Опасност од распад на владата на Меркел?
4 јуни 2019Дефинитивно заминување на Андреа Налес – кратко откако 45-членото раководство на Социјалдемократската партија во неделата ја започна седницата, дотогашната шефица ја напушти зградата Вили Брант, упати неколку кратко срочени проштални реченици до насобраните новинари, седна во автомобил и си отиде.
Дваесетина минути претходно се прошири веста дека СПД привремено ќе биде раководена од тројца искусни партиски величини: покраинските премиерки на Мекленбург-Предна Померанија и Рајнланд Пфалц, Мануела Швезиг и Малу Дрејер, како и покраинскиот шеф на Хесен, Торстен Шефер-Гимбел. Новото раководно трио имаше петчасовно советување со другарите од партискиот врв.
Да се избегне хаос
Желбата на новото партиско раководство е да се презентира како разумно, мирно и професионално. Да покаже дека и покрај политичкиот крш кој го оставија европските избори и ненадејната оставка на Андреа Налес, ја има ситуацијата под контрола. Никој не треба да стравува дека СПД нема доволно сили да ги преземе задачите кои стојат пред земјата, истакна Мануела Швезиг: „СПД постојано покажувала, без оглед на тежината на ситуацијата во сопствените редови, дека на неа може да се смета.“
Што сепак не значи автоматски оти СПД ќе продолжи да учествува во големата владина коалиција со ЦДУ и ЦСУ. За тоа ќе се разговара по три недели. Коалициониот договор првично всушност предвидуваше ЦДУ и СПД по две години од заедничката влада да направат биланс и да донесат одлука дали сакаат да останат заедно до крајот на мандатот. Ова полувреме СПД го терминираше за својот партиски конгрес во декември.
Одлука наесен?
Партиското раководство на СПД сега планира на 24 јуни да донесе одлука за натамошните содржински и стратешки насоки. Ќе има ли вонреден партиски конгрес за избор на нов лидер или еветуално лидерски двоец на партијата? Ваков двоец имаат Зелените и Левицата. За свикување партиски конгрес е потребно време од три месеци, значи тој би можел да се одржи најрано на крајот на септември.
За 24 јуни остануваат и други прашања: треба ли да се направи порано и билансот за половината од мандатот? Кој треба да решава за нов партиски лидер и за тоа дали СПД ќе остане во владината коалиција? Сите партиски членови на општо изјаснување или делегатите на партиски конгрес? Што ќе се случува со содржинското обновување на партијата?
„Очекуваме од партијата во сите нејзини сегменти да учествува во прашањето на каков начин да се изведе постапката“, изјави Малу Драјер во централата на СПД.
ЦДУ во исчекување
24 јуни веќе е заокружен и во календарот на три километри оддалечената централа на ЦДУ во Берлин. Христијанско-демократската унија се надева СПД да донесе одлуки кои ќе овозможат натамошно заедничко владеење, изјави шефицата на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер по состанокот на врвот на најзината партија: „Постојат добри причини да не се става непромислено крај на една влада.“
Со оглед на меѓународните предизвици, би било „сѐ освен од помош, доколку Германија се најде во владина криза или во континуирана изборна борба“, истакна АКК, како што ја нарекуваат уште Крамп-Каренбауер. Германија мора да остане во можност да делува. Меѓутоа, дополни таа, „ЦДУ е спремна за сѐ што ќе се случи или нема да се случи, во тоа можете да бидете сигурни.“
АКК мора да поентира
Сепак, турбуленциите во СПД не се сосема неповолни за раководниот врв на ЦДУ, тие го одвраќаат вниманието од нивните сопствени грешки и тешкотиите со кои со недели мора да се бори Крамп-Каренбауер. Нејзината популарност доживува значаен пад, за што причина веројатно се и неразјаснетите односи на моќ помеѓу неа и канцеларката Ангела Меркел. Меркел за волја на вистината целосно ѝ ја препушти партијата на АКК, но уште лебди како сенка над сѐ. Најновиот пораст на рејтингот на Меркел секако не ѝ ја олеснува работата на нејзината наследничка на фотелјата на ЦДУ.
Крамп-Каренбауер сега планира поентирање со содржинска офанзива. На состанокот на првите луѓе на партијата, ЦДУ усогласи план од седум точки: како слогани се содржани заштита на климата, дигитализација, технологија, иновации, утрешнина на мобилитетот, животен стандард и еквивалентни услови на живот во град и во село. АКК истакна – пораката од европските избори е примена, заради тоа е одлучена посилна ориентација од досега кон креирање на иднината.
Никој не сака нови избори
ЦДУ и СПД ги поврзува и тоа што немаат интерес од предвремени сојузни избори. Тие не се добро подготвени ниту персонално, ниту содржински. На изборите за Европски парламет на 26 мај Социјалдемократите со освоени 15,5 проценти гласови постигнаа катастрофален резултат. Во анкетите одат уште надолу. И ЦДУ претрпе загуби, во вратот им дишат Зелените, кои веќе ја истиснаа СПД на трета позиција.
И така ЦДУ и СПД, двете партии со свои претрпени удари, се тетерават кон летото. Дали на Германија ѝ претстои жешка есен, останува да се сочека на одговорот. А што вели ЦСУ, најмалиот од трите коалициони владини патнери? Шефот на ЦСУ, Маркус Зедер, исто така се надева на опстојување на владината коалиција, но проектот „Да се чека до 2021“ не е доволен. „Мотивот, имено, не смее да биде: се останува на власт од страв од соочување со гласачите.“