Димитров ќе го менува Заев во Белград, дали и во Владата?
2 ноември 2021Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, наместо премиерот во оставка Зоран Заев ќе учествува на иницијативата „Отворен Балкан“ којашто ќе се одржи утре и задутре во Белград. Ваквата одлука ги подгрева шпекулациите декаДимитров би можел да го замени Заев и на премиерската функција, по неговото повлекување по неуспехот на локалните избори во земјата.
Од Кабинетот на Димитров денеска соопштија дека поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ продолжува на работен состанок во Белград на 3 и 4 ноември 2021 година (среда и четврток), а на средбата во име на македонската Влада ќе учествува заменик-претседателот задолжен за европски прашања.
Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел-дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, а потоа ќе биде одржана и прес-конференција. Предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата.
Заев се откажа од учеството откако поднесе оставка во неделата. Германскиот весник ФАЦ, во денешната анализа оцени дека оставката на Заев е лоша вест за Брисел. Прогнозите на весникот се дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада.
Во однос на идниот развој на ситуацијата во земјата, ФАЦ проценува дека се можни три сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.