со нападни наслови. Постои „трајна опасност од асиметрична војна на границата” е насловот во конзервативниот атински весник „Катимерини”. На насилните судири на границата им се придава историско значење.

Ултранационалистичкиот весник „Макелејо" предлага „сега да се влезе во Турција" за да се „доживее нова 1821", при што се мисли на грчката револуција во која земјата се стекна со независност од Османлиската империја.

Во грчките вечерни вести коментаторите се натпреваруваат кој ќе се покаже поголем националист. Се креира впечаток дека земјата во моментов е во борбен судир, постојано се споменува „инвазија” и слично.