1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

За Бугарите и Македонците- Детрез им одговара на критичарите

Рајмонд Детрез
19 јануари 2021

Интервјуто на белгискиот историчар Рајмонд Детрез за ДВ предизвика бурни реакции во Бугарија. Во авторски текст Детрез одговара на дел од критиките и спори со бугарските ставови за македонскиот литературен јазик.

https://p.dw.com/p/3o7J6
Belgien Historiker Raymond Detrez
Фотографија: Privat

Моето интервју за Дојче веле во врска со „македонското прашање“ во бугарските медиуми предизвика буквално стотици револтирани реакции, во кои навредите и заканите главно служеа како аргументи. Меѓу овие реакции имаше неколку напишани компетентно и цивилно. Би сакал накратко да одговорам на некои од најчестите приговори.

Бугарската Преродба

Не знам како некој можел да прочита во интервјуто дека тврдам дека според Петко Славејков има Македонци како посебна нација. Во 1871 година, Славејков во една статија во Македонија само сигнализира дека „од пред десетина години“ многупати „слушнал од македонистите дека не биле Бугари, туку Македонци“ и дискутира за нивните аргументи. Колку и да се неосновани, тие сепак претставуваат зародиш на „нешто како македонска национална идеологија“. Еден од моите противници ме обвинува за обид за „уривање на авторитетот на Славејков“. Се плашам дека Славејков би се почувствувал повеќе навреден ако открие дека уредниците на „Собраните дела" одлучиле да не споменат, во инаку изобилните белешки и коментари, половина од предметниот текст, во кој тој покажува извесно разбирање за ставот на „македонистите“. 

-повеќе на темата: Детрез: Не им верувајте на оние кои велат дека се грижат за вашиот идентитет

Голема огорченост предизвика и моето тврдење дека бугарската нација се појавила, односно Бугарската преродба започнала, во 30-тите години на 19 век. Многумина мои критичари ме потсетуваат на Паисиј. Паисиј Хиландарски е исклучително интересна личност, но и покрај околу седумдесет преписи од неговата историја, неговото влијание останува прилично ограничено. Каравелов и Славејков го споменуваат неколку пати без многу ентузијазам. Кај Ботев целосно недостасува. Погрчувањето против кое Паисиј така пламено агитира, продолжува со децении, а на некои места дури и се засилува. „Царственикот" (прво печатено издание на Словенобугарската историја на Хиландарски, н.з.) на Христаки Павлович, кој ја распространи Словенобугарската историја како печатена книга, има поголемо влијание, но таа се појави во 1844 година, кога, според мојата хронологија, веќе започнала Преродбата.

Зошто сметам дека бугарската Преродба започнува - условно, се разбира, како и сите такви периодизации - во 30-тите години на XIX век? Затоа што верувам дека покрај економскиот, социјалниот и културниот развој што го одредуваат почетокот на бугарското национално движење, клучни се и реформите во османлиската држава, кои започнуваат во 20-те години.

Елиминирањето на најтешките форми на верска дискриминација доведе до експлозивен раст на бројот на бугарските цркви, училишта и верски книги, до појава на првите весници, списанија и секуларни книги. Во 30-тите и 40-тите години на 19 век, црковната борба, првата манифестација на бугарското национално движење, „добива интензитет“. Османлискиот контекст ми се чини дека е порелевантен за објаснување на почетокот на Преродбата отколку појавата на Словенобугарската историја. 

-повеќе на темата: Детрез: Нема ништо спорно во тоа бугарската окупација на Македонија да се нарекува фашистичка

Но, ги прашувам оние што и' придаваат толку огромно историско значење на Словенобугарската историја како показател за постоењето на бугарската национална свест, зошто Тријазичникот на Георги Пулевски (македонски Ѓорѓија Пулевски, н.з.) не беше израз на таквата македонска национална свест? Пулевски во 1875 година, половина век пред одлуките на Коминтерната, пишува - цитирам напамет - дека „народ се луѓе кои се од ист род и кои зборуваат еден јазик, а местото каде што живеат се нарекува татковина“ и заклучува: „Така и Македонците се народ и нивното место е Македонија“.

