Зошто многумина прават ХИВ-тест доцна?
30 ноември 2019Зошто многу луѓе предоцна прават ХИВ-тест? Често причина е стигмата која сѐ уште е поврзана со болеста. Многу луѓе на возраст од 50 до 60 години често имаат страв дека ќе бидат дискриминирани и погрешно сфатени доколку тестот им е позитивен.
„Ова особено важи за лицата кои живеат во помали места или на село“, вели Норберт Брокмејер од Центарот за сексуално здравје во Бохум. „Тие често не се осмелуваат да одат на лекар, особено не во нивната социјална средина." Во вакво сооцијално опкружување често и самата хомосексуалност е проблем, а камоли инфекција со ХИВ која многумина сѐ уште директно ја поврзуваат со болеста СИДА.
Тест за нов партнер
Во основа има две групи на луѓе кои прават ХИВ-тест подоцна во животот. Едните бидејќи релативно скоро добиле ХИВ-инфекција, а другите се подолго време инфицирани со ХИВ.
„Меѓу нив има и такви кои воопшто не сметаат дека би можеле да бидат заразени со ХИВ поради што и не прават тест“, објаснува Брокмејер. Речиси 30% од сите дијагнози се задоцнети.
Има луѓе на возраст помеѓу 50 и 60 години кои во подоцнежните години сакаат да имаат „слободен љубовен живот“ и често менуваат партнери. Тоа се пред сѐ мажи кои одат на одмор во странство, најчесто во Африка или Азија, каде имаат односи со мештани, а овие земји сѐ уште имаат највисока стапка на инфицирани со ХИВ во светот. Без соодветна заштита, инфекцијата со ХИВ многу лесно се пренесува.
Јасни симптоми
Често доказите за ХИВ-инфекција се толку јасни што прегледот е неизбежен, а дијагнозата е само потврда. Симптомите, на пример, може да бидат некаков тип на тумор на кожа или херпес зостер. Исто така, може да се појават и проблеми со бубрезите, црниот дроб или очни болести. Во некои случаи може да се развие и тешка пневмонија.
„Со годините може да се развијат и други заболувања. Тогаш се јавува еден вид испреплетување на постоечките болести со новите заболувања кои се појавуваат“, вели Брокмејер.
Луѓето на возраст помеѓу 50 и 60 години често мора да земаат и редовна терапија. Во таков случај постои опасност од несакани ефекти или промена на дејството на некои лекови“, објаснува овој експерт за СИДА. Во вакви случаи, лекарот мора да има персонализирана терапија за разлика од помладите пациенти кои имаат релативно подобра здравствена состојба.
Заштита од ХИВ
Добра заштита од ХИВ инфекција сѐ уште е кондомот. Дополнително има и ПрЕП (Pre-exposure prophylaxis). Во таков случај луѓето земаат два лека во една таблета. Со ваква добра терапија инфекцијата може да се спречи до 95%. На интернет има ризик-тестови во кои се третираат различни проблеми и прашања поврзани со ХИВ.
„Многумина дури и не знаат кои се нивните ризици“, вели Брокмејер и додава дека „има понуди за превентивни тестови, за користење на ПрЕП, користење на кондоми или дури и за ХИВ-тест." „Мораме да креираме и понуди соодветни за лица од 50 до 60 години и над таа возраст, за да ги натераме да направат тест и да добијат дијагноза“, објаснува Брокмејер.
„Овие понуди треба да бидат дизајнирани така што луѓето не треба да имаат страв дека ќе бидат стигматизирани“, препорачува овој експерт.