Русија и Украина преговараат - кој што бара?
28 февруари 2022Додека борбите во Украина продолжуваат, делегации на Украина и на Русија во регионот Гомел, на украинско-белоруската граница, ги започнаа разговорите за мир. Двете делeгaции беа поздравени од белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеј, кој ги отвори разговорите, јавуваат белоруските државни медиуми.
Руската делегација ја предводи специјалниот ополномоштеник на Кремљ, Владимир Медински. Дел од делегацијата на Русија се и заменикот министер за надворешни работи Андреј Руденко. заменикот министер за одбрана Александер Фомин, рускиот пратеник во преговорите на т.н. Контакт група, Борис Гризлов и политичарот чија специјалност е надворешната политика, Леонид Слуцкиј.
Украинската страна е предводена од Давид Арахамија, шеф на пратеничката група на партијата на Зеленски, Слуга на народот. Покрај него, дел од делегацијата се и министерот за одбрана Олексиј Ресников, претседателскиот советник Михајло Подољак, заменикот раководител на делегацијата на Украина во трилатералната Контакт група, Андриј Костин, пратеникот Рустем Умјеров и заменикот министер за надворешни работи Микола Точизкиј.
Кремљ: Преговорите можеа да почнат порано
Водачот на руската делегација Медински претходно даде уверување дека Москва е заинтересирана за постигнување договор. „Дефинитивно сме заинтересирани за доаѓање до договор најбрзо што е можно“, изјави тој за руската државна телевизија пред почетокот на разговорите. Согласноста мора да е „во интерес на двете страни“.
Освен тоа, Кремљ жали што преговорите почнуваат дури сега, „иако имаше можност за тоа“, ги пренесува агенцијата Тас зборовите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Руската делегација, според Песков, во соседната земја „чека веќе долго“. Песков смета дека разговорите можеле да почнат уште ноќеска, „но спротивната страна пристигна дури сега“. Кремљ не сакаше да дава изјави за руските „преговарачки позиции“ пред разговорите. „Предлагам да ги причекаме разговорите“, изјави Песков.
Киев бара прекин на огнот и повлекување на руските трупи
Според украински информации, меѓутоа, до средбата во текот на ноќта не дошло поради тоа што борбите го отежнале пристигнувањето на делегацијата. Околу барањата на Киев е соопштено: „Клучното прашање на преговорите е итен прекин на огнот и повлекување на трупите од територија на Украина.“
Украина првично отфрлаше мировни разговори во Белорусија, која ѝ е партнер на Русија. Таа земја, како што изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, учествува во борбите против Украина. Зеленски рече дека е согласен со сите места „од кои не се исфрлаат ракети врз Украина“.
Мала надеж за резултати
Подоцна, Зеленски сепак ја прифати понудата на Русите. „Не верувам во исходот од оваа средба, но ајде да се обидеме“, изјави украинскиот претседател. Тој рече дека се обидува да ја запре војната дури и ако за тоа постои минимална шанса. Во тоа не смее да се сомнева ниеден Украинец, нагласи Зеленски.
Белорускиот претседател Алескандер Лукашенко вчера призна дека руските трупи ја нападнале Украина од територија на неговата земја. Испукани се две ракети, „затоа што Киев стационираше три до четири ракетни дивизии на границата“ со Белорусија, изјавил Лукашенко, а пренесоа белоруските државни медиуми.