Зошто на Германија ѝ требаат странски студенти
15 ноември 2019Во Германија има 2,87 милиони студенти, околу десет проценти од нив доаѓаат од странство. Претседателката на Германската служба за академска размена (ДААД) Маргрет Винтермантел е задоволна од бројките.
„Прекуграничната мобилност на студенти, научници и меѓународни проекти, која ја помага ДААД, е исклучително успешна“, изјави таа во разговор со Дојче веле. Германија, по САД, Велика Британија и Австралија, е најомилена земја за странски студенти од цел свет. Она што недостасува, според Винтермантел, е стратегија за интеграција на студентите.
Почетни тешкотии во германските факултети
Маимуна Уатара доаѓа од Брегот на Слоновата Коска и докторира на Универзитетот во Потсдам. Смета дека е добро интегрирана. Како претседавач со Сојузот на странски студенти ги советува колегите за правни прашања и се противи на воведувањето студентски такси за странските студенти. Таа ги знае предностите на студирањето во Германија.
„Студентите доаѓаат меѓу другото зашто овде стекнуваат добро образование и со германска диплома имаат поголеми шанси на меѓународниот пазар“, вели таа. Уште еден „плус“ е и што мнозинството германски универзитети не го наплаќаат студирањето. Но, Уатара ги знае и проблемите. Уште се сеќава на сопствениот тежок почеток во Германија. „Посетував јазичен курс, но на почетокот бев збунета, не знаев како да правам белешки или скрипти од предавањата.“
Преголем број прекини на студирањето
Во странска земја и култура не е лесно да се излезе на крај со јазикот и бирократијата. Многумина се чувствуваат оставени сами на себе. Дури 41 процент од странските студенти го прекинува студирањето, а тоа е премногу, истакнува Маргрет Винтермантел: „Мораме да се погрижиме за зголемување на успехот на странските студенти. Не можеме туку-така да го прифатиме фактот дека ни доаѓаат млади луѓе и потоа го прекинуваат студирањето и фрустрирани се враќаат дома.“
На студентите им е потребна поголема поддршка, подобро советување на универзитетите, а за тоа, секако, се потребни и повеќе пари.
На пример, курсевите за германски јазик се веќе преоптоварени. Така е на Универзитетот „Ото фон Герике“ во Магдебург. Таму Акрам Елбораши студира медицина. Овој Египќанец е ангажиран во организацијата ИКУС, составена од студенти кои им помагаат на другите во процесот на интеграција. Елбораши, на пример, организира екскурзии за меѓународни и германски студенти. „Се грижам и за интеркултурните проблеми во студентските домови и помагам со преведување во разговорите меѓу станодавците и станарите.“ За жал, многумина кои доаѓаат да студираат не зборуваат добро германски и одат на јазични курсеви, вели тој, но: „Бесплатните курсеви за германски се секогаш полни, редиците за чекање се долги.“
Ректорот на Универзитетот „Ото фон Герике“, Јенс Штракељан ги знае овие проблеми. Нему му е важен меѓународниот углед на универзитетот и ги поддржува студентите меѓу другото и преку програмите на ДААД. Така, универзитетот сега целно се грижи за сириски бегалци, за нивна добра подготовка за студирање. Десетмина се веќе спремни да тргнат на предавања.
На Германија ѝ требаат доселеници
Универзитетот Магдебург е ориентиран главно кон техника и природни науки и важи за посебно отворен за странски студенти. Од 14.000 студенти, преку 3.000 се странски, доаѓаат од 106 земји. „Тоа побарува интеграциски напори, кои не се секогаш едноставни“, вели ректорот. Најголема странска група студенти се Индијците, кои во Магдебург имаат своја заедница. Наставата за мастер-студии се одвива на англиски јазик.
Јенс Штракељан не сака Азијците да останат затворена група и се обидува да ги анимира за бечелор-студии. Таму од почеток се учи на германски јазик. „Ако не успееме да понудиме доволно курсеви за јазик, нивната можност за вклучување на пазарот на труд во Саксонија Анхалт е речиси никаква“, вели тој, напоменувајќи дека фирмите во источниот дел од Германија очајнички бараат работна сила.
„Нашето општество има потреба од повеќе добро образовани луѓе, па и квалификувани доселеници во многу бранши, на пример кај новите технологии како вештачка интелигенција, или како што се генерално инженерско-научните насоки“, потврдува Маргрет Винтермантел: „Но, за да дојдат дотаму, студентите треба да го знаат и патот до нашиот пазар на работна сила.“
Магдебург треба да стане „пошарен“
Сепак, интеграцијата не значи само спроведување стручњаци во стопанството преку јазични курсеви, туку таа подразбира странците да се чувствуваат добро во германското општество. Ректорот Штракељан на тој план досега имал добра соработка со градот Магдебург. Планирано е отворање Центар за добредојде среде градот, за сите студенти кои имаат некакви прашања и дилеми. „Тоа би требало да биде место за средби кое ќе покажува: овде сте добредојдени“, вели тој и дополнува: „тоа е начин за странските студенти овде да станат повидливи“.
Штракељан би сакал Магдебург да стане „пошарен“. Но, не смета дека одговорноста за тоа ја сноси само универзитетот, туку и целото општество. Токму во време кога сѐ повеќе расте просечната старост на Германците, универзитетот пружа можност за доведување млади луѓе во градот и нивно останување.
Тоа не е лесно, ако се знае дека токму во Саксонија-Анхалт, и сега и во Тирингија, многу гласови на изборите добија десничарските партии, чиј став кон странците е тврд и ги одвраќа странските студенти од доаѓање во Германија, но и студентите од другите краишта на земјата во источните покраини.
Повеќе:
Германија- сѐ поомилена дестинација за студирање
Кој (не)сака да студира во Германија?
Колкави се шансите за студирање во Германија?
Егзодус од Југоисточна Европа - земјите ја губат битката за своите „мозоци”
Зголемен притисокот на десницата
По една манифестација во 2017 година, на која учествувала и „Младата Алтернатива“ - универзитетска иницијатива на десничарската партија Алтернатива за Германија, АфД, дошло до судири меѓу нејзините припадници и противници. Штракељан добивал смртни закани. Вели дека му извршиле манипулација на автомобилот, му отпаднала предната гума. Освен тоа, му ја ишарале куќата со боја. Тој решил дека тоа не смее да го заплаши и и натаму се труди неговиот универзитет да биде отворен кон светот.
Акрам Елбораши досега не доживеал непријателства. Задоволен е во Германија, каде сака и да остане по студиите. Во Магдебург има пријатели, а подоцна работата му е обезбедена. „Во Германија си добро обезбеден, иако во САД како лекар може да се заработат повеќе пари“. Во Германија постои здравствено осигурување, постои пензија. Единствено нешто што не може да го разбере е бирократијата. Инаку, Елбораши истакнува: „Овде нема доволно лекари. Потребен сум во Германија, зошто тогаш би ја напуштал?“