Зеленски со апел до ЕУ: Не нѐ оставајте на цедило
1 март 2022Со емоционален апел до Европскиот парламент, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска преку видео обраќање побара прием на неговата земја во ЕУ.
„Ние се бориме за нашите права, за нашата слобода и за нашите животи. Ние се бориме за преживување. Но, ние исто така се бориме за полноправно членство во Европската унија. ЕУ ќе биде многу посилна со нас, тоа е сигурно. Без вас, Украина останува сама“, изјави Зеленски. Затоа, ја замоли ЕУ да докаже дека нема да ја остави Украина на цедило. „Докажете дека сте Европејци и тогаш животот ќе ја победи смртта, светлината ќе триуфира над темнината и над војната", истакна украинскиот претседател.
Неколку дена по руската инвазија врз неговата земја, Зеленски во понеделникот писмено побара „неодложен прием на Украина во ЕУ во специјална процедура“, со оглед што приемот вообичаено е комплициран и постапката трае доста долго.
Барањето на претседателот пред европарламентарците со видео порака го поткрепи и претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук.
Европратениците и врвот на другите институции на ЕУ со стоење му аплаудираа на Зеленски, на седницата учествуваа и претседателот на Советот, Шарл Мишел, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Многумина пратеници беа облечени во боите на украинското знаме, сина и жолта. Шарл Мишел ја обвини Русија за вршење „геополитички тероризам“.
Европскиот парламент на вонредна седница во Брисел треба да гласа за резолуција со најостра осуда на рускиот напад врз Украина и поддршка на западните санкции против Москва. Предлог - резолуцијата пледира и за давање перспектива за прием на Украина во ЕУ.