1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: германската амбасадорка шири „лажни вести“

БГ
17 мај 2017

Македонскиот претседател во реакција по денешното соопштение на германското МНР, ја обвини амбасадорката на оваа земја дека шири лажни вести и тврди дека Меркел му се извинувала поради тоа

https://p.dw.com/p/2d8a5
Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вечерва остро ја нападна германската амбасадорка во земјата Кристине Алтхаузер, обвинувајќи ја дека шири „лажни вести“. Иванов оценува дека нивото на германската амбасадорка е „навреда за земјата“. Повод за оценката на Иванов е денешното соопштение на официјален Берлин во кое се поздравува доделувањето на мандатот, но и се критикува Иванов поради тоа што дозволил да мине толку време пред да му го додели на парламентарното мнозинство. 
Но, изјавата беше објавена директно од германското Министерство за надворешни работи, а не од германската амбасада во Скопје. 
„Треба да нѐ загрижи квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија. Амбасадорот на германското министерство се служеше со лажни вести, па Меркел мораше да се извинува за неточни информации кои ги добивала од нивната амбасада“, рече Иванов во интервју за ТВ Нова на бизнисменот Сеад Кочан. Тој не кажа кога се одржала средбата со Меркел на која таа му се извинила, но алудираше на критиката за доцнењето со давањето на мандатот. 
„Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја. Недозволиво е на лажни информации да темелат соопштение од германска амбасада. Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на уставот?“, праша Иванов во интервјуто. 
Претходно, германското МНР му порача на Иванов дека одамна требало да го додели мандатот. 
„Добро е што претседателот Иванов попушти и престана да го блокира формирањето на новата влада. Оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно го рефлектира исходот од изборите во декември 2016 во земјата“, беше наведено во изјавата на германското министерство за надворешни работи. 
Германското МНР, но и министрите Франк-Валтер Штајнмајер и Зигмар Габриел во повеќе наврати во изминатите 12 месеци директно го критикуваа македонскиот претседател. Штајнмајер, кој во меѓувреме беше избран за германски претседател, тоа за првпат го стори по прогласената аболиција минатата година, а Габриел пред неколку недели, пред и по, крвавите инциденти во Собранието.