1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егзодус од Југоисточна Европа - се губи битката за „мозоци”

22 јули 2019

Стотици илјади лица од јужна Европа ги напуштија своите татковини во правец на западна Европа. Компаниите се воздржуваат да инвестираат, бидејќи им недостига персонал. Германија профитира.

https://p.dw.com/p/3MXPu
Berufspendler | Stöckelschuhe
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

„Ние сме нација во исчезнување”, се жали шефот на романската компанија „Каларфул”, која се занимава со наоѓање специјализирани човечки ресурси, Маријан Хангану, за масовното иселување на млади од земјата.„Резултатот е што многу мултинационални компании одлучија веќе да не инвестираат во Романија, бидејќи нема персонал.”

Слична е ситуацијата и во соседна Бугарија. „Економијата почнува да откажува договори, бидејќи нема кадар”, вели министерот за економија Емил Караниколов за бугарска телевизија. Многу луѓе од Југоисточна Европа заминуваат во Германија, Италија или Шпанија. Платите во татковината растат, но во помал обем.

#DE_facto: Германија бара еден милион работници

Компании, експерти и политичари од Будимпешта до Атина се загрижени. Токму атрактивните за пазарот на трудот млади, добро школувани лица ги напуштаат своите татковини. Стручен кадар недостига насекаде.

Повеќе од два милиона Романци, според проценките на властите, живеат во странство, повеќето во Шпанија и Италија. Егзодусот во соседството е сличен. Повеќе од 700 илјади Бугари, според официјални податоци, си нашле нов дом во некоја од земјите на ЕУ. Од Хрватска, според студија на Националната банка во Загреб, во периодот од 2013 до 2016 година мигрирале вкупно 230 илјади лица во ЕУ. Тоа се 2 проценти од населението на годишно ниво. Од Грција, по почетокот на финансиската криза, во 2010-та, според проценки на синдикатите, си заминале најмалку 400 илјади претежно млади лица. Дури и во Унгарија, која досега важеше за една од најдобро развиените држави во регионот, по глобалната криза во 2008 имало бран на миграција кој од 2010. година е засилен, тврди во студија социологот Агнес Харс од Будимпешта. Од 2010. до 2017. повеќе од 200 илјади Унгарци на возраст од 20 до 65 години ја напуштиле земјата и со тоа Унгарија има најголема динамика на иселување од поновите членки на ЕУ. Од 2010 во Унгарија владее националистичкиот политичар Виктор Орбан. 

Deutschland Arbeitslose Jobzenter in Frankfurt
Работната сила мигрира од Исток кон ЗападФотографија: AP

На Кристина Миху одлуката да се пресели во Германија ѝ паднала лесно. Таа во училиштето во Дева во романската провинција Трансилванија учела германски како втор странски јазик. За време на студиите по медицина во Темишвар, родителите ѝ финансирале три пракси на клиники во Италија, Шпанија и во Хајделберг.

„Јас сакав да имам меѓународно искуство”, вели 32-годишната интернистка која работи на клиниката во Нирнберг. Веќе шест години живее таму. Покрај можностите подобро да заработува, една од причините што се иселила била и широко распространетата корупција во здравствениот систем во Романија. „Ми пречеше, иако состојбата порано беше уште полоша”, вели Миху.

Во југоисточна Европа, пак, недостигот на лекари и негуватели е широко распространет проблем. Во унгарското гратче Шолнок морало привремено да биде затворено инфективното одделение. Окружната болница во романското гратче Тулчеа веќе нема анестезиолози, бидејќи од тројцата кои работеле таму двајца си дале отказ, а третиот се разболел. Романски бизнисмени се обидуваат да привлечат кадар од подалечниот исток за да го затворат јазот на побарувачка и понуда. Владата за годинава утврди контингент од 20 илјади лица работна сила од земји кои не се членки на ЕУ. Но тоа, според Хангану, е само игла во сено.

Младите трајно го напуштаат Балканот

Во Романија недостигаат најмалку 300 илјади лица работна сила. Соработката со гастарбајтери од Блискиот Исток често не успевала, бидејќи многумина од нив не ја поднесуваат климата и храната во Романија, вели Андреа Тартакан, соработничка на Хангану. „Се обидуваме барем за градежниот сектор да најдеме работници од Таџикистан. Тие физички се поиздржливи отколку Виетнамците, бидејќи доаѓаат од степски области”, смета експертката. И во Бугарија се вработуваат гастарбајтери, иако не од толку далечни земји како во Романија. Во туристичките области на Црно Море доаѓаат келнери и собарки од Украина, Белорусија и Молдавија.

Повеќе:

Ќе се вратат ли ограничувањата за македонските работници во Германија?

Кој (не)сака да студира во Германија?

Сонот за Запад ја празни Северна Македонија

Западната политика по сѐ изгледа дополнително е магнет за миграција. Во сиромашното Косово германскиот министер за здравство Јенс Шпан неодамна посети училиште во кое се обучуваат негуватели за во Германија. И престижното германско училиште во Призрен е појдовна точка за иселување. На 30-на матуранти од секоја генерација им се нуди договор за натамошна наобразба во Германија. Ретко кој по обуката се враќа во Косово. Институтот за истражување на пазарт на трудот и професиите со седиште во Нирнберг смета дека Германија профитира од доселениците од југоисточна Европа. „Тоа најчесто се млади луѓе, квотата на вработени е речиси споредлива со Германците”, вели Херберт Брикнер од Институтот. Во некои бранши, како градежната и гастрономијата, како и во делот на негувателите, би било тесно без нив, бидејќи ретко се наоѓа Германец за истата позиција, нагласува Брикнер и додава: „Таму нема конкуренција”.

 

Автори: Катрин Лауер, Елена Лалова, Грегор Мајер (дпа)