ЗЦ: Пандев е македонскиот Бекенбауер, Пеле и Кројф во едно
23 јуни 2021„Солзите на Горан Пандев немаа никаква врска со поразот од Холандија од 3:0. Не беше ни испаѓањето на Северна Македонија уште во првата рунда на првенството тоа кое го потресе", пишува Зидојче цајтунг.
„Пандев е македонскиот Бекенбауер, Пеле и Кројф во едно. Околу 2.000 гласни македонски навивачи во Јохан Кројф арената истакнаа транспарент на кој пишуваше 'Гранде Пандев’. Уште при изведувањето на химната пред мечот Горан, Великиот, делуваше меланхолично. Кога, пред првиот холандски гол, беше фаулиран од Дејли Блинд, изгледаше бесно лут. Кога во 69 минута беше почесно заменет, со солзи во очите мина низ шпалирот на неговите соиграчи. Со тоа Горан Пандев ја заврши кариерата во националната репрезентација. Пред мечот Холанѓаните му подарија дрес со бројот 122. Тоа е бројот на натпревари кој го одигра за националната селекција.
Националниот дрес го носеше до својата 37 година и 11 месеци и сега е играчот со убедливо најмногу настапи. Против Австрија го постигна и првиот гол за својата земја на едно првенство. Уште едно достигнување за вечност", наведува германскиот весник.
Дали Пандев по првенството ќе замине во целосна пензија или ќе одигра уште една сезона во својата Ѓенова останува нејасно, пишува Зидојче цајтунг.
„Пандев размислуваше по првенството целосно да ја заврши кариерата. Но сега се двоуми дали можеби да одигра уште една сезона. Неговиот договор со Ѓенова истекува. Речиси целата кариера ја одигра во Италија. Во 2010 со Интер ја освои Лигата на шампионите. Во Северна Македонија веќе го гледаат како иден претседател на Фудбалската федерација. Тоа веројатно ќе биде една ефективна терапија за болката од пензионирањето."