1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски подготвен да разговара за Донбас и Крим

БГ /дпа
8 март 2022

Има ли начин да се стави крај на војната во Украина? Претседателот Зеленски е подготвен да разговара за статусот на сепаратистичките региони, како и за полуостровот Крим кој Русија го анектираше.

https://p.dw.com/p/48AD0
Володимир Зеленски Украина
Украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: UKRAINIAN PRESIDENT OFFICE via REUTERS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да разговара со Русија, но не и да ги прифати нејзините барања за признавање на независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луханск, како и за анектираниот Крим.

„Подготвен сум за дијалог- но не за капитулација. Можеме да разговараме и да најдеме компромис за тоа како ќе се живее на овие територии“, рече Зеленски за американската ТВ ЕјБиСи, додавајќи дека нема намера да прифаќа ултиматуми. 

Русија во понеделникот првпат јавно ги формулираше барањата за запирање на војната во Украина, и притоа не ги спомена претходно наведените цели за „денацификација и демилитаризација“ на Украина. 

Условите на Москва  

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков рече дека Москва очекува смена на украинскиот устав со што земјата ќе се откаже од амбициите да стане членка на ЕУ и НАТО и нејзина натамошна неутралност;  потоа признавање на Крим како руска територија и на самопрогласените републики Доњецк и Луханск како независни држави. 

Украина Војна Тенкови
Уништени руски тенкови во близина на СумиФотографија: Irina Rybakova/Press Service Of The Ukrainian Ground Forces/REUTERS

„Што се однесува до останатото. Украина е независна држава и може да живее како сака, но под услови на неутралност“, изјави Песков за Ројтерс.  

Зеленски повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин на директни преговори.

„Претседателот Путин треба да почне да разговара, да започне дијалог, наместо да живее во информациски меур без кислород“. 

Зеленски ретерираше од претходните барања за членство во НАТО, изразувајќи разочараност што Алијансата не е подготвена да ја прими Украина. 

„Овој сојуз е исплашен од контроверзи и судир со Русија“, рече тој алудирајќи на НАТО. Со уставен амандман усвоен во 2019 година, Украина се заложи да бара членство во НАТО. Но, Зеленски вели дека земјата нема намера да моли за такво нешто.