1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Груевски нема друг избор, освен да се врти кон Русија“

Борис Георгиевски22 мај 2015

Никола Ќурчиски е докторанд на Руската Претседателска Академија во Москва и работи во тамошниот Центар за ресурсна економија. Во разговор за Дојче Веле го објаснува засилениот руски интерес за Македонија

https://p.dw.com/p/1FTd4
Фотографија: MIA

ДВ: Г-не Ќурчиски како ги толкувате изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и соопштенијата од руското МНР во однос на политичката (прислушувањето) и безбедносната (Куманово) криза во Македонија?

Русија има легитимно право да го брани својот интерес на Балканот, како што тоа го прават другите светски сили. Прашањето е, зошто токму сега, кога претходно не беа активни за други исто така важни моменти за Македонија? Сега е моментот, кога поволно се наместија ситуациите за Москва. Прво, македонската Влада бара поддршка од Москва, тоа се гледа по изјавата на Лавров дадена при посетата на Србија. Второ, геополитичкиот контекст во кој се наоѓа Русија многу и одговара да реагира во врска со кризата во Македонија во овој момент, правејќи паралела дека протестите во Македонија се организирани од истите оние кои го организираат „Мајдан“ во Украина и Арапската пролет. Меѓутоа, кај нас немаше докази дека други ги организираат протестите, туку луѓето по своја волја излегуваат да го искажат своето незадоволство од моменталната власт. Рускиот медиумски сектор ќе ја употреби ситуацијата во Македонија како уште еден аргумент во нивната кампања против САД, дека всушност само произведуваат конфликти низ светот, а ништо не решаваат долгорочно. Изјавите на руското МНР за ситуацијата во Македонија, според мене се со цел да го зајакнат овој свој аргумент и преку официјален став на Москва и истовремено да прикажат дека даваат поддршка на македонската влада.

ДВ: По долги години молк, Москва им даде отворена поддршка на актуелните власти во Скопје. Од каде таа блискост меѓу Русија и владата на Никола Груевски?

Анализата треба да се прави од два аспекта. Првиот аспект е што добива Москва со ова, а вториот аспект е што добива Македонија, поточно што добива владата на Груевски. За да се добие одговор на ова прашање, потребно е да се погледне подлабоко во генезата на оваа постапка на Москва. Македонската влада ги продлабочува своите врски со Москва во момент кога ја губи поддршката од ЕУ и САД. Губењето на таа поддршка не е од сега, туку е од порано, сега само јавно го соопштуваат од ЕУ и САД. Ако се сеќавате, Ѓорѓе Иванов беше 3 пати во официјална посета на Русија во последните 2 години, што со ниту една друга држава не е случај, освен можеби некоја во соседството.

Позадината на сето ова според мене се наоѓа во заемната корист која би ја имале македонската влада и Москва. Во момент кога Груевски ја изгуби поддршката од САД и ЕУ, нему критично му фали поддршка од некоја светска сила, затоа и оди накај Русија, тој нема друг избор. Со тоа Груевски очекува дека ќе ги зајакне своите преговарачки позиции и дека Москва ќе застане силно позади него, што јас лично не очекувам, бидејќи Македонија не е од некое стратешко значење за Русија и нема некоја традиција на блиски односи. Москва силно застана зад Башар Ал Асад во Сирија, но таму Русија има стратешки интереси, имаат своја воена база, долгогодишна блиска соработка на воен и политички план, извезуваат оружје итн. Од друга страна Москва ќе ја искористи ситуацијата за „ПиАр“ цели кои што ги опишав во претходното прашање. Не очекувам дека Москва ќе застане силно зад Груевски, бидејќи тој е сериозно компромитиран со снимките кои ги објави опозицијата. Москва во овој моментот се уште дава поддршка на легалната власт во Македонија.

Russland Mazedonien Nikola Kjurchiski
Никола ЌурчискиФотографија: privat

ДВ: Кој е интересот на Македонија за поблиски односи со Русија во таква меѓународна констелација?

Македонската Влада сака да се приближи кон Москва, не поради некои стратешки планови кои ги гради со Москва, туку поради тоа што ја изгуби поддршката од ЕУ, претходно. Впрочем, погледнете ја изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски од 16.05. дадена во интервјуто за Асошиејтед Прес, каде директно ја обвинува ЕУ за сегашниот ќорсокак во кој се наоѓа Македонија. Инаку декларативно македонската Влада се залага за влез во ЕУ, но од таму одамна увидоа дека суштински не е баш така.

Москва ги прочита овие јасни пораки од владата во Скопје и затоа ја става Македонија во својата дневна агенда. Веќе сме сведоци како на нивните медиуми се пласира тезата дека САД организира нов „Мајдан‘‘ во Македонија, за да ја сопре изградбата на „Турски тек“. Оваа стратегија на Москва веќе дава резултати, се повеќе земји почнуваат да се вртат кон Русија и БРИКС, бидејќи се појавува сомнеж кај нив дека она што го кажува Русија за униполарната, монополистичка улога на САД, всушност е точно. Веќе се понагласено е и во западните медиуми тоа дека Обама ги губи пријателите, за сметка на Русија. Исто така јасно и е на Москва, дека доколку Груевски успее да ја преброди оваа политичка криза, ќе мора во тој случај да соработува многу поблиску со Москва, бидејќи ќе биде изолиран од „Западот“.

ДВ: Забележлив е засилен третман на Македонија и во руските пропагандни медиуми (Раша Тудеј, Спутњик). Се објавуваат разни теории на заговор околу протестите против Груевски и опасноста од „Голема Албанија“. Која е целта на оваа медиумска кампања и дали е тоа некаква најава за идно засилено руско медиумско присуство во Македонија?

Како што кажав претходно, според мене главната цел на Москва е токму медиумската кампања што ќе ја направи со случајот во Македонија. Ќе се обидат да покажат дека САД стојат зад ова сценарио и да направат паралела со другите вакви слични настани. Според мене, мали се шансите Москва да интервенира со нешто повеќе од изјави на официјални лица и медиумска покриеност, за случајот во Македонија.

Да, може да се очекува поголема присутност на руските медиуми на Балканот, одамна го спремаат тој проект, требаше дури да има и Russia Today на српски, но не знам до каде стигнаа. Мислам дека Москва увиде дека има многу поголема поддршка на Балканот од тоа што мислеше, особено од словенските земји. Моето 3 годишно искуство тука во Москва ми укажува дека претходно мислеа дека немаат толкава поддршка. Ако се присетиме, Југославија и СССР немаа секогаш блиски односи, баш напротив на моменти беа доста заладени. Останатите земји од поранешниот Советски лагер (Бугарија, Романија и Унгарија), сега се членки на ЕУ и НАТО, но сепак и кај нив е забележителна поддршката која ја добива Русија и покрај сугестиите од ЕУ, најдобар пример за тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој дури и потпиша договор со Газпром за изградбата на „Јужен тек“, без согласност на ЕУ. Новиот грчки премиер Ципрас, отворено ја критикува ЕУ за политиката на санкции кон Русија и токму пред еден месец беше гостин на Путин во Москва. Секако дека после ваков развој на настаните, логично е да се очекува Москва да го зголеми своето медиумско присуство на Балканот.