Создавањето на јазикот

Се појавија многу недоразбирања и во врска со бугарскиот и македонскиот литературен јазик. Под литературен јазик мислам на стандардизиран, официјален, државен јазик. Во Бугарија тој постои дури по Ослободувањето, од едноставна причина што за да има официјален јазик, потребно е официјална инстанца како што е Министерството за образование да го прогласи за такво. Граматиките на бугарски јазик беа напишани порано, но со нив сè уште нема официјален јазик. Многу бугарски писатели придонеле за формирање на бугарскиот литературен јазик, но сè до Ослободувањето, па и дури и потоа продолжиле да постојат разни „школи" и се одолговлекувал процесот на обединување, стандардизација и нормирање.

Колку создавањето на тие норми е политички чин е совршено очигледен од историјата на бугарскиот правопис. Секој нов режим, а тие се многу, формира комисија од филолози да измислува нови правила за правопис. Заедно со овие правописни норми, се разбира, се менуваат и други граматички и лексички норми. На пример, турцизмите систематски се отстрануваат. Така, она што се нарекува „литературен јазик“ не е резултат на природни, специфични јазични случувања, туку резултат на директна политичка интервенција. Не е така само во Бугарија, го има насекаде. Создавањето на македонските правописни и јазични норми во 1944 година во ништо не се разликува од вообичаеното. 

-повеќе на темата: Брунбауер: Во Бугарија е закотвен национал-комунистичкиот историски поглед

Се разбира, бугарскиот „официјален“ јазик се заснова и на одредени литературни традиции, создадени во 19 век од писателите на Преродбата кои пишувале на источнобугарски дијалекти. Но, така е и со македонскиот литературен јазик. Тој се заснова на централните македонски дијалекти што веќе ги беше предложил Крсте Мисирков во 1903 година. Постојат литературни дела од 18 и 19 век, напишани во Македонија од луѓе кои експлицитно се нарекуваат Бугари и нивниот јазик бугарски, но на локален дијалект.

Партениј Зографски во 1858 година пишува дека „нашиот јазик“ е поделен на два дијалека - еден за кој сите знаат дека се зборува во Бугарија и Тракија; и вториот, за кој „славјанистите“ немаат претстава, се зборува во Македонија. За да се запознаат последните со македонскиот дијалект, Партениј ги набројува сите нејзини „идиотизми“ (особености) и предлага тој да биде основа на бугарскиот литературен јазик. Десет години подоцна, Кузман Шапкарев ја објави Големата бугарска читанка или вториот дел од бугарскиот буквар на дијалект поразбирлив за македонските Бугари.

„Крадењето“ на историјата е заблуда

Од „одделно наречје“, „поразбирливо“, до „засебен јазик“ е само мал чекор. Не е никаков престап доколку текстовите напишани на ова „македонско наречје" од денешните македонски филолози се нарекуваат „прародители“ на сегашниот македонски литературен јазик. Зошто истите феномени не можат да бидат дел од две различни приказни за минатото?

Во Бугарија е популарно гледиштето дека Македонците го „крадат“ бугарското историско наследство, јазикот и бугарските историски личности. Сепак, зборот „крадат“ е заблуда. Ако некој ви го украде автомобилот, веќе немате автомобил. Ако Македонците го „украдат“ Гоце Делчев, Бугарите сепак го имаат како и пред кражбата. Никој не ги спречува да го нарекуваат Гоце Делчев Бугарин, да го вклучат во бугарската национална историја, да го почитуваат како нивен национален херој. Некои од моите критичари стравуваат дека без овие историски личности Бугарија во Европа ќе биде „маргинализирана“. Повеќе се плашам дека ако Бугарија влезе во улогата на Грција, чиј однос кон Република Македонија е извор на иритација и потсмев во Европа веќе неколку децении, таа ќе биде „маргинализирана“ многу повеќе. 

Целиот авторски текст на проф. Детрез на бугарски јазик на следниот линк. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи