Дојде тивко и замина во легенди
4 ноември 2021Иронијата на оставката на Зоран Заев е што таа беше најпремиерскиот чин во неговото владеење. Дадена од позиција на моќ и со ефект на студен туш врз победниците на локалните избори, од сите провиниенции, на кои им ги украде светлата од рефлекторите и триумфалните наслови. Неговата оставка беше за очекување. Неговите оставки беа изненадување на раб на шок, за сите без исклучок.
Испораката ги надмина очекувањата. Заев ја отвори играта. Како пупка. Хоризонтално и вертикално, угоре и удоле со потез кој не се памети во историјата на нашата демократија. Со неколку збора, главниот актер се иззема од играта и на сцена ги остави збунети неговите поддржувачи и распиштолени неговите опоненти. Се што недостасуваше во неговата изјава беше да го парафразира Ричард Никсон по неговата прва оставка од политиката: „замислете што изгубивте ноќеска. Веќе нема да го имате Заев за шутирање”.
Судбината на Заев како премиер беше запечатена уште по првиот изборен круг. Токму затоа, начинот на кој беше елиминиран во вториот круг беше пренагласено ситење во понижување. Тоа беше и фаталната грешка на неговите опоненти зададени во мрцварење на политички полуживиот Заев, со што си ги нахранија страстите, но и предизвикаа контраефект на одиум од страна на јавноста. Опозицијата и саботерите од неговиот камп немаа самоконтрола за да разберат дека секој пророк е смртник се додека не биде изложен на мачење и потсмев на масата и победниците.
Дебатите околу мотивите зад неговата оставка се само гатање во филџан и психо-политичко паметување во кое има место да подеднакво причината се најде врз неговата емотивност или пак во некоја џедајска комплицирана стратегија. Што и да е причината, самиот потег ги остави СДСМ со прсти во усти, ВМРО-ДПМНЕ како славениче на кое му е украден роденденот, а Владата во криза на идентитет.
Сиви еминенции
Да почнеме од СДСМ. Заминувањето на Заев од Бихаќка ја враќа партијата онаму каде што и ја презеде. Заборавиле, па да ги потсетиме: шворц, раскарани, со омразен лидер, без идеја како да се спротивстават на ВМРО и оптоварени со лажни величини. Заев дојде на чело онака како што и си замина, преку интрига и патрицид од страна на сивите еминенции на интригата и неспособноста. Неговото заминување од СДСМ не започна со (или криење) на Зоран Верушевски од јавноста. Она што следеше подоцна е само сценска изведба на систематското подривање. Дека часовникот отчукува ситно за Заев можеше да се види од реакција на Црвенковски против фамозното интервју на премиерот и неговиот непринципиелно солидарен молк и разбирање за улогата на Никола Димитров како автор на Договорот или изјавите на Стево Пендаровски како вљубеник во Борисов. Следеше молкот на Шеќеринска, која успеа да го надмине Груевски во избегнување критични ситуации и незгодни прашања по најболната тема –Договорот со Бугарија.
-претходни колумни од авторот: Локалните избори како втор круг на парламентарните избори
На крај, очекувано, традиционално, како швајцарски часовник прецизно, пораката на естаблишментот беше пренесена од тврдините на ретроградноста кај нас – МАНУ и Стопанската (гасна) комора на економијата. Некој некогаш ќе мора да се справи со овие мрачни катедрали на учмаеноста и баналноста крај кои (заедно со Атлантскиот совет) дури и МПЦ и ИВЗ личат на бастиони на либералното, современото и прогресивното.
Апострофирањето на овие квази-институционални атавизми не е поради префрлање на вината или релативизација на оставката. Нивното споменување е со цел да од Бранко Црвенкоски се побара да – по извинувањето за транзициската приватизација – си ја докаже созреаноста и преку дистанцирање од приватизерите од транзицијата. Кои сепак се уште гравитираат во неговото и во опкружувањето на Шеќеринска и Никола Димитров. Разобличувањето на деструктивноста и пензионерската себичност на овие квази-институции е предуслов за отварање на политиката и ставање крај на лажните величини кои во рамноправен натпревар не би се квалификувале ни за во месна заедница.
