1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Иванов требаше одамна да ја донесе оваа одлука

БГ
17 мај 2017

Доделувањето на мандатот за формирање на владата не го поштеди македонскиот претседател Иванов од нови критики од Берлин. Германската влада вели дека тоа требало одамна да се случи 

https://p.dw.com/p/2d8Nj
Deutschland Berlin Auswärtiges Amt
Фотографија: Imago/STPP

„Добро е што претседателот Иванов попушти и престана да го блокира формирањето на новата влада. Оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно го рефлектира исходот од изборите во декември 2016 во земјата“, се наведува во изјавата на германското министерство за надворешни работи. Претседателот Ѓорге Иванов денеска конечно му го додели мандатот за формирање на новата влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. 
„Претседателот на СДСМ, Заев сега го има мандатот за формирање влада. Тоа е првиот важен чекор за надминување на политичката криза во која земјата се наоѓа. 
Ги повикуваме сите актери во Скопје сега конструктивно да соработуваат, а тоа важи и за претстојните коалициски преговори“, вели официјален Берлин. 
Оттаму уште и предупредување до политичките актери во Македонија да престанат со интриги и блокади и да им служат на интересите на граѓаните. 
„Македонците не заслужуваат врз нивниот грб да се водат политички интриги. 
Она што ѝ е потребно на земјата и она што нејзините граѓани со право го очекуваат е брзо формирање на нова влада, која брзо ќе се зафати со целосно спроведување на Договорот од Пржино и на реформските приоритети. Потребни се длабоки реформи за да продолжи македонскиот пат кон евро-атлантските интеграции. 
Германија и натаму ќе ја поддржува земјата на тој пат“, се вели во изјавата на германското МНР.