Заев се повлекува од владата и партијата
31 октомври 2021„Ја преземам одговорноста на себе. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија.“
Со овие зборови Зоран Заев во неделата најави повлекување од кормилото на владата и на неговата СДСМ откако партијата доживеа тежок пораз на локалните избори во земјата.
Заев рече дека е разочаран од начинот на кој гласале мнозинството гласачи.
„Има разочараност кај мене затоа што мнозинството од народот кој гласаше, како и оние кои останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои во парламентот пред четири година сакаа и тргнаа да убиваат. Некои од нив дури се избрани за градоначалници во скопските и други општини“, рече Заев.
„Видовме сојуз меѓу жртви и насилници, без образ- за власт и пари.“
Тој порача дека сака неговото повлекување „да остане забележано во паметењето на народот“.
„Не е тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ.“
„Донесов слобода и демократија, а кога е слобода и демократија треба да има и преземање одговорност. Низ преземањето одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да води грижа за својата земја.“
Заев: Големи пари кај опозицијата
На граѓаните им порача дека е редно „да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки одлуки за иднината на својот народ и државата без притоа да се грижат за својата фотелја или рејтинг“.
Премиерот во оставка рече дека е горд што земјата во неговиот мандат стана членка на НАТО, а верува и дека во следните неколку месеци има шанси да започнат и преговорите за членство во ЕУ.
Заев и честиташе на победата на опозицијата, но и коментираше дека парите биле причина за нејзиниот успех.
„Беа видливи многу пари кај опозицијата дојдени од надвор од политички и економски причини, а дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“, рече Заев.
Тој смета дека нема потреба од вонредни парламентарни избори и најави дека ќе остане додека се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство.
„Останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентари избори. Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот народ и државата“, рече Заев на прес-конференцијата во партиското седиште.