Демисијата на Христијан Мицкоски
Трагикомична колатерална жртва на судирот во СДСМ е победникот Христијан Мицкоски и неговата де-факто демисија за уште неколку позиции подолу во листингот на „големи играчи” на политичката сцена. Далеку под досега апострофираните, подолу од Хари Костов, Орце Камчев, Али Ахмети, сместен некаде помеѓу Зијадин Села и Стево Пендаровски. Неговата трка да во еден ден се откаже од „никогаш Северна” и приреди збрка со имам-мнозинство, пардон сакам-избори, ќе беше набргу заборавена доколку во неговото помирување со Преспанскиот не се отслика лицемерноста на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Настрана што таквото признавање дава легитимно право да помислиме дека слично пишманење ќе следува и во однос на Бугарија, она што е побитно е дека со прифаќањето на плодовите на Заев токму Мицкоски го воздигна муртинецот во визионер по чии блатливи, макадамски, сокачки, селски калдрми ќе чекорат и салонките на неговите наследници. Да, сето проследено со плачки и пцовки, и „ЗЗ е крив рефрени”, но биди маж и згази понастрана без страв од мини. Ако смееш!
Кој после Заев?
Оставката на Заев е заслужена и логична. Нема место за патетика или сожалување на лик кој самиот си ги бираше соработниците и стратегиите, славеше кога тагувавме, се фалеше кога се срамевме, аздисуваше кога банкротиравме. Специфичноста на неговиот пад лежи во дискрепанцата на поривите на граѓаните кои сакаа да го казнат и мотивите на заткулисните мастермајнди кои во него препознаа закана за нивната долговечност во ексклузивното збирање на наградите од политиката и економијата. Распространетата елаборација за нивното „анти-бугарство” е делумно точна и воглавно апстрактна доколку нивната црно-бела патриотска сликовница не се обои со веселите бои на профитот, парите, влијанието и неказнливоста. Онака како што тие кругови беа толку лути на Грција за блокадите, но не толку лути за да спречат шпартање на грчки разузнавачи во владини кабинети и преговарање за (кон)федерации со Грција; онака како што нивните шајкача-пулени растеа во скутови на бугарски разузнавачи и ја разоткриваат својата бугарска самосвест по кафеани во Овча Купел и дома предничеа во одбрана и заштита од бугарштината; онака како што спокојно и без присила се согласуваа со ситнење на македонскиот етнички корпус преку бугарски пасоши – така и нивната згрозеност од Договорот со Бугарија е определен од освестувањето дека можеби оној што ќе го спроведе до крај ќе биде и оној што ќе го добие ќарот на денот и привилегијата за владеење во еден сосема поинаков распоред на силите и доминацијата. Затоа, не гневот против Заев, туку помирливоста на „македонската кауза” со соработниците на Заев во склучување на Договорот е мотив за сомнеж дека Заев беше поголем проблем од самиот Договор.
-претходни колумни од авторот: Октомвриска еволуција
Заев се прости од политиката? Во ред, благодариме, уживај и живеј. Заев ќе се врати во политиката? Во ред, да дочекаш. Небитно е, навистина. Битно е што замира ерата на политички имиџи како икони и настапува ерата на политиката како отчетност. Не, не го мислам тоа како Душан Чкребиќ дека „Македонија е уморна од лидери”, туку како реалност во која фрагментизацијата на политиката е толкава што никој веќе нема да може да се однесува, камо ли да биде масовно прифатен како вожд.
Кој после Заев? Бардовите ги огласија желбите на сопствените спонзори и ги наредија Шеќеринска, Димитров, Спасовски, Гошев итн. како благонадежни кандидати за број 1 во Илинденска бб. Каква идеална можност да сите тие, плус досегашните министри на Заев, на дело докажат дека се искрени кога велат дека „надежта е во младите” или „никој не е незаменлив”. Бујрум, докажете се на дело, отстапете за да младите или некомпромитираните превземат. А притоа, попат, им помогнете на Албанците да - по вашето триесетгодишно шлаење по позиции, функции и привилегии - им кажат на ДУИ дека и нивните дваесет години се повеќе од доста! Hic Rhodus, Ламбе!