Западот ги отфрла „солзите на Москва“ за Македонија
23 мај 2015Не се убедливи објаснувањата, дека изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за поделба на Македонија, „биле инспирирани исклучиво од пишувања во медиумите“, како што се правдаат од руската амбасада во Софија, велат домашни аналитичари и амбасадори со кои разговараше Дојче веле. Сите без исклучок, потенцираат дека генезата на ваквите руски ставови има подолга историја. На тоа потсетува и Артан Груби, пратеник на ДУИ и шеф на кабинетот на Али Ахмети.
„Загриженоста од вакви ставови, поинтензивно трае од 30 септември 2014 година, кога Лавров изјави дека проширувањето на НАТО со земји од Западен Балкан е спротивно на интересите на Русија“, вели Груби, потестувајќи и на одговорот на американскиот државен секретар Џон Кери, дека неколку земји, меѓу кои и Македонија, се наоѓаат на „линијата на огнот“.
Матичната парија на Груби, ДУИ, е коалициски партнер со ВМРО-ДПМНЕ, од која, пак, повеќе пати досега беа изложени ставови за разни теми, кои инклинираат или се совпаѓаат со руските. Запрашан за ваквата дисонантност во Владата, Груби вели: „Тоа можеби така изгледа, но само декларативно. Не и суштински. Можеби Иванов повеќе ги застапува тие ставови, но ние не го признаваме за претседател, за нас тој е нелигитимен и не ги претставува нашите ставови. Албанците во Македонија сметаат дека за земјава нема друга алтернатива, освен интеграција во ЕУ и НАТО“, изјави Груби.
Тој вчера имаше работна средба со Хајди Гуерер, Директор за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи на Австрија и со австрискиот амбасадор Мајкл Бауер, на која исто така ја изразил загриженоста во врска со изјавите на рускиот министер за надворешни работи околу случувањата во Македонија.
„Оние ставови не се во согласност со одредбите на граѓаните на Македонија и регионот кој без исклучок бараат интеграција во НАТО и ЕУ. Токму поради ова, земјата мора да ја надмине кризата и да го врати фокусот кон приоритетната агенда на евроатланската интеграција, додека меѓународната заедница треба посилно да го поддржи овој процес“, рекол Груби на средбата.
Истата порака ја пренесе и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој вчера во Тетово се сретна со помошникот на Генералниот секретар на ОН за човекови права, Иван Шимоновиќ.
„Загрижувачки во сите овие случувања е зголемениот интерес на Москва. Москва треба да ја поддржи интеграцијата на Западен Балкан во НАТО и ЕУ, бидејќи тоа е определба на граѓаните на нашите земји“, порача Ахмети.
Се множат реакции од амбасадите
Последните изјави од Москва, кои ја инволвираат Македонија во можни сценарија за поделба на земјата наводно иницирани од Западот, ги мобилизираа западните земјите за одговор против ваквите ставови, кои не одат во прилог на напорите за стабилизација во земјата и регионот.
„Апсурдни се обвинувањата дека САД се вмешани во заговор за дестабилизација на Македонија“, реагираше американската амбасада во Скопје, вo врскa сo изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лaврoв декa Западот стoи зад aктуелните случувaњa вo Мaкедoнијa.
„Неодамнешните обвинувања дека САД или некои американски организации се инволвирани во заговор за дестабилизација на Македонија се апсурдни. Соединетите Американски Држави сакаат мир и стабилност во Македонија, како дел од нашата постојната цел за 'Европа цела, слободна и мирна'. Македонските граѓани и нејзините лидери сакаат да се вклучат во ЕУ и НАТО, знаејќи дека тоа е најдобриот пат за безбедна и просперитетна Македонија. Ние целосно се согласуваме со тоа“, се вели во реакцијата на амбасадата на САД.
Со реакција се огласи и германската амбасада Во Скопје, потенцирајќи дека Германија и нејзините партнери во ЕУ го признаваат територијалниот интегритет на Македонија.
„Границите на Западниот Балкан се конечно поставени. Шпекулациите за промени на граничните линии се неодговорни и би можеле да претставуваат почеток на нови насилни конфликти. По насилните настани во Куманово, со олеснување ја следевме сплотеноста на граѓанките и граѓаните од сите етникуми. И понатаму ги повикуваме сите страни на присебност, за да не се оптоварат односите помеѓу етникумите. Сојузната влада го дели неприкосновениот интерес за оддржлива стабилност, слобода, безбедност и просперитет во регионот со граѓаните од дражавите на Западниот Балкан. Заедно со нашите партнери се залагаме за оваа цел. Сега, во преден план треба да биде решавање на кризата што трае веќе со месеци. За ова е неопходно темелно и транспарентно соочување со содржината на обвинувањата произлезени во рамки на објавените прислушувани телефонски разговори. Освен тоа, потребни се системски реформи за повторно да се стекне довербата во демократските институции на државата“, се вели во писмената реакција од амбасадата на Германија во Македонија.
Поддршка од Софија за Скопје
Министерството за надворешни работи на Бугарија на 21 мај го повика заменик-амбасадорот на Русија во Софија, Александер Шапел, за да го објасни спомнувањето на Бугарија во контекст на сценарија за дестабилизација на Република Македонија, од страна на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров.
„Пред руската страна детално беше претставена бугарската позиција во поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Нагласено беше дека за бугарската страна се категорично неприфатливи сугестиите од каков било карактер за учество на Бугарија во сценарија за дестабилизација на Република Македонија. Рускиот претставник истакна дека изјавата на министерот Лавров не се темели на ставови изнесени од бугарски официјални лица и дека таа не е израз на официјалната бугарска позиција, туку на идеи пренесени во медиумскиот простор, вклучувајќи го и бугарскиот“, соопшти бугарското МНР.
Оттаму го прифатиле ваквото објаснување, но истакнувајќи дека во изјавата на Лавров не била потенцирана ваквата разлика, што довело до потреба од категорична бугарска реакција.„Стабилноста во регионот на Западен Балкан е од огромно значење за нашата национална безбедност и ние не можеме да си дозволиме каква било двосмисленост на ова прашање“, рекол рускиот дипломат. Бугарската страна истакнала дека кризата во Македонија има политичка природа и не треба да се дозволи со вакви сугестии да се развие во меѓуетнички конфликт. „Двете страни се согласија дека политичката криза во Република Македонија треба да се реши во најкус можен рок и ги изнесоа различните ставови за механизмите што може да се применат за да се постигне оваа цел“, соопшти бугарското МНР.
Изјавата на Лавров деновиве во Софија е интензивно коментирана од актуелни и бивши политичари. Поранешниот бугарски министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин, замолен од медиумите за коментар на оваа тема, изјави: „Процесите и проблемите во Македонија не се од вчера. Нормално е луѓето да побараат промена на внатрешнополитички управување, што ја доведе земјата до беспреспективност. Но, според мене многу површно е да се тврди дека САД и Русија се соочуваат во Македонија“.