1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вербална битка на Меркел и индустријалците

Сабине Кинкарц
5 јуни 2019

Ангела Меркел обично нема причини да се плаши од состаноци на Здружението на германската индустрија. Но годинава „пукна“: се слушнаа остри зборови против канцеларката, иако ни таа не им остана должна на индустријалците.

https://p.dw.com/p/3Js5v
Deutschland Berlin 2019 | Tag der Deutschen Industrie | Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Иако Ангела Меркел демонстративно стигна во црвено сако и црни панталони, а тоа се боите на партиите на владејачката коалиција (ЦДУ-црна, СПД-црвена), на редовниот состанок на Здружението на германската индустрија (БДИ) воопшто не сакаа да слушаат никакви приказни за  можен пад на владата и предвремени избори.

„Инсистираме коалиционите партнери доследно и до крај да ја преземат одговорноста за владеењето“, изјави претседателот на Здружението, Дитер Кемпф.

А дали би биле задоволни ако канцеларката и нејзините министри само останат во своите фотелји? Ни најмалку.  Досегашната политика им штети на интересите на германските претпријатија. „Се зголемува бројот на фактори на ризик во поглед на економската ситуација. Од владината коалиција очекуваме и одговори на крупните прашања на денешницата: како сакаме да живееме? Од што? И како да создадеме благостојба за во иднина?“

На ниедно од овие прашања владата од Берлин не дава јасен одговор. Наместо тоа, видно е само „малодушно прекопување по небитните подрачја на политиката“. И не само инустријата, уверен е Кемпф, туку разочарани се и граѓаните: „Коалицијата прокоцка најголем дел од довербата."

„Подобро ви е да молчите!“

Тука канцеларката не остана должна: нивната доверба во владата е исто толку важна колку и довербата која владата треба да ја има во индустријата. А за тоа би било подобро да молчите, им порача канцеларката на бизнисмените: „Би можела сега да раскажувам колку време потрошив за соочување со губитокот на доверба во германската автомобилска индустрија“, изјави Меркел, откако сфати дека Деновите на индустријата се претворија во Денови на отворени зборови.

Политиката и економија сносат заеднички одговорност. И едните и другите мора да се погрижат за опстанување на принципот на социјална економија во Германија. Исто така, истакна канцеларката, нејзината влада „ги детектира предизвиците.“ Ангела Меркел затоа наброја што сѐ е направено и тоа на разни подрачја: од подобрување на интернет-мрежата, па до реформи на пазарот на труд. Токму на барање на индустрјата деновиве ќе биде донесен закон за  олеснето доаѓање на странска работна силаво секторите кои ѝ се неопходни на индустријата.

Deutschland Berlin 2019 | Tag der Deutschen Industrie | Dieter Kempf
„Воинствен“ настап: Дитер Кемпф, шеф на БДИФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Доколку пак индустријалците се жалат што Германија „ја преспала“ дигитализацијата и преминот на нови технолошки трендови како вештачка интелигенција, тие сами се виновни за тоа: додека уште ѝ стигнуваа порачки од цел свет, индустријата не размислуваше што ќе биде утре.

На Ангела Меркел тука напомош ѝ дојде и министерот за финансии Олаф Шолц од СПД. Тој се надоврза на нејзините „потчукнувања“ на индустријалците: „Во самата природа на трговците е да негодуваат“, изјави тој. Но, на индустријата не може постојано да ѝ се исполнуваат „музички желби“.

Каде е Налес, каде е Курц?

Во поглед на веќе традиционалните барања на индустријата за намалување на даноците и давачките: пониски даноци ќе доведат до зголемен државен долг и така нема да се решат проблемите, укажа Шолц.

Deutschland Berlin 2019 | Tag der Deutschen Industrie | Olaf Scholz, Finanzminister
Олаф Шолц: Не се исполнуваат сите „музички желби“Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Сепак, и самиот настап на министерот покажа дека политичарите, без оглед на острите зборови, всушност се во дефанзива: Олаф Шолц настапи наместо Андреа Налес, која поднесе оставка на функцијата шеф на СПД, а не дојде ни еден друг најавен гостин: донеодамнешниот австриски канцелар Себастијан Курц.

Затоа пак дојде францускиот министер за финансии Бруно Ле Mер, кој ги потсети германските индустријалци дека на Европа лошо ѝ се пишува поради растечката конкуренција од САД и Кина. Тоа мора да се спречи, а едиствен пат е здружување на силите и да се има заедничка цел.

За разлика од претставниците на германската влада, шефот на германските Либерали, Кристијан Линднер знаеше што треба да каже за добивање аплауз: да се направи сѐ за јакнење на економската динамика (во превод: намалување на даноците) и да се запре со сѐ што ја кочи економијата (во превод: намалување на даноците).

Сепак, широката насмевка на задоволниот шеф на Либералите малку се закочи кога модераторката на дискусијата го потсети дека токму тој дозволи пропаѓање на преговорите за формирање владина коалиција во која би учествувала и неговата партија, па тогаш тој ќе можеше да го спроведе она за што зборува.

Зелените доаѓаат

Кога збор доби претставничката на Зелените, Аналена Бербок, индустријалците станаа уште покавгаџиски настроени. Ако сега таа почне со климата и дизелот...Тука меѓу уважените господа би можело да дојде до сѐ и сешто. Но, Зелените на европските избори покажаа дека се партија која доаѓа, па затоа Бербек не настапи како политичарка на Зелените, туку како државничка. Таа предупреди на конкуренцијата од Кина и САД, на која единствен одговор е Европската унија. Дури на крајот од говорот се осврна на климата и изјави дека „можеме да формираме колку сакаме работни групи, но тоа нема ништо да донесе.“

Индустријата мора да пронајде интерес во новите трендови кои и онака се незапирливи, токму како и нејзината партија, за која Бербок очигледно верува дека со сигурност ќе влезе во следната германска влада. А тоа би морало да им биде јасно и на индустријалците.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