1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ му веруваше на Ердоган, сега нема план „Б“ за бегалците

Бернд Ригерт
2 март 2020

Ердоган ја оствари заканата и ги пушти бегалците кон Европа, илјадници се наоѓаат на грчката и бугарската граница. Трагично е што ЕУ сега мора пак сама да се грижи за себе, а се`уште нема план. Коментира Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/3Yilj
Türkei Flüchtlinge vor der Grenze zu Griechenland
Фотографија: Imago Images/Depo Photos/E. Corut

ЕУ четири години имаше доверба во Турција како чувар пред портите пред кои се бегалците и други мигранти. Сега турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја оствари својата закана. Турција ги доведува организирано барателите на азил дограниците на Грција и Бугарија.

Ердоган со тоа го откажа бегалскипот договор од март 2016 година. Тој води политика преку грбот на мигрантите кои кампираат пред границите. Нејасно е која е точната цел на турскиот претседател - тој во надворешната политика на повеќе фронтови стигна во ќорсокак. Тешко дека со уцени ќе добие подобар дил. 

Факт е дека Турција прими 3,6 милиони сириски бегалци. Разбирливо е што Анкара бара поголема финансиска помош и го одвртува вентилот за да попушти „миграцискиот притисок“, зашто одсирискиот регион Идлиб, каде се водат жестоки борби, уште стотици илјади луѓе сакаат да влезат во Турција.

Европа нема план „Б“

А што презема ЕУ? Безглаво свикување специјални самити и барања за јакнење на граничната служба Фронтекс се чисто лицемерие. Зашто, веќе со години раководството на ЕУ точно знае дека договорот со Турција е привремено и климаво решение.

Европската комисија презеде повеќе обиди да етаблира подобар систем на азил и распределба на мигранти од Сирија, Авганистан, Иран и африканските земји. Сите обиди пропаднаа поради противењето на членките на ЕУ, и тоа не само вообичаените скептици од Полска, Унгарија, Австрија или Италија. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Во многу држави од ЕУ се заврсти десничарската и популистичка опозиција која одбива и прием на бегалци, а камо ли трајно населување на мигранти.

ЕУ никогаш досега не го спроведе до крај бегалскиот договор со Турција. Грција и службите на ЕУ не успеаја како што треба да ја организираат постапката за азил. Последица е тмурната состојба во бегалските центри како Морија на островот Лезбос. Или можеби намерата беше создавање застрашувачки слики заради обезсхрабрување на останатите мигранти?

ЕУ се потпираше на Турција. Сега нема план „Б“. Грција и Бугарија ги затворија границите, но тоа е очајнички обид да се спречи влез на мигрантите и тоа не може да потрае. Според Бегалската конвенција и правилата на ЕУ, дојденците имаат право на проверка дали се бегалци кои треба да бидат заштитени. 

Крај на солидарноста и правото

И што сега? Да се изгради ѕид, бидејќи жичените огради веќе постојат? Да се затворат внатрешните граници меѓу државите од ЕУ? Да се напушти Конвенцијата на ОН за бегалци?

Оправдано е стравувањето дека мнозинството членки на ЕУ ќе заговара тврд став и ќе ја префрли одговорноста на пограничните држави, на Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Австрија, Малта, Шпанија и Италија.

Збогум на европската солидарност, меѓународното право и милосрдието.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија