Заев ѝ го украде „шоуто“ на Антикорупциска
15 февруари 2019Како „огнено крштевање“ на неодамна избраната Државна комисија за спречување корупција (ДКСК), се наметна очекувањето таа да постапува за десетина обвинувања за непотизам при вработувањето на членови на семејствата на избрани или именувани функционери од власта. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, пред два дена потврди дека по нивна иницијатива ќе ги истражуваат последните вработувања на лица блиски до функционерите.
„Ќе побараме да ни ја достават целокупната документација од спроведените постапки за вработувањата. По истражувањето и анализата јавноста ќе биде запознаена со наодите“, најави Ивановска.
Таа потенцираше дека институциите треба да ги зголемат контролите, да ги утврдат процедурите за избор на кандидати и критериумите што ќе обезбедат вредност.
„На крајот на краиштата, секој има право да конкурира. Но дали ние ги сакаме најдобрите? Да. Ги сакаме најдобрите, а не роднините. Не треба да страда некој бидејќи е нечиј роднина, но треба да знаеме дека сме го избрале најдобриот“, потенцираше Ивановска.
Критики има, претставки нема
Но, можно е ДКСК да остане „без работа“ во однос на овие случаи. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во изминатите два дена најавуваше дека случаите на вработувања на членови на семејства на функционери од власта ќе бидат повлечени по барање на премиерот Заев.
„Премиерот Заев ќе ги повика сите оние кои се инволвирани во овие, да кажам, сомнителни случаи. Некаде има основа, некаде нема, но сепак да се повлечат од нивните позиции, со цел да ја прекинеме оваа практика што цела деценија е воспоставена во Македонија, и за жал и сега ни создава проблеми“, изјави вчера Манчевски.
Ова е мал пресврт во третманот на темата, со оглед дека неколку дена претходно на обвинувањата за непотизам Манчевски имаше друг одговор: „Десет години членовите и симпатизерите на СДСМ биле најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата?“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве на прес-конференции објавува имиња на нововработени синови, ќерки, сестри и родители на актуелни функционери.
„Ова веќе не е непотизам. Ова е епидемија од непотизам“, критикува опозицијата.
И покрај критиките, претседателката на ДКСК обелодени дека досега не добиле ниту една претставка за споменатите вработувања, што секако не ја спречува Комисијата самата да истражува.
Повеќе:
Перцепцијата за корупција повторно ја закова Македонија на европското дно
Нејасна правна форма
Раководителите во претпријатијата кои беа посочени како „легла“ за вработување на роднини на функционери, до синоќа не беа се недостапни да одговорат дали некои од посочените се повлекол од работното место. Но, ова не е единствената непознаница. Што значи најавата дека „премиерот ќе ги повика споменатите да се повлечат?“ Дали тој повик е обрзувачки и врз каква основа? И што ако лицата сметаат дека не треба да се повлечат од работните места?
Ова се дел од прашањата што ги поставуваат граѓаните, но јасни одговори за начинот на кој тоа би се реализирало, немаат ни оние кои се занимавале со антикорупциски политики.
„Тоа е политички став на власта кон една состојба која е оценета како несоодветна“, вели Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на ДКСК.
„Не ми е јасно како ќе се реализира, бидејќи не е јасна правната форма и механизмот кој ќе се искористи за санирање на таа состојба. Тој што засновал работен однос можеби ќе искористи правни средства за опонирање на ваквиот повик. Може и да води спор ако се поништи изборот. Според тоа, ваквиот повик може да се реализира исклучиво на доброволна основа од страна на нововработните и во координација со нив“, вели Малиновски.
Тој ја поздравува најавата на министерот Манчевски дека се планира воспоставување на процедури, регулативи и механизми за спречување на непотизам при вработувањето.
Манчевски вчера најави ново законско решение со кое ќе се промени и начинот на вработување на менаџерски и раководни позиции.
„За сите оние кои се на ниво под заменик-министер и над раководител на сектор, значи на раководните позиции - државен секретар, раководител на агенции, бироа, јавни претпријатија и така натаму, процесот на нивниот избор ќе го води независна комисија, во којашто мнозинството ќе го имаат членови кои не се од рамките на институциите. Значи нешто слично, но дури и чекор понапред од начинот на којшто се вршеше изборот на членовите на Државната комисија за спречување корупција: јавно транспарентно, отворено, пред камерите, пред очите на јавноста, каде што ние ќе бидеме во малцинство. Оваа комисија ќе има задача да прави евалуација, да ги бодува кандидатите и на Владата да ѝ доставува кратка листа од неколкуте најдобри“, најави Манчевски.